Станарката на замокот Вајлдфел (анг.The Tenant of Wildfell Hall) е втор и последен роман на англиската писателка Ен Бронте. Првпат бил издаден во 1848 година под псевдонимот Актон Бел. Како најшокантен роман напишан од сестрите Бронте, веднаш доживеал огромен успех. Меѓутоа, по смртта на Ен, нејзината сестра Шарлот не дозволила романот пак да биде објавен.

Романот е во форма на писмо напишано од Гилберт Маркам до неговиот пријател и зет во кое се опишани настаните при запознал својата жена.

Млада мистериозна вдовица и нејзиниот син пристигнуваат во Вајлдфел Хол, куќа во елизабетански стил. Таа се претставува под лажното име Хелен Грејам и наскоро станува жртва на локалните клеветења. Гилберт не сака да верува дека таа е поврзана со какви било скандали и ги открива нејзините мрачни тајни. Хелен во својот дневник пишува за физичкото и моралното пропаѓање на својот сопруг поради алкохолот, како и за развратниот и суров свет од кој побегнала. Оваа емотивна приказна за предавство е испреплетена со строга морална основа и е ублажена со вербата на Ен во универзално покајание.

Станарката на замокот Вајлдфел се смета за еден од првите феминистички романи. Во 1913 година, Меј Синклер изјавила дека трескањето на вратата на спалната соба пред носот на маж ѝ одекнувало низ Англија во викторијанскиот период. Со бегството од својот маж, не ги прекршува само социјалните конвенции, туку и англискиот закон.

Основна идеја

Во романот, некои делови од животот и од карактерот на братот на Ен, Бранвел Бронте, соодветствуваат со ликот на Артур Хантингдон. Тие се слични на три начина: добар физички изглед, сексуални авантури (пред аферата со г-ѓа Робинсон, се претпоставува дека Бранвел имал незаконско дете кое умрело на раѓање) и алкохолизмот.

Винифред Герин, биографот на сестрите Бронте, смета дека Вајлдфел Хол всушност е Понден Хол, фарма близу Стенбури во Западен Јоркшир, Англија. Тие имаат одредени архитектурни сличности: прозорци со ситни ромбоидни стакла, централна колонада од столбови со спомен-плоча. Линден-Кар, во чија близина се наоѓа Вајлдфел Хол, се наоѓа во Јоркшир. На северниот дијалект, Кар значи езерце, бара или ниско, калливо земјиште. Кај Линденхоуп, хоуп значи мала, окружена/опколена долина.

Содржина

Романот е поделен на три тома:

Прв дел (1-15 поглавје) во кој Гилберт Маркам раскажува за пристигањето на мистериозната вдовица Хелен Грејам во стариот замок Вајлдфел Хол. Госпоѓа Грејам и нејзиниот син Артур, како извор на љубопитност во малото село, полека навлегуваат во друштвените кругови. Гилберт Маркам претходно се додворувал на Елајза Милворд иако мајка му смета дека може да си најде подобра. Откако ќе ја запознае госпоѓа Грејам, се помалку се интересира за Елајза. За да се одмазди, Елајза шири (најверојатно и измислува) скандалозни гласини за Хелен.

Поради многуте гласини, Гилберт верува дека неговиот пријател, господин Лоренс, се додворува на госпоѓа Грејам. Сретнувајќи се случајно, љубоморниот Гилберт со камшик го удира Лоренс при што тој паѓа од коњот. Не знаејќи за ова, Хелен одбива да се омажи за Гилберт, но му ги дава своите дневници кога тој ќе и рече дека е вљубена во Лоренс.

Вториот дел (16-44 поглавје) ги опфаќа дневниците на Хелен и раскажува за нејзиниот брак со Артур Хантингдон. Згодниот и духовит Хантингдон истовремено е и разгален, себичен и хедонист. Пред да се ожени со Хелен, Артур Хантингдон глертува со Анабела. Флертот го користи за да манипулира со Хелен и ја убедува да се омажи за него. Хелен, заслепена од љубов, се мажи за него и нежно убедувајќи го, се обидува да го преобрази. По раѓањето на нивниот син, кој исто така се вика Артур, Хантингдон станува се пољубоморен на него и на вниманието и наклонетоста на Хелен кон него.

Хантингдон и неговите развратни пријатели често се впуштаат во пијани веселби во Грасдејл. Мажите и жените кои присуствуваат на овие веселби се деградирачки, додека лејди Анабела Лоубороу е прикажана како неверна сопруга на својот потиштен, но посветен маж. Волтер Харгрејв, братот на пријателката на Хелен, Милисент Харгрејв, се обидува да ја придобие наклонетоста на Хелен. Иако не е див како неговите врсници, Волтер е непожелен додворувач. Хелен ја забележува неговата ненаситност, која ја открива за време на партија шах. Волтер ѝ открива на Хелен дека Артур има афера со лејди Лоубороу. Кога друштвото на Артур ќе се распадне, тој отворено копнее по својата љубовница и ја исмејува жена си.

Однесувањето на Артур кон нивниот син, учејќи го да пие и пцуе уште како мал, ја прелива чашата. Хелен планира да избега со синот, но Артур дознава за нејзиниот план од нејзиниот дневник и ги спалува нејзините алатки за цртање (со кои таа планирала да заработува за живот). Сепак, со помошта на брат ѝ, Хелен се засолнува во Вајлдфел Хол.

Третиот дел (45-53 поглавје) започнува откако Гилберт ќе ги прочита дневниците на Хелен. Таа му вели на Гилберт да ја остави бидејќи не може да се мажи. Тој се согласува и наскоро дознава дека отишла во Грасдејл бидејќи дознала дека Артур е сериозно болен. Помошта на Хелен е залудна. Хантингдон умира во болки, исплашен од тоа што допрва го чека. Хелен не може да го утеши бидејќи тој одбива да преземе одговорност за своите дела. Наместо тоа, тој посакува таа да „дојде со него“ и да се моли за неговото спасение.

По една година, до Гилберт стигнуваат гласини дека Хелен ќе се мажи. Распрашувајќи се, дознава дека всушност господин Лоренс (со кој повторно е во добри односи) ќе се жени со пријателката на Хелен, Естер Харгрејв. Гилберт го посетува Грасдејл и дознава дека Хелен е богата и дека се преселила на својот имот во Станинглеј. Тој заминува за Станинглеј, загрижен бидејќи Хелен сега е на повисоко ниво од него. Пристигнува пред нејзината куќа и се двоуми дали да влезе внатре кога случајно ја среќава заедно со нејзината тетка и синот Артур. Хелен и Гилберт се помируваат и се венчаат.

Ликови

Хелен и нејзиното семејство

Хелен Лоренс Хантингдон или госпоѓа Грејам (Грејам е моминското име на мајка ѝ) – главен лик во романот и станарката на замокот Вајлдфел Хол во кој е родена таа и нејзиниот брат. По смртта на мајка ѝ, Хелен отишла да живее во Станинглеј со вујна ѝ и вујко ѝ, додека нејзиниот брат Фредерик останал со татко ѝ. Артур Хантингдон – синот на Артур Хантингдон и Хелен кој многу личи на вујко си Фредерик. Оваа сличност била причина за многу озборувања. Господин Максвел – богатиот вујко на Хелен. Пеги Максвел – вујната на Хелен која се обидела да ја убеди да не се мажи за Хантингдон. Фредерик Лоренс – братот на Хелен кој ѝ помага да побегне од Хантингдон и ѝ позајмува пари за да може повторно да слика.

Хантингдон и неговите пријатели

Артур Хантингдон – мажот на Хелен кој е алкохоличар и ја малтретира. Тој претставува лик од делата на Бајрон кој е многу привлечен и има многу морални слабости. Сепак, кога ќе се разболи (сериозно ќе ја повреди ногата при пад од коњ во пијана состојба), Хелен ќе се врати во *Грасдејл за да се грижи за него. Се претпоставува дека неговиот лик е создаден според Бранвел. Анабела Вилмот; Лејди Лоубороу – љубовницата на Артур Хантингдон. Таа е храбра, многу убава и сака да флертува, но нејзината неверност и развратност ја доведуваат до самоуништување. Лорд Лоубороу – пријател на Артур и маж на Анабела. Тој е рамнодушен и верен човек кој искрено ја сака Анабела и страда поради нејзиното неверство. Ралф Хетерслеј – пријател на Хантингдон и маж на Милисент. Се оженил со неа само затоа што сакал молчелива жена која ќе му дозволува да прави што сака без да приговара и да се жали. Често ја малтретирал. „Понекогаш помислувам дека нема чувства и продолжувам да ја малтретирам сè додека не заплаче – и тогаш сум задоволен“ – и рекол на Хелен. Подоцна се преобразува во грижлив сопруг и татко. Гримзби – пријател на Артур кој ги мрази жените. Му помага на Артур да ја прикрие аферата со Анабела.

Жители на фармата Линден-Кар

Гилберт Маркам – дваесетичетиригодишен фармер кој е раскажувач во романот. Иако е претставен како херој, кај Маркам се забележуваат неговите несовршености како што се љубомората, нерасположеноста и бесот. Фергус Маркам – помал брат на Гилберт. Весел и духовит човек. Кога Гилберт ќе се пресели кај Хелен во Станинглеј, му ја остава на Фергус фармата Линден-Кар. Роуз Маркам – паметна и убава девојка. Таа е помала сестра на Гилберт и пријателка на сестрите Милворд. Госпоѓа Грејам – мајката на Гилберт, која му се восхитува на свештеникот Милворд и на неговите гледишта.

Жители на фармата Рајкот

Џејн Вилсон – пријателка на Елајза Милворд. Таа е интригантка која се обидува да го заведе Фредерик. Кога Фредерик ќе дознае од Гилберт за нејзината омраза кон Хелен, става крај на нивната врска. Ричард Вилсон – брат на Џејн. Ја продолжил работата на свештеникот Милворд во Линденхоуп и подоцна се оженил со неговата ќерка, обичната и непривлечна Мери. Роберт Вилсон – брат на Џејн и Ричард, фармер со селски манири. Госпоѓа Вилсон – мајката на Џејн, Ричард и Роберт која е озборувачка исто како ќерка ѝ.

Жителите на Викараџ

Елајза Милворд – една од ќерките на свештеникот, пријателка на Џејн и озборувачка како неа. Гилберт флертува со неа пред да ја запознае Џејн. Мери Милворд – постара сестра на Елајза и нејзина целосна спротивност. Таа е непривлечна, молчелива, чувствителна девојка која е домаќинка и слугинка во куќата. Татко ѝ ја почитува и цени; кучињата, мачињата, децата и сиромашните ја сакаат, а сите други ја омаловажуваат и запоставуваат. Свештеникот Мајкл Милворд – татко на Елајза и Мери. Тој е човек со утврдени принципи, силни предрасуди и навики. Смета дека секогаш е во право и човекот кој не се согласува со него сигурно е неук или заслепен.

Жителите на Гроув

Волтер Харгрејв – пријател на Артур. Тој многу ѝ се додворувал на Хелен додека таа сè уште живеела со сопругот. Анабела Вилмот му е братучетка. Милисент Харгрејв – сестра на Волтер и блиска пријателка на Хелен. Кротка и смирена девојка. Се омажила за Ралф против своја волја, но со текот на времето и со преобразбата на Ралф, се вљубуваат еден во друг. Естер Харгрејв – помала сестра на Милисент и Волтер и пријателка на Хелен. За разлика од нејзината сестра, таа е храбра, весела и независна. Подоцна, се мажи за Фредерик, братот на Хелен. Госпоѓа Харгрејв – мајката на Волтер, Милисент и Естер. Таа е скржава и бескрупулозна жена која го обожава син ѝ и се обидува што побрзо да ги омажи ќерките.

Други ликови

Господин Борхам – еден од додворувачите на Хелен пред нејзиниот брак. Сепак, Хелен ја одбива неговата понуда за брак бидејќи води здодевни разговори и премногу се разликува од неа. Таа исто така сака да го спелува неговото име како Bore’em што значи досада. Господин Вилмот – вујко на Анабела Вилмот и додворувач на Хелен која смета дека е никаквец. Рејчел – слугинка и пријателка на Хелен и нејзиниот син. Таа се грижела за Хелен уште од нејзиното раѓање. Алис Мајерс – невешта гувернанта на малиот Артур и љубовница на Хантингдон. Бенсон – слуга во Грасдејл. Тој ја сожалува Хелен и ѝ помага да избега. Џек Халфорд – селски благородник, маж на Роуз Маркам и примач на писмото на Гилберт.

Хронолошки приказ

Романот го опфаќа периодот помеѓу регентството и викторијанството.

1793 – раѓањето на Артур Хантингдон 1803 – раѓањето на Хелен Лоренс во Вајлдфел Хол; раѓањето на Гилберт Маркам 1821 – започнува дневникот на Хелен (1 јуни). Таа се враќа од престојот во Лондон каде го запознала Артур; венчавката на Хелен и Артур 1822 – раѓањето на малиот Артур во Грасдејл (25 декември) 1824 – Хелен дознава за аферата на Артур и Анабела (7 октомври) 1827 – Хелен бега во Вајлдфел Хол со Рејчел и малиот Артур (24 октомври) 1828 – Хелен се враќа во Грасдејл за да се грижи за болниот Артур (4 ноември); Артур умира (5 декември) 1830 – венчавката на Гилберт и Хелен (август) 1847 – Гилберт го завршува своето писмо до Џек Халорд (10 јуни)

Теми

Алкохолизам