мини|250п|десно|Селото П’пли, Егејска Македонија, 1963 година. Историјата на селото П’пли започнува од 8 век, односно со создавањето на самото село. П’пли е леринско село во Егејска Македонија, Грција каде што во текот на граѓанската војна во Грција (1946-1949 година), со поразот на Демократската Армија на Грција (ДАГ), се случува и егзодусот со што целото македонско население е приморано да ги напушти своите домови и да бара прибежиште во поранешните социјалистички држави.
Потекло на името
Како селото го има добиено името не е точно познато. Според полскиот истражувач Пјанка кој со неговото истражување доаѓа до основни значења на зборот за името на селото (се мисли за времето на османлиското владеење), односно тој дознава дека селото се издигнувало паралелно со другите долнопреспански села и зборот значел „папок“ или, пак, папочно врзани за споменатото село. Од постарите жители се говори дека во времето на Цар Самуил во селото П’пли постоел образовен институт во кој се вршело подготовки за свештени лица, односно попови, и од зборот „поп“ се добило името „Попли“ или „П’пли“ на месниот дијалект.
Селото П’пли од страна на турските власти припаѓало на нахијата Преспа, „хас на нишанџи“, везир Мехмед-паша во "Горичката Каза", кое уште од 16-от век било запишано како П’пли.
Со доаѓањето на Грците во тој дел на Македонија и со присилната промена на топонимите и имињата на селата и градовите, селото П’пли од тогашниот грчки режим било преименувано во „Левкон“, што по нивниот јазик значи „Тополчани“ или „Белчиште“, односно место на кое има голем број на тополи (според сеќавањето на старите П’плени, ова село во минатото било обраснато со големи тополи).
П’пли и П’плени во периодот на турското владеење, 1317 до 1912 година
Со спроведените реформи во турската империја била дадена гаранција кон поробениот народ дека ќе им се подобрат условите за живот. Меѓу првите права што биле предвидени да ги добие народот били и правото на словодна вероисповед како и поправка и градба на верски објекти (цркви и манастири). Христијанското население од преспанската околија ги искористиле овие права и во првата половина на 19 век, со помош на младата Македонска буржоазија, во скоро сите Македонски села биле подигнати православни духовни храмови. Покрај православните верски храмови, селаните имале шанса да ги обноват своите дотогашни живеалишта и да ја доведат до израз таканаречената градска архитектура. И до денешен ден се зачувани некои од градбите во Лерин, Костур, Воден и други градови.
Во втората половина на 19 век започнала на повисоко ниво да созрева националната свест на Македонците од Егејските села, па така и кај селаните од селото П’пли кое спаѓало помеѓу понапредните населби во кои животот се менувал и збогатувал. Сепак, уште од почетокот на 17-от век отоманската империја на голема мера започнало да слабее и опаѓа што им дало шанса на агите и беговите да го искористуваат народот и да ги опустошуваат селата од Егејска Македонија, меѓу кои и селото П’пли. Со укинувањето на Охридската Архиепископија во 1767 година македонските села доаѓаат под власт на грчката патријаршија. Иако вложиле големи напори тие не успеале во целост да ја извршат планираната асимилација врз македонскиот народ во селото П’пли.
Илинденско востание мини|200п|лево|Васил Арнаутовски од село П’пли, учесник во Илинденското востание. мини|120п|десно|Филип Наумов - Ангеловски од село П’пли, учесник во Илинденското востание. мини|180п|десно|Ѓорги Ангеловски од село П’пли, учесник во Илинденското востание. За подготовките на Илинденското востание во Преспа, посебна заслуга имаат познатите војводи Славејко Арсов од Штип, Никола Кокарев од селото Царев Двор, Велјан Илиев од селото Смилево, Даме Маслановски од П’пли, Спиро Миовски, исто така, од П’пли кој воедно бил и селски војвода, Ангел Андреев од селото Рудари, Наум и Петре Германчето од Герман и други востанички раководители и селски војводи. Првата чета на триесетина комити што се појавила во селото П’пли била четата на Митре Панџаров - Влаот од селото Кономлади која во пролетта 1901 година, тајно за првпат го посетила селото.
Филип Ангеловски кој бил вклучен во организирањето на селаните од П’пли во една прилика изјавил:
Таа бројка подоцна била зголемена на педесетина востаници кои своите активности ги вршеле илегално и селективно е вршеле подготовки за престојното востание. Првите лица од селото П’пли кои ги дале своите животи во текот на востанието за слободата биле Даме Маслановски, Стојан Колев, Васил Кочовски, Крстин Пошковски меѓу кои имало и голем број на ранети и малтретирани селани. Споменатите жртви и бројните учесници во славното востание говорат за тоа дека и селото П’пли било од оние села во кои учеството во востанието било со масовен карактер. Излегувајќи на страна од темата за Илинденското востание битно е да се напомене и дека учесници во Кресненското востание од П’пли биле Ангел Христов, Димитрија Стерјов, Петре Павлев и Стефо Немачко.
Борбите со аскерот во селата П’пли и Штрково
Штабот на ресенскиот револуционерен реон, веста за востанието ја примил во месноста Водици на Љубојнската планина. Таа всушност била нареба за едновремено започнување на вооружените акции на 2 август. Затоа, Андреев и Кокарев се зафатиле со итно изработување на планот за нејзиното спроведување. Според планот, акцијата требало да се избрши на 2 август вечерта. Целта на акцијата била заземање на преспанското село П’пли. Во селото П’пли, покрај стационираниот гарнизон со околу 60 војници, живееле и голем број експлоататори чиј терор го чувствувало населението од сите соседни села. Овие сознанија биле пресудни за реонскиот штаб да се определи за напад на селото П’пли. Во акцијата требало да учествуваат околу 200 востаници и вооружени луѓе од сите соседни села. Од тие причини било неопходно д асе побара помош од војводата Коте чие влијание во Преспа било особено силно. Преговорите за соработка започнале, но Коте наговорил околу шеесетмина селани од селата Бесвина, Буковик, Дреново, Л’к и Оровник (кои се наоѓаат јужно од селото П’пли) да не учествуаат во акцијата. На тој начин планираниот напад на 2 август вечерта 1903 година, не се реализирал.
Исправен пред овој вонредно тежок проблем, реонскиот штаб немал друг избор освен да направи повторен обид за Коте да се придобие. Знаејќи ја неговата наклонетост кон грабежи, штабот му ветил дека пленот што ќе го освои нема да му биде одземен. Тоа бил поттик за овој само наречен „војвода“ кој постојано и задавал проблеми на организацијата, дефинитивно да се согласи и да земе учество во нападот. Во овие преговори со Коте поминале цели осум дена.
Со околу 100 луѓе Коте пристигнал на 9 август, пред стемнување, на зборното место каде што го чекале Ангел Андреев со својата чета. Тука биле извршени последните договори за акцијата и некаде во првиот мрак селото П’пли било целото опкружено со востаниците. По налог на штабот бил направен напад за аскерите да се предадат да не би настрадало цивилното население. Меѓутоа селскиот чорбаџија Рустем, на оваа понуда одговорил негативно. Тој им порачал на востаниците дека на „Христијани теслим не се чини“ (со христијани договор не се прави). Овој одговор бил повод да биде дадена команда за изведување на јуришот од востаниците, односно се разнело громогласното „УРА“. Селото брзо паднало во рацете на востаниците, но аскерот заедно со турското население, повлекувајќи се низ борба, се забарикадирал во десетина, една до друга, куќи кои биле изградени од камен. Од таму непријателот давал жесток отпор. Тогаш, како што истакнува во своите спомени Ангел Андреев, востаниците започнале со петролеј да ги опожаруваат сите куќи по ред при што во високи пламени вивнал целиот крај.
Оваа акција во која загинале тројца востаници, а седуммуни биле ранети, траела цела ноќ помеѓу 9 и 10 август и во текот на целиот ден на 10 август, т.е близу 24 часа. По заземањето на селото П’пли во кое како оаза останале забарикадираните непријатели, бил запленет поголем број грла добиток. Андреев го задржал за себе коњот на чорбаџијата Рустем, а Коте коњот на папаџијата Сулејман ефенди.
На 17 август, Коте решил да се повлече со своите луѓе. Тој земал со себе над илјада овци и околу 600 грла говеда и тргнал кон селото Штрково . Два дена подоцна неговата чета, во која останале 80 луѓе, случајно се сретнала со поголема аскерска единица близу селото. По кратка, но жестока престрелка, Коте бил опкружен. Кога ја разбрале веста за тоа, на помош пристигнале и востаниците од селото П’пли и по еден силеn напад му овозможиле на Коте да се извлече од обрачот. Четата што го пробила обрачот броела околу 30 луѓе кои биле добри борци. Во оваа борба паднале тројца востаници, а четворица биле ранети. За разлика од борбата во селото П’пли, непријателот тука имал само една жртва помалку. Додека при заземањето на селото загинале 12 востаници, во борбата кај Штрково биле убиени 11 аскери. Додека се водела оваа борба во Штрково, Пенчо со својата десетчлена чета го повел населението од селото Рудари во соседната планина. Оваа постапка се должела на постоечкиот страв од евентуална одмазда бидејќи разлутениот аскер, а особено башибозуците, биле подготвени да преземат и најсурови мерки. Сите тие се упатиле кон западните високи ридови. Селаните се вратиле во своите домови дури во доцните вечерни часови по сознанието дека аскерот „не скршнал“ кон нивното село.
Откако востаниците ги закопале своите загинати другари, Коте и понатаму останал во атарот на селото Штрково, војводата Пенчо тргнал некаде на север, а Андреев со своите луѓе се вратил во селото П’пли. Тие таму зазеле позиции во очекување на аскерот и на 23 август, од север, надошла една многубројна единица од 800 аскери. Андреев видел дека неговата чета од околу 30 востаници тешко ќе може да се спротивстави на ваквата непријателска сила и без борба се повлекол кон планината. Непријателот влегол во селото П’пли и откако ги ослободил неколкуте Турски фамилии што биле забарикадирани во камените куќи, заедно со нив, се вратил во селото Наколец. Веднаш потоа востаниците повторно слегле во селото и ги доопожариле сите куќи.
Со востанието не е добиена очекуваната слобода, напротив, ропството продолжило. Оваа новонастаната ситуација по големиот не успех на востанието ја искористиле соседните држави и со големи апетити се нафрлиле врз Македонија со свои вооружени чети сè со цел да подготват терен за поделба на Македонија. Животот станал се потежок и понеиздржлив. Повторно почнуваат прогони, масовни интернирања и малтретирања на селското население. Методите по кои работеле биле многу јасни, да се задржи секаков отпор, влевање страв кај мирното население и да се откорени вербата за слобода.
Печалбарството и П’плени мини|200п|десно|Алексо Тутуновски (втор од десно), син на Гоче Тутуновски, со неговото семејство. Со задушувањето на Илинденското востание, селото П’пли во целост било изгорено. Ваквата тешка положба ги принудила П’плени да побараат спас во големите држави преку океанот како би обезбедиле егзистенција за своите семејства. Овој крај до ден денес има голема традиција за одење на печалба. Печалбарството во овие преспански краишта датира уште од почетокот на 17 век.
Повеќето печалбари од селото П’пли ги искажале своите способности како општи работници во тешката индустрија, во железницата за пробивање на нови железнички пруги, исто така, работеле во каменоломи, во дрвната индустрија и по големите ниви насадени со памук и пченка како наемници.