мини|250п|Венецијански трговец „Венецијанскиот трговец“ — трагикомедија на Вилијам Шекспир за која се смета дека била напишана помеѓу 1596 и 1598 година. И покрај тоа што е класифицирана како комедија во Првото фолио и поседува одредени одлики на другите романтични комедии на Шекспир, оваа драма веројатно е најзапаметена по своите драматични сцени и по ликот на Шајлок и по познатиот говор „Нема ли Евреинот очи“.

Ликови Во драмата настапуваат следниве ликови: Антонио — трговец од Венеција Басанио — пријател на Антонио, вљубен во Порција, и нејзин додворувач Грацијано, Соланио, Саларино, Салерио — пријатели на Антонио и Басанио Лоренцо — пријател на Антонио и Басанио, вљубен во Џесика Порција — богата наследничка Нериса — помошничка на Порција Балтазар — слуга на Порција Стефано — слуга на Порција Шајлок — богат Евреин, лихвар, татко на Џесика Тубал — Евреин, пријател на Шајлок Џесика — ќерка на Шајлок, вљубена во Лоренцо Ланселот Гобо — слуга на Шајлок и на Басанио Стариот Гобо — татко на Ланселот Леонардо - слуга на Басанио Дуждот од Венеција — венецијански владетел кој претседава со судскиот процес Принцот од Мароко — додворувач на Порција Принцот од Арагон — додворувач на Порција Благородници од Венеција, службеници од Судот на правдата, чувар на затворот, слуги на Порција, и други присутни

Иако главниот лик во драмата е трговецот Антонио, а не Евреинот и лихвар Шајлок, сепак Шајлок е највпечатливиот и најславен лик од драмата. Ова јасно се прикажува и на насловната страница на првото кварто: „Најславната приказна за Венецијанскиот трговец.Со невидената суровост на Евреинот Шајлок кон споменатиот трговец, и сечењето на фунта од неговото месо: како и освојувањето на Порција со избирањето на еден од трите ковчежиња.“

Содржина Прв чин Во 14 век, Венеција била еден од најбогатите градови во светот. Меѓу најбогатите трговци во овој град е Антонио. Басанио, млад и благородник кој го потрошил својот имот, сака да отпатува за Белмонт за да ѝ се додворува на убавата и богата наследничка Порција. Тој го моли својот пријател Антонио, кој претходно постојано го спасувал од незгоди, да му даде три илјади дукати кои му се потребни да ги финансира своите тримесечни патни трошоци како додворувач. Антонио се согласува, но ги нема парите во готово, зашто неговите бродови и добра пловат по морето. Ветува дека ќе го покрие заемот доколку Басанио најде лихвар, па така, Басанио му се обраќа на Евреинот лихвар Шајлок и го назначува Антонио како жирант на заемот. Шајлок го мрази Антонио поради неговиот антисемитизам, прикажан преку сцената во која го навредува и го плука Шајлок само поради тоа што бил Евреин. Од друга страна, Антонио ја нарушува лихварската работа на Шајлок со тоа што позајмува пари без камата. Шајлок предлага еден услов за заемот: доколку Антонио не е во можност да ги врати парите на договорениот датум, тој да земе фунта од месото на Антонио. Басанио не дозволува Антонио да прифати еден толку ризичен услов, но Антонио го потпишува договорот. Со парите в рака, Басанио заминува за Белмонт со неговиот пријател Грацијано, кој се нуди да го придружува. Грацијано е допадливо момче, но е често непромислен, дрдорлив и непристоенж.Вилијам Шекспир, Венецијански трговец. Скопје: НУ Драмски театар - Скопје, 2017.Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 1-27.

Втор чин Во меѓувреме во Белмонт, Порција е преплавена од додворувачи. Нејзиниот татко ѝ оставил тестамент во кој наведува дека секој нејзин додворувач мора да го избере вистинското ковчеже од трите ковчежиња - златно, сребрено и оловно. Доколку го избере вистинскот ковчеже, додворувачот ја добива Порција, а доколку изгуби, мора да си замине и да не ѝ предложи брак на некоја друга жена. Првиот додворувач, луксузниот и опседнат со пари Принц од Мароко, го одбира златното ковчеже, затоа што според него оловното порачува: „Ме одбра ли на коцка ставаш сè“, а тој не сака да ризикува ништо за олово, „Ме одбра ли, што заслужи ќе имаш“ на сребреното звучи како покана за мачење, но „Кој мене ќе ме одбере, ќе има што мнозина го бараат цел живот“ јасно тврди дека оној којшто ќе го одбере златното ќе ја добие Порција. Внатре во ковчежето има неколку златни парички и череп со свиток на кој е напишан познатиот стих „Не е злато сè што свети/ тоа еден ли го сетил/ еден ли го скршил вратот/ да награба торба злато!/Во златен гроб црвен лази./ Ти, што се пред себе газиш/ да си мудар, колку смел,/ умен како старец бел,/ но со таа машка снага/ не би нашол ниту трага ти од овој студен збор/ збогум сега створе ќор!“

Вториот доворувач е вообразениот Принц од Арагон. Тој решава да не го одбере оловното ковчеже, затоа што е просто, не сака да го одбере златното затоа што во тој случај ќе го добие она што сите мажи го посакуваат, а тој сака да се разликува од толпата. Оттука, тој одлучува да го одбере сребреното, затоа што според него сребреното порачува: „Ме одбра ли, што заслужи ќе имаш“, што смета дека мора да е нешто извонредно, затоа што како резултат на неговиот егоизам тој се смета за извонреден. Внатре во ковчежето се наоѓа слика на дворски шут и бастун како и пораката „Но, што е ова? ...насликан портрет на лудак, што ми нуди лист и жмирка! Да прочитам!... на портретот: но тој по сенката што трча/ во сенка среќата ја губи./... Кај која сакаш жена седи/ но сегде ваков ум те следи.” — што значи дека било непромислено од него да мисли дека таков вообразенко како него може да биде вистинскиот сопруг за Порција, и дека секогаш бил будалетинка, и ќе остане будалетинка, а тоа што го одбрал сребреното ковчеже е само доказ дека е будалетинка.

Ланселот, слугата на Шајлок, преминува во служба кај Басанио. Истовремено, Грацијано, верниот другар на Басанио, бара да го земе со себе на патувањето во Белмонт. Џесика, ќерката на Шајлок, го користи отсуството на татко ѝ за да побегне со својот сакан Лоренцо, со намера да премине во христијанството при што со себе зема многу златници и накит. Малку подоцна, Шајлок го открива предавството на Џесика и испраќа луѓе во потрага по неа со цел да го врати украденото богатство. Во меѓувреме, во Белмонт, гласникот го најавува пристигнувањето на Басанио. Во меѓувреме, во Белмонт, гласникот го најавува пристигнувањето на Басанио.Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 28-64.

Трет чин Од различни страни пристигаат гласови дека бродовите на Антонио потонале, така што тој е принуден да прогласи банкрот. Последниот додворувач на Порција е Басанио, кој го одбира оловното ковчеже. Додека тој размислува кое ковчеже да го избере, слугите на Порција пеат песна во која се вели дека „копнежот“ (не вистинската љубов) „в очи се раѓа болките ги блажи, туѓиот поглед нејзе и е храна“. Навидум како одговор на оваа мала филозофија, Басанио вели, „Зар еднаш било - надворешноста да не личи на јатката ни толку! Се лаже светот со накитите“. На крајот на истиот говор, пред да го избере најмалку вредниот и најневпечатлив, Басанио вели, „О тебе те одбрав јас, бидејќи ти ме трогна со својата едноставност, а не со речитост;/ блаженството го чекам од твоја страна!“ Тој го прави вистинскиот избор и така ја добива за жена. Тогаш, Порција му дава прстен заколнувајќи го никогаш да не се откаже од него. Истовремено, Грацијано ја објавува својата љубов кон Нериса, слугинката на Порција. Тогаш, во Белмонт пристигаат Џесика и Лоренцо. Басанио добива писмо од Антонио и така дознава за неговата пропаст. Шајлок ги одбива сите барања да му прости на Антонио и бара извршување на договорот. Затоа, Басанио и Грацијано веднаш заминуваат за Венеција, со парите на Порција, за да го спасат животот на Антонио, нудејќи му пари на Шајлок. Џесика и Лоренцо остануваат во Белмонт, а без знаење на Басанио и Грацијано, Порција го испраќа нејзиниот слуга, Балтазар, по совет од роднината на Порција, Беларио, адвокат, во Падова.Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 65-99.

Четврти чин Кулминацијата во претставата се случува на дворот на Дуждот од Венеција. Шајлок ја одбива понудата на Басанио од 6.000 дукати, двапати поголема од сумата на заемот и притоа ја бара фунтата месо од Антонио. Дуждот, желен да го спаси Антонио, но неподготвен да постави опасен правен преседан преку поништување на договорот, го проследува случајот на посетителот кој се претставува како Балтазар, еден млад „доктор по правни науки“, кој со себе носи писмо со препорака до Дуждот од учениот адвокат Беларио. Тоа е, всушност, Порција преправена во „докторот“, а Нериса која ја придружува е всушност преправена во „помошник адвокат“. Порција, во улога на „Балтазар“, бара од Шајлок да покаже милост во познатиот говор („Под принуденост милосливост и нема, на земјава ко благ дожд таа паѓа од небото ко двоен благослов; а благослов е и за тој што дава, а и за оној што ја прима неа“) со кој бара ослободување од долгот, но Шајлок одбива. Така, судот мора да му дозволи на Шајлок да земе фунта месо. Шајлок му вели на Антонио да се „подготви“. Во тој момент, Порција предочува грешка во договорот: залогот му дозволува на Шајлок да земе месо, не и „крв“ од Антонио. Така, доколку Шајлок пролее само капка од крвта на Антонио, неговиот „имот и добра“ ќе бидат одземени согласно венецијанските закони. Поразен, Шајлок се согласува да ја прифати паричната понуда на Басанио за дадениот заем, но Порција го спречува да ги земе парите затоа што тој веќе ги одбил. Потоа цитира закон согласно кој Шајлок, како Евреин и со тоа „странец“, со обидот да одземе живот на еден граѓанин, треба да го предаде својот имот, половина на државата и половина на Антонио, а неговиот живот се става во рацете на Дуждот. Дуждот веднаш го поштедува животот на Шајлок. Антонио го бара својот дел сè до смртта на Шајлок, кога тој ќе биде префрлен на Лоренцо и Џесика. На барање на Антонио, Дуждот му ја ветува половината од имотот кој преминува во сопственост на државата, но за возврат, Шајлок е принуден да ја промени верата во христијанство и да состави тестамент (или да потпише документ со кој целокупниот негов имот го предава (подарува) на Лоренцо и Џесика. По завршувањето на судењето, Басанио не ја препознава својата маскирана жена, но му нуди подарок на божемскиот адвокат. Во прво време „адвокатот“ (Порција) одбива, но по неговото инсистирање, Порција го бара неговиот прстен и ракавиците на Антонио. Антонио ги дава своите ракавици без размислување, но Басанио го дава прстенот само откако го убедува Антонио. Нериса, како помошник адвокат, исто така успева да го поврати својот прстен од Грацијано, кој не ја препознава поради маската. .Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 100-128.

Петти чин Порција и Нериса се враќаат дома пред да пристигнат Басанио, Грацијано и Антонио. Тогаш, Нериса го прекорува Грацијано поради тоа што на помошникот на правникот му го дал нејзиниот прстен. Басанио признава дека и тој го направил истото со прстенот на Порција, но од неа бара прошка и разбирање. Дури тогаш, Порција и Нериса ја кажуваат вистината, откривајќи дека тие се правникот и неговиот помошник кои учествувале на судењето. Истовремено, Порција објавува дека бродовите на Антонио не потонале, туку безбедно пристигнале во пристаништата, а Нериса кажува за тестаментот на Шајлок во корист на Џесика.Вилјем Шекспир, Млетачки трговац (без место и дата), стр. 129-147.

Настанокот на делото Се верува дека „Венецијанскиот трговец“ е напишан помеѓу 1596 и 1598 година. Драмата била спомената од страна на Френсис Мерес во 1598 година, така што веројатно била поставувана на сцена дотогаш, а насловната страница на првото издание во 1600 година наведува дека била изведувана „многупати“ дотогаш. Споменувањето на бродот на Саларино „Андреа“ најверојатно алудира на шпанскиот брод „Св. Андреа“ заробен од страна на Англичаните во Кадис во 1596 година. Исто така, периодот 1596–97 се смета за доследен со стилот на драмата.