Пјер Корнеј (француски: Pierre Corneille) (, Руан, Франција – , Париз, Франција) - француски трагичар, еден од тројцата големи француски драматурзи на 17 век, заедно со Молиер и Расин. Со драмското творештво од речиси четириесет години, Корнеј се смета за „татко на француската трагедија“.
Животопис Корнеј е роден во францускиот град Руан, како син на Март ле Пезан де Буасуијбер (Marthe le Pesant de Boisguilbert) и Пјер Корнеј (Pierre Corneille). Тој потекнувал од службеничко семејство: дедо му бил правник, а татко му службеник во дирекцијата за шуми и води. Основното и средното образование ги стекнал во родното место, во прочуениот језуитски „Бурбонски колеџ“ (Collège de Bourboн), кој од 1873 година е познат како Lycée Pierre Corneille (Гимназија Пјер Корнеј). Притоа, Корнеј бил познат како надарен ученик, кој бил наградуван за убавите стихови составени на латински јазик. Потоа започнал да студира право, а дипломирал во јуни 1624 година, по што работел како адвокатски стажант во адвокатската комора во Руан. Сепак, поради недостигот на дарба за ораторство, Корнеј се откажал од адвокатурата, а неговиот татко му обезбедил место во Министерството за шуми и реки на Руан, каде останал на работа дури 21 година. И покрај заморната административна работа, Корнеј започнал да се занимава и со книжевна дејност. И покрај тоа што бил повлечен и срамежлив, младиот Корнеј редовно ги посетувал салоните и приемите кај познатите семејства во градот при што пишувал галантни стихови во чест на девојките. Притоа, Корнеј имал љубовна авантура: еден негов пријател се вљубил во некоја девојка, но немал смелост да ја искаже својата љубов и поради тоа го замолил Корнеј да го направи тоа. Тој ја извршил задачата толку вешто што девојката одговорила позитивно на љубовните изливи, но не во полза на пријателот на Корнеј, туку се вљубила во него. Така се развила силна љубов меѓу девојката (Катерина) и Корнеј, а според неговото подоцнежно признание, девојката ја разбудила во него поетската дарба.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 8-10. Во 1641 година, Корнеј се оженил со Мари де Лампериер (Marie de Lampérière) со која имал седум деца. Разочаран и навреден од нападите на неговите непријатели, Корнеј умрел на 1 октомври 1684 година во својот дом во Париз. Неговиот гроб во црквата Église Saint-Roch добил споменик дури во 1821 година.
Творештво Периодот до „Сид“ Љубовната афера со Катерина го означила почетокот на книжевното творештво на Корнеј, кој во нејзина чест напишал повеќе песни меѓу кои особено се истакнува еден сонет, подоцна внесен во неговата прва пиеса. Всушност, врз основа на оваа љубовна афера, тој го збогатил бројот на ликовите, внел елементи од своремениот живот на Руан, настанот го дотерал преку внесување заплет околу кој се врти дејството и така настанала неговата прва драма, комедијата „Мелита“ (Mélite) од 1625 година. Во согласност со тогашната мода, „Мелита“ била исполнета со галантност, но за разлика од тогашните тешки и компликувани трагикомедии, таа е првата чиста комедија, но се разликувала и од популарните простачки фарси. Корнеј создал комедија со издржан стил, со лесни и пријатни стихови, со актуелна содржина и со живо дејство во кое учествуваат лица од секојдневниот градски живот. Поради тоа, во 1629 година, претставата била прикажана и во Париз, постигнувајќи огромен успех.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 10-11.
По успехот на „Мелита“, во 1631 година, Корнеј ја напишал трагикомедијата „Клитандар“ (Clitandre), која се одликува со патетичен стил, со компликуван заплет и со развлечена содржина. Таа доживеала голем успех кај публиката, но не донела ништо ново, поради што подоцна била критикувана од самиот Корнеј. Исто така, успехот на „Мелита“ го охрабрила Корнеј да напише уште неколку комедии: „Вдовица“ (La veuve) и „Галерија во судската палата“ (La Galerie du palais) од 1633 година, „Придружничка“ (La suivante) и „Кралскиот плоштад“ (La place royale) од 1634 година, како и „Комична илузија“ (L'illusion comique) од 1636 година. Сите тие се во духот на тогашниот стил, но содржат и некои нови елементи: невкусните шеги се исфрлени, декорот е париски, дијалозите се секојдневни и природни, амбиентот и дејството се актуелни, стилот е грациозен, јазикот е чист и воедначен, а стиховите се беспрекорни и сугестивни. Исто така, во овие драми се јавуваат и некои од основните обележја на подоцнежниот класицизам: стегнатост, стилска изедначеност и јасност, морална анализа, силна личност што се одликува со хероизам итн. Иако постигнал голем успех со комедиите, Корнеј не нашол задоволство во овој жанр и постепено се префрлил на трагедијата.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 11-12. Во 1633 година, веќе како славен писател, Корнеј бил претставен пред кардиналот Ришелје (Richelieu), кој составил план за нов вид на драма која ќе ја нагласува доблеста. За таа цел, Ришелје избрал петмина писатели, кои требало да ја остварат неговата визија, така што ќе пишиуваат драми во согласност со неговите насоки. Во групата на таканаречените „Пет поети“ (Les Cinq Auteurs) се наоѓал и Корнеј, заедно со Гијом Колте (Guillaume Colletet), Буаробер (Boisrobert), Жан Ротру (Jean Rotrou), и Клод де Летуал (Claude de Lestoile). На тој начин биле составени три пиеси кои биле прикажувани со раскошен декор, а Корнеј учествувал само во првата од нив - „Тилериската комедија“ (La Comédie des Tuileries) од 1634 година. Според Волтер, Корнеј имал задача да го состави третото дејствие, но тој се осмелил да ја измени скицата на Ришелје, кој поради тоа се налутил и Корнеј ја напуштил петорката и се вратил во Руан.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12.
Во тоа време, Корнеј работел на својата прва трагедија „Медеја“ (Médée), која била прикажана во 1635 година. Во неа биле впечатливи новите квалитети кои подоцна станале препознатлив знак на Корнеј, така што драмата била прифатена со воодушевување од критиката и од публиката. Корнеј бил задоволен од успехот, но не и занесен, туку продолжил неуморно да работи. Во тоа време, тој се заинтересирал за шпанската книжевност и за шпанските теми, а се смета дека за тоа бил заслужен поранешниот секретар на кралицата Марија де Медичи, де Шалон, кој по своето повлекување од службата живеел во Руан и таму го запознал Корнеј. Како последица на новиот интерес, Корнеј ја напишал комедијата „Комична илузија“ (1636) која обработува шпанска тема, иако таа била претставена претерано и карикатурално. Неколку месеци подоцна, кон крајот на 1636 година, Корнеј ја создал трагикомедијата „Сид“, која исто така се занимава со шпанска тематика.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 12-13.
„Расправата за Сид“ Драмата „Сид“ постигнала огромен успех и го запечатила местото на Корнеј како централна личноста на француската драматургија. Но, истовремено, тоа било повод за обединување на непријателите на Корнеј, кои започнале жестока дискусија позната како „Расправа за Сид“ (Querelle du Cid). Група писатели (Мере, Скидери, Клавре и Шаплен) се обиделе да докажат дека „Сид“ има големи недостатоци, па дури и дека нема никаква вредност. Во почетокот, борбата против Корнеј се водела тајно и подмолно: во разни салони, на средбите по приватните куќи и во книжевните кругови се зборувало неповолно за одделни сцени, за некои стихови и за одредени одлики на ликовите од драмата. Разочаран од интригите што некои пријатели ги воделе против него, Корнеј го напишал писмото во стихови „Извинувањето на Арист“ (Excuse à Ariste), упатено до измислен пријател, во кое тој нагласува дека стекнатата слава се должи на неговите квалитети и во кое ја истакнал надмоќта над неговите непријатели. Писмото особено го погодило Жорж Скидери, чии здодевни и конфузни трагедии претрпеле неуспех. Оттука, иако тој му бил пријател на Корнеј, па дури изјавил дека тој е сонце што ги помрачува ѕвездите, Скидери напишал долг памфлет „Забелешки на Сид“ (Observations sur le Cid) во кој сакал да докаже дека темата во „Сид“ била несоодветна, дека Корнеј ги нарушил основните правила на драмската поезија, дека развојот на дејството било без смисла и изнесено низ лоши стихови и дека Корнеј се стекнал со незаслужена почит. Уште повеќе, Скидери го обвинил Корнеј поради тоа што на сцената изнесол „чудовиште“, „нечовечна ќерка“, „бесрамна жена“, а не хероина достојна за восхит. На овие напади, Корнеј одговорил посредно, во предговорот на својата комедија „Придружничка“, каде со ироничен тон ги отфрлил наводите на Скидери и ги одбранил квалитетите на „Сид“.Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 19-20.
Во полемиката со Корнеј, Скидери бил победен, но веднаш потоа дошол нов напад од непознатиот поет Клавре (Clavret) кој го напишал навредливото „Писмо“ (Lettre) против Корнеј, кој лесно го победил и тој противник. Меѓутоа, неговите противници, поддржани од кардиналот Ришелје, не мирувале и како последица на тоа, улиците биле преплавени со бројни памфлети за и против Корнеј. Бидејќи публиката застанала на страната на Корнеј, Скидери го заинтересирал Ришелје за дебатата, а потоа предметот на расправата ја изнесол пред Академијата. Во однос на улогата на Ришелје во дебатата за „Сид“ постојат бројни истражувања, од кои е јасно дека тој застанал на страната на непријателите на Корнеј. Академијата, која штотуку била формирана, не сакала да се стави на едната или на другата страна и за да се извлече од дебатата се повикала на својот статут според кој не можела да се искаже за живи писатели доколку тие не го побараат нејзиното мислење. На почетокот, Корнеј не сакал да се согласи со тоа, но по директното барање од Ришелје, тој неодредено ѝ оставил на Академијата да одлучи дали ќе одлучува по барањето на Скидери, така што таа формирала тричлена комисија. Комисијата, раководена од Шаплен, составила извештај, но според Ришелје тој бил здодевен и потоа биле составени втор и трет извештај, но Ришелје повторно бил незадоволен. Поради тоа, на Шаплен му било наложено самиот да состави извештај врз основа на претходните извештаи и притоа да ги земе предвид забелешките на Ришелје. По пет месеци, во 1637 година, Шаплен го составил извештајот познат по насловот „Мислење на Француската академија за трагикомедијата Сид“ (Les sentiments de l'Académie Française sur la tragi-comédie du Cid). Критиката изложена во извештајот била умерена и блага, но сепак била пристрасна и неправична. Во неа, во блага форма, се тврдело дека предметот на драмата е лош затоа што е неверојатен, дека авторот не се придржувал кон правилото за единството на дејството, времето и просторот, особено во однос на правилата за местото и за времето (дејството во драмата трае 35 наместо 24 часа). Крајно разочаран и навреден, Корнеј се повлекол од дебатата, но неговите пријатели продолжиле да ги бранат него и „Сид“. Меѓу приврзаниците на Сид особено се истакнал писателот Гез де Балзак, а подоцна нему му се придружил и Буало кој во својата деветта сатира од 1667 година ги вклучил прочуените стихови во одбрана на Корнеј:Ѓорѓи Шоптрајанов, „Пјер Корнеј“, во: Пјер Корнеј, Сид. Скопје: Македонска книга, 1970, стр. 20-23.
„Напразно против Сид еден министер организира завера,
Сиот Париз на Химена гледа со очите на Родриго.
Напразно целата Академија го осудува:
Револтираната публика упорно од него се восхитува.“
Периодот по „Сид“