Никола Груевски (р. , Скопје) — македонски политичар. Тој бил премиер на Македонија во четири мандати од 2006 година сѐ до неговата оставка во јануари 2016 која била дел од условите договорени во Пржинскиот договор за разрешување на политичката криза во Македонија. На чело на партијата ВМРО-ДПМНЕ е од мај 2003 до неговото повлекување од таа позиција во декември 2017. Претходно, за време на владата на Љубчо Георгиевски бил министер за финансии од 1999 до 2002.
Груевски во мај 2018 година бил осуден на двегодишна затворска казна за злоупотреба на службена положба при набавка на службено возило. Во ноември истата година избегал во Унгарија каде што добил политички азил.
Во април 2022 Кривичниот суд во Скопје го осудил Груевски на казна затвор од 7 години за кривично дело „перење пари“. Истиот месец Министерстовото за финансии на САД вовело санкции против повеќе поранешни високи функционери меѓу кои и Никола Груевски.
Груевски се бара со меѓународна потерница на МВР за издржување на казна затвор како и за издржување мерка притвор за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ како осомничен за организација на упадот во собранието на 27 април 2017. Сепак, Интерпол ја нема објавено потерницата поради политичкиот азил кој Груевски го има во Унгарија.
Приватен живот Никола Груевски е роден во Скопје на 31 август 1970 година. Татко му Тало потекнува од леринското село Крушоради во Егејска Македонија, денешна Република Грција. Тало е доктор на науки на Белградскиот универзитет и пред тоа долгогодишен професор на Шумарскиот факултет при Скопскиот универзитет. Мајка му Надежда е од Штип, сестра на првиот министер за внатрешни работи на Република Македонија Јордан Мијалков. Груевски основно и средно образование завршил во Скопје. Дипломирал на Економскиот факултет во Прилеп, при Универзитетот „Св. Климент Охридски” - Битола во 1994. Се здобил со квалификации за меѓународниот пазар на капитал на Лондонскиот институт за хартии од вредност во 1996.
Во периодот 1995-1998 година работи како директор на одделот за „безбедност, планови и анализи“ во Балканска банка во Скопје. Потоа продолжува како управник од Република Македонија во Светската банка и во Европската банка за обнова и развој. Бил претседател и основач на брокерската асоцијација на РМ (1998) и ја направил првата трансакција на македонската берза. Магистрирал на Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 12 декември 2006. Груевски бил во брак со Сузана Арбутина, од која нема деца. По разводот со првата сопруга, во мај 2007 година се оженил со Боркица Груевска (моминско презиме Манчева), со која имаат две деца.
Политичка кариера 1999-2002: Министер за финансии Кон крајот на 1999, Груевски е назначен за министер за финансии на местото на Борис Стојменов во владата на Љубчо Георгиевски. По иницијатива на Груевски се интензивира процесот на денационализација на национализираниот имот во периодот 1945-1990. Има имплементирано финансиски реформи меѓу кои воведување на данокот на додадена вредност (ДДВ), воведувањето на фискалните сметки, кампањата „Купувајте македонски производи“, брендирана преку логото со насмеано сонце. Списанието „Форум“ во 2000 година го прогласи за „Човек на годината“ и го вброја меѓу десетте најпосакувани ергени.Груевски - Автократот од наше маало - Призма, од 19.01.2016
2006-2016: Претседател на Владата мини|лево|250п|Никола Груевски и Жозе Мануел Баросо на самитот на Европската народна партија во 2009 година
ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори во 2006 година. На 25 август Груевски ја формираше новата Влада, во која клучните министерства ги зазедоа лица на возраст од 30-тина години. На предвремените парламентарни избори во 2008 година, победила коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што беше нивна втора изборна победа по ред, добивајќи повеќе од половина од пратеничките мандати во Собранието на РМ. Тој направил коалиција со ДУИ.
Во мандатот на Груевски се воведе концептот на рамен данок, а обемот на странски инвестиции во периодот 2007–2014 бил 277 милиони евра по година. Просечниот економски развој во периодот 2007–2013 изнесувал 2,6%, додека невработеноста се намалила од 36% во 2006 на 28% во 2014.Четири непријатни вистини за македонската економија - Окно, од 03.04.2015 Остварени се мерки за подобрување на бизнис-климата, поради што „Дуинг Бизнис“ во 2015 ја рангираше Македонија на 12. место во светот по тој критериум.Груевски не го чита „Економист“: Најсиромашните најбрзо напредуваат на листата „Дуинг бизнис“ - Мета, од 29.10.2015
Во време на Груевски се вовело задолжително средно образование, и се отвориле два нови државни универзитети и над 20 државни факултети. Неговиот предлог за воведување „државен испит“ на факултетите предизвикал масовни студентски протести кон крајот на 2014, бидејќи студентите сметале дека власта ја загрозува универзитетската автономија.Студентите на државен тест - за непартиски студентски протест! - Дојче Веле, од 09.12.2014 Спровел мерки за подобрување на земјоделството, при што субвенциите за земјоделството тројно се зголемиле во периодот 2008–2015. И покрај овие мерки, во овој период двојно се зголемил увозот на храна и материјални добра.Субвенции во земјоделството – реална помош или промашена политика? - Призма, од 15.06.2015
Партиска кариера 2003-2006: Водач на опозиција По параментарните избори во 2002 година, во ВМРО-ДПМНЕ следува период на внатрепартиски превирања, после кои Груевски е избран за водач на партијата, заменувајќи го дотогашниот претседател Георгиевски. ВМРО-ДПМНЕ ги загубила претседателските избори во 2004 година, по што на партискиот конгрес во хотел „Панорама“ се случил вооружен инцидент и обид за смена на Груевски од челната позиција во партијата.2004 година – Превирања и поделби во ВМРО-ДПМНЕ - Иnbox7, од 13.02.2016 ВМРО-ДПМНЕ освоила двојно помалку градоначалници од владејачкиот СДСМ на локалните избори во 2005, по што Груевски изјавил дека имало „многу нерегуларности во некои општини“ за време на вториот изборен круг.Локалните избори преку факти и бројки - Дневник, од 28.04.2013
Афера со прислушувани разговори Водачот на СДСМ Зоран Заев, во февруари 2015 објавил дека Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) по наредба на Груевски и Сашо Мијалков повеќе години незаконски прислушувала над 20 илјади граѓани.SDSM Leader Releases First 'Bomb': More than 20,000 Citizens Were Wiretapped - Independent 09.02.2015 Во дел од снимките, Груевски наредил рушење на објектот „Космос“ поради политичка одмазда кон стопанственикот Фијат Цаноски.Груевски и Јанакиевски договараат како да се сруши „Космос“ на Цановски - Фокус 27.02.2015 Во друг разговор, Груевски нарачал претепување на градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски, како и демолирање на општинската зграда.Кривична пријава против Груевски за поттикнување агресија - Фокус 24.04.2015 Груевски преку МВР тајно купил луксузно возило „Мерцедес“ од 600 илјади евра,Груевски преку МВР си купил луксузен Мерцедес од околу 600.000 евра - Фокус 13.05.2015 како и плац на Водно со површина од 11 илјади квадратни метри.Осумте чекори на Груевски до плацот на Водно - Мета 24.03.2015
Критика Американскиот весник „Вашингтон пост“ во 2011 го портретирал Груевски како корумпиран и моќен „популист“ кој се пресметува со независните медиуми.„Вашингтон пост“: Премногу власт во младешки раце - Утрински 28.12.2011 Груевски бил критикуван во извештаите на Европската Унија за непочитување на слободата на медиумите, независноста на судството и на политичкиот дијалог.Груевски не прифаќа критики - Радио Слободна Европа 11.02.2011 „Утрински весник“ по излегувањето на содржината на Викиликс објавил дека владата на премиерот Груевски и неговите блиски соработници системски го користеле правниот и репресивен апарат на државата за да ги исклучат политичките неистомисленици.Владата на Груевски сее страв - Утрински весник, од 03.06.2011 Во извештајот на германскиот правен експерт Рајнхард Прибе од мај 2015 забележано е мешање на власта во работата на судовите, индиции за изборен криминал, како и незаконско богатење на владини функционери.Жестоки критики за Македонија во извештајот на Прибе - Плусинфо 18.06.2015 Наодите на Прибе, како и прислушуваните материјали доставени од опозицијата, биле основа специјалното јавно обвинителство (СЈО) да покрене кривична постапка против министри од владата на Груевски за изборни местенки.Катица Јанева тргна против функционери на ВМРО-ДПМНЕ - Вест 12.02.2016
Судски процеси За случајот „Тенк“ на СЈО, Груевски е осуден на затворска казна од 2 години. Според пресудата тој е виновен за злоупотреба на службената положба и овластување како и „за примање награда за извршување противзаконито влијание“. Во овој случај тој е обвинет дека како премиер побарал од екс-министерката Гордана Јанкулоска спроведување на незаконска јавна набавка за ново блендирано возило кое „било набавено затоа што Груевски сакал да се вози во такво возило, но не сакал јавноста да знае за тоа“.
Политички азил мини|десно|250п|Груевски и Виктор Орбан во јуни 2015 Откако судот донел решение Груевски да одлежи затворска казна од 2 години за случајот „Тенк“ во затворот во Шутка, неговиот тим од адвокати поднел жалби кои биле одбиени на 9 ноември 2018 година, петок, и повторно го потврдиле решението на Груевски за казната затвор. Судот го ограничил да се јави на одлежување на казната најкасно до понеделник. Во понеделникот Груевски не се јавил во затвор и МВР издало национална потерница за него. Следниот ден Груевски преку својата Фејсбук страница ја известил јавноста дека се наоѓа во Будимпешта и има побарано политички азил од Унгарија. Поради тоа потерницата за него била преиначена во меѓународна.
Бегството и барањето за политички азил на Груевски во Унгарија предизвикало низа реакции дома и во регионот. Поради политичката ситуација, и десното и левото крило на опозицијата во Унгарија, остро реагирале и побарале од унгарската влада да го уапси и итно да го екстрадира Груевски назад во Македонија. Сомневајќи се дека Груевски пристигнал во Унгарија преку територијата на Србија, српската опозициона политичка коалиција Граѓански блок 381 побарале отчет за тоа која е улогата на српската влада на чело со Александар Вучиќ во неговото бегство.
Утрото на 27 јуни 2019 година Груевски со лисици на рацете бил спроведен во суд во Будимпешта за да присуствува на рочиште за барањето на македонските власти за негова екстрадација, кое рочиште по барање на неговиот адвокатски тим било затворено за јавноста. Барањето за негова екстрадација од страна на македонското Министерство за правда е поради правосилната двегодишна затворска казна за случајот на СЈО „Тенк“, од која казна тој избега. Одлуката од рочиштето набрзо истиот ден била соопштена и според истата барањето на македонските власти е одбиено и Груевски останува во азил во Унгарија. Според судијката Ева Варежи условите за екстрадација не се исполнети, додавајќи дека не се исполнети ниту условите за меѓународната потерница распишана од македонските власти.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Премиери на Македонија Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 1998 Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2006 Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2008 Категорија:Состав на Владата на Република Македонија од 2011 Категорија:Министри за финансии на Република Македонија Категорија:Претседатели на ВМРО-ДПМНЕ Категорија:Пратенички состав 2002-2006 Категорија:Пратенички состав 2016-2020 Категорија:Живи луѓе Категорија:Политичари од Скопје Категорија:Луѓе со потекло од Крушоради Категорија:Луѓе со потекло од Штип Категорија:Луѓе со потекло од Ново Село (штипска населба)