Банана е име на род на зелјести растенија (лат. Musa) и на економски значаен вид (Musa sapientium) од семејството на бананите (Musaceae). Истото име се користи и за плодот на овие растенија, кој луѓето го користат во исхраната како овошје.

Бананата е овошје кое од ботаничко гледиште претставува бобинка. Таа е плод на неколку големи зелјести, скриеносемени, монокотиледони растенија од родот Musa. Во некои земји, бананите се користат за варење, и тогаш се нарекуваат плантани. Ова овошје варира според величина, боја и цврстина, обично е издолжено и свиткано, со мек плод, богат со скроб и покриен со лушпа која може да биде зелена, жолта, црвена, пурпурна или кафена кај зрелите плодови. Плодовите растат во групи кои висат од врвот на растението. Скоро сите модерни, јадливи банани се партенокарпени (безсемени) банани кои потекнуваат од два диви вида - Musa acuminata и Musa balbisiana. Научните имиња на најчесто одгледуваните видови се: Musa acuminatа, Musa balbisiana и нивниот хибрид Musa × paradisiaca, што зависи од нивната геномска градба. Постарото научно име, Musa sapientum, повеќе не е во употреба.

Природната животна средина на видовите од родот Musa се тропските предели на Индомалајската биогеографска област и Австралија, а се претпоставува дека првобитно почнал да се култивира во Папуа Нова Гвинеја. Бананите се одгледуваат во најмалку 107 земји во светот, првенствено поради плодот, а во помала мера поради производство на влакна, вино од банани, пиво од банани или како украсно растение.

Не постои јасна разлика помеѓу термините "банана" и "плантани". Во Америка и Европа под терминот "банана" се подразбираат меки, слатки десертни банани, посебно од групата Кевендиш, кои се и главен извозен производ од земјите каде се одгледуваат. Спротивно на тоа, сортите од родот Musa со поцврсти плодови и побогати со скроб се нарекуваат "плантани". Во други региони, како што е Југоисточна Азија, се одгледуваат други типови на банани кои се употребуваат во исхраната, така да оваа поделба ниту е корисна ниту се употребува во локалните јазици.

Терминот "банана" се користи и како заедничко име за други растенија кои го создаваат овој плод. Терминот може да се примени и за другите членови од родот Musa, како што се: скарлет банана (Musa coccinea), розова банана (Musa velutina) и Феи банана (Musa × troglodytarum). Овој термин може да се однесува и на членовите од родот Ensete, како што е снежната банана (Ensete glaucum) и, економски значајната, лажна банана (Ensete ventricosum). И двата рода се припадници на фамилијата Musaceae. Бананите се вреден извор на витамин Б6, витамин Ц и калиум.

Потекло на поимот Се претпоставува дека зборот "банана" е со западноафриканско потекло, веројатно од зборот banaana од волофскиот јазик, а во другите светски јазици влегол во употреба преку шпанскиот или португалскиот јазик.

Особености лево|мини|261x261пкс|Цвет на банана лево|мини|262x262пкс|Цветање на банани. Бананата е најголемото зелјесто цветно растение. Личи на дрво, но тоа што би се нарекло стебло е, всушност, квазистебло и претставува оска опфатена со дршките на листовите што излегуваат од еден краток ризом поставен во основата. Всушност, тука се работи за монокотиледонска "голема трева", а не за дикотиледоно дрво. Култивираните банани варираат во однос на висината, што зависи од видот и условите на одгледувањето. Бананите растат на различни типови на почва, потребно е само земјиштето да биде длабоко барем 60 сантиметри, да има добра дренажа и да е растресито. Најголем број од растенијата имаат висина од околу 5 метри, со варијација од "џуџестиот Кевендиш", со висина од околу 3 метри, до "Грос Мичел", со висина од 7 или повеќе метри. Листовите се спирално распоредени и можат да пораснат до 2.7 метри во должина и 60 сантиметри во ширина. Тие лесно се кинат под влијание на ветер, што е причина за нивниот специфичен изглед на папрат.

Кога растението ќе порасне, ризомот престанува да произведува нови листови и почнува да формира цветни оски или класови. Секое квазистебло нормално создава еден клас познат како "срце на бананата". Понекогаш може да се формираат неколку класови, а само едно растение на Филипините има создадено пет класови. По зреењето, квазистеблото умира, но потомството нормално се развива од основата, така да целокупното растение е повеќегодишно. Во плантажниот систем на култивација, за да се одржи растојание помеѓу изданоците на растенијата, му се дозволува само на еден изданок да се развие. Класот може да содржи многу чашкини ливчиња помеѓу редовите на цветовите. Женските цветови (кои по оплодувањето се развиваат во плодови) се јавуваат во редови високо на изданокот (блиску до листовите), за разлика од редовите на машките цветови. Толчникот е инфериорен, што значи дека венечните листови и другите цветни делови се јавуваат на врвот на толчникот.

Плодовите на бананата се развиваат од срцето на бананата, во голем висечки грозд, составен од слоеви (наречени "раце"), со околу дваесетина плодови во ред. Висечкиот грозд, кој се состои од 3 до 20 слоеви, комерцијално се нарекува сноп на банани и може да тежи 30-50 килограми. Поединечните плодови (познати како банани или "прсти") во просек имаат околу 125 грама, од кои 75 % е вода и 25% е сува материја.

Плодот се опишува како кожеста бобинка. Тој содржи надворешен заштитен слој (кора или кожа) со бројни долги и тенки влакна (флоемски снопови), кои се протегаат долж целиот плод меѓу кожата и внатрешната содржина која се јаде. Внатрешниот дел е, обично, со жолта боја и може надолжно да се подели во три дела кои одговараат на внатрешните делови на трите плодника. Кај култивираните вариетети, присуството на семињата е намалено до толкава мера да практично ги нема; нивните остатоци се мали црни дамки во внатрешноста на плодот.

Бананите природно се многу слабо радиоактивни, но во поголема мера од останатите овошја, што се должи на високата содржина на калиум и малите количина на изотопот калиум-40, присутен во природниот калиум.

Таксономија мини|303x303пкс|Дрво банана со зелени плодови. мини|238x238пкс|Пресек на плодот на дивата банана, на кој се гледаат крупни семиња. Родот Musa прв го опишал Карл Лине во 1753 година. Се претпоставува дека Лине името го зел од името на лекарот на римскиот цар Август, Антониј Мусе, или, пак, го адаптирал арапскиот збор за банана, арап. موز, mauz. Родот Musa е класифициран во фамилијата Musaceae, а APG III системот (анг. Angiosperm Phylogeny Group) ја класифицира оваа фамилија во редот Zingiberales, кој е дел од кладот на монокотиледоните растенија. Родот Musa содржи околу 70 вида, кои се наведни во Светскиот список на одбрани растителни фамилии (анг. World Checklist of Selected Plant Families), при последното ажурирање од јануари 2013 година. Некои од овие видови даваат јадливи плодови, додека други се одгледуваат како украсни растенија.

Класификацијата на култивираните банани долго време претставувала предизвик за таксономите. Лине, првобитно ги групирал бананите во два посебни вида, во зависност од тоа дали се користат во исхраната. Тој со името Musa sapientum ги означил бананите кои се консумираат како слатко овошје, а со Musa paradisiaca ги означил плантаните. Подоцна, дадени се други имиња на видовите. Овој пристап се покажал неадекватен, затоа што не можел да го опфати големиот број на вариетети кои постојат во Југоисточна Азија, која претставува изворното подрачје од кое се распространил овој растителен род. На многу од овие вариетети дадени им се имиња за кои подоцна се утврдило дека се синоними.

Во серија на истражувања, објавени 1947 година, Ернест Чизман докажал дека видовите на Лине, Musa sapientum и Musa paradisiaca, се, всушност, вариетети и потомци на два диви вида кои создаваат вистинско семе: Musa acuminata и Musa balbisiana. И двата вида прв ги опишал Лујџи Алојзиус Кола. Тој предложил отфрлање на Линеовите предлози за видовите во корист на нова класификација на бананите, која би била во согласност со трите морфолошки различни групи на вариетети. Како прв вид, тој ги предложил вариететите кои ги имаат ботаничките особини на Musa balbisiana, во вториот вид ги предложил вариететите кои ги имаат ботаничките особини на Musa acuminate, а во третиот вид, вариететите со особини кои се комбинација на особините на претходните два вида.

Во 1955 година, Норман Симондс и Кен Шеферд предложиле систем на номенклатура, кој би бил заснован на геномот на растенијата. Овој систем ги елиминира сите потешкотии и недостатоци на старите класификациони системи. И покрај ова, првобитните имиња и понатака се во употреба од страна на некои научници и институции, што често може да доведе до забуни.

Моментално прифатените научни имиња за мнозинството култивирани банани се: Musa acuminata Colla и Musa balbisiana Colla, за видовите од кои е добиен хибридот M. acuminata × M. balbisiana, односно Musa × paradisiaca L.

Генерално, модерните класификации на сортите на банани го следат системот на Симондс и Шеферд. Припитомените видови се поделени во групи според бројот на хромозомите и видовите со чија хибридизација се добиени. На тој начин, латундан бананите се ставени во групата AAB, што значи дека сортата е триплоидна и изведена од видовите M. acuminata (A) и M. balbisiana (B). Во 2012 година, тим на научници успеале да добијат нацрт на секвенците од геномот на видот Musa acuminatа.

Историја на култивацијата

Во антички времиња лево|мини|242x242пкс|Првобитна распространетост на предците на денешните јадливи банани. Видот Musa acuminata е прикажан со зелена боја, а видот Musa balbisiana со портокалова боја. лево|мини|243x243пкс|Реална и можна распространетост на бананата за време на исламскиот период (од 700 до 1500 година). Први кои ја припитомиле и одгледувале бананата биле домородното население на Југоисточна Азија и Папуа Нова Гвинеја. Неодамнешните археолошки и палеонтолошки докази од мочуриштето Кук, во провинцијата Западна Висорамнина во Папуа Нова Гвинеја, покажуваат дека култивирањето на бананите потекнува најмалку пред 5000 пр.н.е., а можеби и до 8000 п.н.е. Многу е веројатно дека други видови подоцна, и независно, биле припитомени ширум Југоисточна Азија. Затоа, Југоисточна Азија е регионот на примарниот диверзитет на бананите. Пределите на секундарен диверзитет се наоѓаат во Африка, што укажува на долгата историја на одгледувањето банани во овој регион.

Откритието на фитолити во Камерун, кои датираат од првиот милениум пр.н.е., покренаа, сѐ уште неразрешена, расправа за почетоците на култивацијата на бананите во Африка. Постојат одредени лингвистички докази дека бананите во тоа време биле познати на островот Мадагаскар. Постарите докази покажуваат дека одгледувањето на бананите во Африка не почнале пред втората половина на 6 век од н.е. Меѓутоа, постои веројатност дека бананите биле донесени барем до Мадагаскар, ако не и до источноафриканското крајбрежје, во текот на една фаза на малагашката колонизација на островот од Југоисточна Азија, околу 400 година пр.н.е.

Бананите, исто така, биле присутни и во одредени подрачја ширум Блискиот Исток, во периодот кога почнал да се шири исламот. Ширењето на исламот довело до големо ширење во одгледувањето на бананите. Постојат бројни наводи во исламската литература, почнувајќи од деветтиот век, каде бананите се спомнуваат (во поеми и хадиси). Со почетокот на десеттиот век, бананите се споменуваат во текстови од подрачјата на денешна Палестина и Египет. Оттаму, бананите се шират во Северна Африка и во муслиманска Андалусија. Во текот на средновековието, бананите кои растеле во Гранада се сметале за најквалитетни во арапскиот свет. Околу 650-тата година, исламските освојувачи ја донеле бананата во Палестина. Денес, потрошувачката на бананите значително расте во исламските земји во месецот на рамазанските постови.