Економија на Македонија - дел од поширокиот општествен систем на Македонија кој ги опфаќа стопанските односи, дејности, производството, трговијата и монетарно-финансиските текови. Според типот Македонија има отворена пазарна економија.

Историја 19 век Преминот од 18 во 19 век во Македонија, која тогаш во своите природно-историски и етнички граници се наоѓаше во составот на Османско-турската Империја, се карактеризираше со позабележително разјадување на патријархално-натуралните облици на стопанисување и со навлегување на стоковно-паричните облици на општественото производство. Во земјоделството, на местото на тимарско-спахискиот систем, кој се состоеше во доделување крупни земјишни имоти (ленови) на спахиите во замена за вршење воена служба, на чифлиците, кои претставуваа крупни стопанства од полукапиталистички тип, се пробиваа новите аграрнопроизводствени односи на стоковно-паричното стопанство. Новите капиталистички производствени и општествени односи се позабрзано навлегуваа и во градското стопанство на Македонија. Занаетчиството опаѓаше пред ширењето на индустријата, што водеше кон пролетаризирање на занаетчиите, додека еснафската организација со својата структура отстапуваше пред новите форми на организација на стопанскиот и на општествениот живот. Панаѓурите, на кои дотогаш се остваруваше размената, беа заменувани со новите и посовремени видови на трговската размена. Истовремено, со зголемувањето на надворешнотрговската размена и ширењето на внатрешниот пазар, започна модернизацијата на сообраќајот, се ширеше поштенскотелеграфската мрежа и беше пуштена во сообраќај првата железничка линија во Македонија (1873) на релацијата Солун – Скопје. Застарените облици на кредитирање, какви што беа еснафските каси, им го отстапуваа местото на новите и модерни банки и кредитни акционерски друштва, чие основање го налагаа новите и изменети стопански и општествени услови на животот и развитокот. Развитокот на индустријата беше обележан со подигање индустриски претпријатија, првенствено на прехранбената и на текстилната индустрија, и со доминантно учество на странски капитал од европските земји.

20 и 21 век Непосредно по Втората светска војна започнала индустријализацијата на земјата. Притоа, во периодот 1945-1955 година, индустриското производство растело со просечна годишна стапка од 8,5 %, а благодарение на тоа, на крајот од 1955 година индустриското производство било четирипати поголемо од нивото во 1945 година. Во тоа време, во индустријата биле активни околу 160 претпријатија со близу 35 000 вработени. Во следната декада (1955-1965) била забележана највисоката просечна годишна стапка на раст на индустриското производство од 15,2 %, а продуктивноста растела по просечна годишна стапка од 7,4 %. Во тој период забележителен подем оствариле црната металургија, металната индустрија, електроиндустријата, текстилната и прехранбената индустрија.Дејан Азески, „Од историјата на економијата: Златните години на индустријализацијата (1945 - 1990)“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 44-45.

Во однос на одделните индустриски гранки, во во периодот по Втората светска војна, голем пораст забележало производството на лигнит, кое во 1994 година било поголема за дури 412 пати во споредба со 1945 година. Производството на електрична енергија, исто така, бележело постојан пораст, така што, учеството на овој сектор во вкупното индустриско производство се зголемило од 3,4 % во 1952 година на 8,5 % во 1975 година и 14,5 % во 1996 година. Понатаму, една од најдинамичните индустриски гранки била тутунската индустрија: производството на ферментиран тутун било зголемено за повеќе од седумпати во текот на 1946-1994, а производството на цигари пораснало за дури 25 пати, со што учеството на оваа гранка во вкупното инустриско производство достигнало 6 %. Поголеми фабрики од тутунската индустрија биле. Тутунскиот комбинат - Прилеп, Тутунскиот комбинат „Благоја Деспотовски-Шовељ“ - Скопје, Тутунскиот комбинат „Боро Петрушевски“ - Куманово и „Јака“ - Радовиш. Производството на основни суровини и материјали особено пораснало во периодот 1970-1984, кога производството на сурово железо пораснало за 18 пати, производството на волнени производи се зголемило за повеќе од трипати, производството на вештачки влакна се зголемило за деветпати, производството на хартија пораснало за петпати итн. Набљудувано во периодот 1945-1990, голем пораст на производството бил остварен во следниве гранки: производството на оловен концентрат (4,5 пати), производството на одливци од сив лим (289 пати), градежни машини и уреди (223 пати), пумпи (396 пати), челични конструкции (696 пати), тули (75 пати), вар (103 пати), режана букова граѓа (150 пати) и памучни ткаенини (360 пати). Понатаму, во 1965-1966 започнало производството на алуминиумски легури при што во периодот 1965-1990 ова производствот се зголемило за 12 пати, а најзначајната фабрика била „Алумина“ во Скопје. Во 1965-1966 започнало и производството на сообраќајни средства при што производството на автобуси во 1990 година било поголемо за над 17 пати во споредба со 1965 година, додека производството на приколку се зголемило за 11 пати. Најголемата фабрика од оваа индустриска гранка била ФАС „11 Октомври“ во Скопје. Во 1964 година започнало производството на градежни метални елементи чиј обем во 1990 година бил поголем за 76 пати во споредба со почетниот. Најголеми фабрики од оваа гранка биле: „Факом“ во Скопје, „Искра“ во Куманово, „Металец“ во Прилеп и „Гоце Радосављевиќ“ во Битола. Во 1967 година почнало производството на бело сурово железо, инготи од електрочелик и други дебели и средни лимови. Најголема фабрика од оваа гранка била Рудници и железарница „Скопје“, која во 1997 година се поделила на 12 посебни трговски друштва. Во периодот на забрзана индустријализација дошло до голем пораст и во производството на производите за широка потршувачка, како: сапуни и детергенти (195 пати), мебел за домаќинството (4 287 пати), лесна конфекција (10 пати), тешка конфекција (111 пати), конзервирано овошје (12,5 пати), конзервиран зеленчук (481 пати), масло за јадење (31 пати), цигари (9 пати), ферментиран тутун (4 пати) итн.Дејан Азески, „Од историјата на економијата: Златните години на индустријализацијата (1945 - 1990)“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 44-47.

Најзначјани фабрики изградени во периодот на индустријализацијата биле: ОХИС, Алкалоид, Хемтекс, „Раде Коначар“, „Треска“, Факом, МЗТ, „Гоце Делчев“, „Газела“, ТИПО, „Европа“ и Усје во Скопје; „Радика“ во Дебар; Мермерен комбинат, Микрон, Еуроинвест и Витаминка во Прилеп; Мермери и Декон во Гостивар; Силекс во Кратово; „Киро Ќучук“, „Благој Ѓорев“ и Порцеланка во Велес; ШИК „Јелак“ и Тетекс во Тетово; „Диер“ и ЧИК Куманово во Куманово; „Страшо Пинџур“ во Кавадарци; Отекс, Братство, Слобода, ЕМО и Застава во Охрид; „Астибо“, „Баргала“ и „Македонка“ во Штип; Агроплод во Ресен; „Герас Цунев“ во Струмица; „4 Ноември“, Фринко и Пламбит во Битола; „Македонија“ и „Поварадарие“ во Неготино; „Табе Цалески“ во Кичево; „Руен“ во Кочани; Сувенир во Самоков; Југотутун во Св. Николе; Зора-Винојуг во Гевгелија итн.Дејан Азески, „Од историјата на економијата: Златните години на индустријализацијата (1945 - 1990)“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 47.

Најважните одлики на индустрискиот развој на Македонија во периодот 1945 - 1990 биле:Дејан Азески, „Од историјата на економијата: Златните години на индустријализацијата (1945 - 1990)“, Економија и бизнис, година 27, број 322, 1 ноември 2024, стр. 44. дошло до голема квалитативна промена на производната структура во споредба со периодот пред Втората светска војна индустрискиот развој не бил проследен со подобрување на економската ефикасност во структурата на индустријата големо учество имале базно-суровинските и традиционалните индустриски гранки економијата се одликувала со недоволна извозна ориентација и со висока увозна зависност

Република Македонија по стекнувањето на својата независност од СФРЈ, по Референдумот од 1991 година, излегла како најсиромашна република. Во првата половина од 1990-тите, македонската економија западнала во рецесија поради бројни фактори: распадот на заедничкиот пазар, војните во поранешна Југославија, грчката трговска блокада на границата, економските санкции спрема СР Југославија и многу други. Дури кон крајот на 1990-тите, економијата полека почнала да расте, но растот бил прекинат за време на војната во Косово во 1999 и домашниот етнички конфликт во 2001. Како последица на тоа, во тој период, Македонија сѐ уште го немала достигнато ни нивото од осамостојувањето 1991 (највисокото ниво воопшто го има достигнато во 1987).

Меѓународни рангирања Услови за водење бизнис според „Форбс“ Во октомври 2014 година, познатото списание „Форбс (Forbes)“ ја рангирал Македонија на 36. место во светот според условите за водење бизнис. По одделни категории, Македонија остварила најдобри оценки во доменот на монетарната слобода и бирократските процедури, каде била рангирана на шестото и седмото место. Во категориите за заштита на инвеститорите и даночното оптоварување, Македонија се пласирала на 16. и 24. место во светот. Од друга страна, Македонија била најслабо рангирана во категориите: функционалност на пазарот (67 место), лични слободи (69 место), сопственички права (78 место) и иновации (82 место).„Македонија на 36 место според можностите за водење бизнис“, Економија и бизнис, година 17, број 196, 30 октомври 2014, стр. 12.

Подоцна, во декември 2014 година, во новото рангирање на списанието „Форбс“, Македонија се нашла на 31. место. Притоа, таа била рангирана на третото место во категоријата „бирократски процедури“, а според монетарната слобода е нашла на шестото место, додека според даночното оптоварување била на седмото место. Најлош пласман, Македонија остварила во доменот на иновациите (65 место), личната слобода (67 место) и сопственичките права (72 место).„Скок од 5 места на Македонија во дуинг бизнис списокот на Форбс“, Економија и бизнис, број 198, 25 декември 2014, стр. 13.

Индекс за глобална конкурентност

Според Извештајот за глобалната конкурентност од септември 2016 година, Македонија била рангирана на 68. место во светот, што претставувало пад во споредба со претходниот извештај, кога се наоѓала на 60. место. Набљудувано според одделните критериуми, Македонија била рангирана на 34. место според ефикасноста на пазарот на стоки, на 44. место според макроекономскиот амбиент, на 51. место според иновациите, на 80. место според инфраструктурата, на 92. место според секторот здравство и основно образование и на 95. место според пазарот на труд.„Рангирање на земјите според нивната конкурентност, на кое место е Република Македонија“, Економија и бизнис, година 18, број 221, ноември 2016, стр. 7. Според Извештај за глобалната конкурентност за 2018-2019, Македонија се наоѓала на 84. место во светот, со 56,6 бода. Македонската економија била најлошо рангирана во извештајот за 2008-2009 година (89. место).Зоран Јовановски, „Економијата на САД најконкурентна во светот, македонската економија на 84. место“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 10. Притоа, набљудувано по одделни категории, македонската економија била рангирана на 57. место според бизнис динамизмот, на 109. место според големината на пазарот, на 107. место според пазарот на производи, на 98. место според способноста за иновации, на 85. место според квалитетот на институциите, на 81. место според вештините на човечкиот капитал, на 80. место според инфрастуктурата, итн.Зоран Јовановски, „Која земја каде е на светската ранг список на конкурентноста?“, Економија и бизнис, година 20, број 244, ноември 2018, стр. 21.

Кредитен рејтинг