Канада (англиски и ) — федеративна држава во Северна Америка составена од 10 покраини и 3 територии. Канада е парламентарна демократија и уставна монархија на кралот Чарлс III во рамките на Комонвелтот. По површина, таа е втора земја во светот.

Главен град е Отава, а најголем е Торонто со 5.113.149 жители во областа на градот.

Името Канада доаѓа од зборот каната на индијанците Ирокези околу реката Сент Лоренс кој означувал село или населба. Жак Картие во 1535. год. почнал да го користи тој збор за да ја означи целата територија на Ирокезите. Подоцна, во време на британските колонии од 1841. името Канада се однесувало на две покраини: Горна Канада — околу Големите Езера и Долна Канада околу реката Сент Лоренс. Со Уставниот Акт од 1867, името Канада било прифатено како име на целата држава.

Во Канада живеат голем број македонски иселеници и нивни потомци.

Историја

Домородни народи Разни групи на ескимски и индијански народи ја населувале Северна Америка уште од предисторијата. Иако не постојат писмени докази, разни форми на камена уметност, петроглифи и антички артефакти даваат информации за илјадници години историја. Археолошките наоди потврдуваат човечки живеалишта во Јукон уште од пред 26.500 години, а во јужно Онтарио од пред 9.500 години.

Европска колонизација Првите Европски доселеници се Викинзите, кои околу 1000 година се населуваат на брегот на Атлантикот, во областа денес позната како Ланс о Медоу (фр. L'Anse aux Meadows), но нема писмени докази. Следната посета од Европејците е во 1497. кога истражувачката експедиција на Џон Кебот од Кралството Англија пловела покрај Атлантскиот брег на Канада и Жак Картие во 1534. од Франција. По нив, повремено до истиот брег допловувале рибари и китоловци од Баскија во текот на целиот 16. век.

Францускиот истражувач Самуел де Шамплејн ги основал првите постојани населби на Европејците во Порт Ројал (денес Нова Шкотска) 1605. и во Квебек Сити во 1608. Постепено биле населувани атлантското крајбрежје, устието на реката Сент Лоренс, областите на Големите Езера и заливот Хадсон на крајниот север.

Кралството Англија основало рибарски станици во Њуфаундленд и Лабрадор околу 1610 и ги колонизирале 13-те колонии на југ. Низа од четири војни избила помеѓу Англија, Франција и домородните Индијанци помеѓу 1689 и 1763. Нова Шкотска потпаднала под Британска власт со Договорот од Утрехт во 1713, а Договорот од Париз од 1763 и' ја препуштил Канада на Британија по седумгодишната војна.

Кралската повелба од 1763 на Кралот Џорџ III од Велика Британија ја издвоила покраината Квебек надвор од Нова Франција и го придодала островот Кап Бретон на Нова Шкотска. Исто така ги ограничила јазичните и верските права на француските граѓани. Во 1769. год. островот Св. Јован (денешен остров Принц Едвард) станал издвоена колонија. Во Квебек, за да се одбегне конфликт, територијата била проширена до Големите Езера и до долината на Охајо, и бил повторно воведен Францускиот јазик, католичката вера и француските граѓански закони. Со договорот од Париз од 1783. била признаена независноста на САД и им биле отстапени териториите јужно од Големите Езера и реката Сент Лоренс. Многу Британски лојалисти, по ова, пребегнале од САД во Канада.

Њу Бранзвик бил издвоен од Нова Шкотска како дел од реорганизацијата на населбите на лојалистите во приморските области. За да се прифатат лојалистите во Квебек, Уставниот закон од 1791. ја поделил покраината на франкофонска (Долна Канада) и англофонска (Горна Канада), давајќи и' на секоја од нив и право да формира законодавно собрание.

Канада била главен фронт во војната од 1812 помеѓу Британската Империја и САД. Нејзината одбрана придонела за чувство на единство помеѓу канадските британци.

Од 1815. започнува масовна емиграција во Канада од Британци и Ирци. Дрвната индустрија дури и ја надминува трговијата со крзно како главна дејност во раните 1800-ти.

Потребата од одговорна власт резултирала во вооружени востанија во текот на 1837. и 1838. во знак на незадоволство од политичките реформи и етнички конфликти. Како резултат на тоа, Актот за обединување од 1840. ги обединил Горна и Долна Канада во Обединета Покраина Канада. Француските и англиските канаѓани работеле заедно во собранието за да ги воспостават правата на Французите. Претставничка власт била воспоставена во сите британски северноамерикански покраини до 1849.

Во 1846. год. граничниот спор со САД бил разрешен и границата била воспоставена по 49. паралела западно од Големите Езера. Со тоа се овозможило понатамошно колонизирање на западните покраини и основањето на колониите Британска Колумбија 1849. и Ванкувер 1858.

Конфедерација и проширување на територијата После низа уставни конференции, Уставниот акт од 1867. наречен Британски Северноамерикански Акт, ја основал Канадската конфедерација, создавајќи еден доминион под името Канада на 1 јули 1867. со четири покраини: Онтарио, Квебек, Нова Шкотска и Њу Бранзвик. Во 1870. год. од Рупертовата Земја и Северозападните земји, биле основани Северозападните Територии и покраината Манитоба. Во 1871 била придодадена покраината Британска Колумбија, а во 1873 и островот Принц Едвард.

Воспоставувањето на државен и политички систем одиграло важна улога во развојот на Канада во поглед на колонизацијата, развојот на индустријата, земјоделството и сообраќајот.

Современа историја Канада автоматски влегла во Првата светска војна во 1914. со влегувањето во војна на Британија. Канада испраќала војници на западниот фронт, кои одиграле важна улога во текот на војната.

Во 1919. Канада се придружила самостојно (независно од Британија) на Лигата на Народите; во Вестминстерскиот статут 1931 — Акт на Парламентот на Велика Британија — ја потврдил независноста на Канада.

Големата криза од 1929 и' донела економски тешкотии на цела Канада.

Канада и' објавила војна на фашистичка Германија три дена по објавата на В.Британија во декември 1939. Канадските војски играле значајни улоги во борбите во Атлантикот, во инвазијата на Италија, Десантот на Бретања (Ди-деј), Битката за Нормандија, ослободувањето на Холандија и други операции. Во тој период, економијата цутела како резултат на воените набавки за Канада, Британија, Кина и Советскиот Сојуз. Втората светска војна Канада ја завршила со една од најголемите армии во светот.

Во 1949. Њуфаундленд и Лабрадор се придружиле на Канадската Конфедерација како 10-та покраина. Повоениот просперитет резултирал со зголемен наталитет (бејби-бум) и зголемена имиграција од разурнатите европски земји.

Новиот Канадски идентитет почнал да се развива во текот на 20. век. Канада го усвоила своето ново знаме во 1965. Во 1982. год. е донесена Повелбата за правата и слободите на граѓаните како проширување на уставниот систем на Канада.

Движењата за поголем социјален и економски просперитет коишто започнале уште од 1960-тите, резултирале со влегување на франкофонските националисти во парламентот во 1976. год. Референдумот за независност на Квебек од 1980-та бил отфрлен со големо мнозинство, а вториот референдум од 1995. бил отфрлен со тесна разлика од 50,6% : 49,4%.

Во текот на 1980-тите, под премиерот Брајан Малруни, Канада се приближила кон САД во економските и политичките односи. Бил потпишан договорот за слободна трговија со САД, подоцна и со Мексико (познат како НАФТА - северноамерикански договор за слободна трговија).

Во целиот период на доселување, од 16. до 19. век, главни дејности биле најнапред рибарството, подоцна ловот и крзното, потоа експлоатацијата на дрво, подоцна рударството (нпр. златни трески) и на крајот земјоделството.

Географија и клима мини|десно|Сателитска снимка на Канада. На десниот горен дел од сликата, областите под мраз се Гренланд (Данска) и Исланд.

Канада зафаќа поголем дел од Северна Америка, и се граничи со САД на југ и со Американската држава Алјаска на северозапад. Се протега од Атлантскиот Океан до Тихиот Океан на запад, на север е Северноледениот Океан. По вкупна површина (вклучувајќи ги и реките и езерата), Канада е втора во светот, по Русија. По земни површини е четврта, по Русија, Кина и САД.

Од 1925. год. Канада ги присоединила и деловите од Арктикот помеѓу 60° и 141° западна ширина, но ова не е општо признаено. Најсеверната населба во Канада и во светот е станицата на Канадските вооружени сили на северниот крај од островот Елсмир на 82,5° северна ширина, само 817км јужно од Северниот Пол. Канада ја има најдолгата крајбрежна линија на светот: околу 243 000км.

Канада е една од најбогатите земји со природни ресурси: земен гас, езера, реки и разни минерали.

Во источниот дел, реката Сент Лоренс се проширува во заливот Сент Лоренс, најголем влив во светот, кој го содржи островот Њуфаундленд. Јужно од заливот, приморските покраини се протегаат по должината на Апалачките Планини. Нова Шкотска и Њу Брасвик се разделени со заливот Фанди, кој ги има најголемите варијации на прилив и одлив во светот. Онтарио и Хадсон Беј доминираат со централна Канада, а западно се шират рамничарските канадски прерии, сè до Карпестите Планини кои ги делат од Британска Колумбија. Највисока планина во земјата е Логан (5.959 м)

Во западна Канада, реката Мекензи тече на север до Северноледениот Океан. Реката Јужна Нахани ги создава водопадите Вирџинија во Северозападните територии, кои се двојно повисоки од Нијагарините водопади во Онтарио.

Во северниот дел на Канада, растителноста од столетни четинарски шуми опаѓа се' до ниска тундра кон север. Северното канадско копно е обиколено со огромен архипелаг, кој ги содржи некои од најголемите острови на светот.

Просечните зимски и летни максимални температури во Канада варираат зависно од локацијата. Зимите се сурови во многу региони, особено во внатрешноста и прериските покраини (Манитоба, Саскачеван и Алберта), кајшто дневните темератури се просечно -15 °C, но може да се спуштат и под -40 °C.

Во континенталните региони, снегот може да се задржи и по 6 месеци, дури и повеќе отколку на северот. Крајбрежјето на Британска Колумбија е исклучок и ужива умерена клима со благи и дождливи зими.

На источното и западното крајбрежје, просечните максимални летни температури се 20-25 °C, додека во континенталниот дел се од 25-30 °C, со ретки екстремни температури на некои места до 40 °C.

Население

Според пописот од 2006. во Канада има 31.612.897 жители, што е зголемување од 5,4% од 2001. Растот на населението е од имиграцијата и, во помала мерка, од природен прираст. Околу 3/4 од населението живее во појасот од 150км од границата со САД, веројатно поради климатските прилики. Исто така, огромното мнозинство од населението живее на појасот Квебек сити — Виндзор, кој ги опфаќа Монтреал, Отава и Торонто, потоа во појасот Едмонтон-Калгари во Алберта и во Ванкувер, Британска Колумбија.

Според пописот од 2001. Канада има 34 етнички групи со по најмалку 100.000 припадници, и 83% од населението се сметаат за белци.

мини|десно|Тотем на племето Кваквакавак во Викторија, Британска Колумбија. Најголемата етничка група се Англичаните (20,2%), потоа Французите (15,8%), Шкотите (14%), Ирците (12,9%), Германците (9,3%), Италијанците (4,3%), Кинезите (3,7%), Украинците (3,6%) и индијанците (3,4%). 40% се идентификувале како етнички Канаѓани. Во 2001. 49% од населението во Ванкувер и 42,8% од населението во Торонто припаѓале на „видливите малцинства“ (индуси, кинези, црнци, арапи, индијанци и сл.). Во 2005. Статистичкиот завод на Канада проектирал дека луѓето со неевропско потекло ќе бидат мнозинство во овие два града до 2012. Истражување објавено во 2007. открива дека скоро 1 од 5 канаѓани е роден во странство, односно имигрант. Скоро 60% од новите имигранти доаѓаат од Азија.