Акцизи или трошарини — данок со кој се оданочува потрошувачката на едно или на неколку добра, како што се тутунските производи, алкохолните пијалаци и нафтените производи. Добрата кои се избираат за оданочување со акцизи вообичаено ги имаат следниве одлики:

1. нивното производство и промет се контролирани од државата; 2. тие се одликуваат со ценовно нееластична побарувачка; 3. имаат доходна еластичност на побарувачката поголема од единица; 4. нивната потрошувачка се смета дека предизвикува негативни екстерналии

Поим за акцизи Во современите даночни системи, како даноци на потрошувачката, (прометот на стоки и услуги) во основа се јавуваат следните видови даноци: ДДВ (данок на додадена вредност или данок на промет на стоки и услуги), царини и други царински давачки и акцизи (данок на поединечни добра и услуги).

Историски гледано, акцизите се јавуваат како најстар облик на данок на потрошувачка со чие воведување за првпат е применета идејата за оданочување на потрошувачката. Акцизите или данок на специфични добра и услуги, според соодветната меѓународна класификација, се наплатуваат на прометот на точно определен број производи. Може да се воведат во било која фаза од прометот или производството.

Основната цел на воведувањето на акцизите е од фискален карактер, кој карактер е задржан до денес. Имено, акцизите носат големи фискални приходи (7 - 20% од вкупните приходи во земјите од ЕУ), бидејќи нивните стапки се значително повисоки во споредба со стапките на ДДВ - општиот данок на потрошувачка, кој не трпи повеќе од неколку приближно воедначени даночни стапки. Кај акцизите, даночните стапки можат да се определат или како специфични (како апсолутен износ по соодветната мерна единица на производот/стоката) или на ad valorem основа (како процент од нејзината вредност).

За да се постигне гореспоменатата фискалната цел, со акцизите најчесто се оданочуваат производи за масовна потрошувачка кои не можат да се супституираат или нивната супституција е тешко изводлива. Пред се, се работи за производи со ценовно нееластична побарувачка и доходна еластичност на побарувачката поголема од еден.

Добрата кои се оданочуваат со акцизи т.е. акцизните добра, се наречени „специфични добра“, а акцизите „специфични даноци на потрошувачка“ пред се поради нивните посебни одлики, нивниот ограничен број и високите стапки што се применуваат при нивното оданочување.

Причини за акцизно оданочување Во различни земји бројот и карактерот на производите кои се оптоваруваат со акцизи е различен. Во некои земји (претежно во Африка и Азија) акцизите се задржале како единствен данок на потрошувачка поради едноставниот механизам за наплата и стабилните приходи кои ги обезбедуваат. Во мнозинство други земји акцизите се јавуваат покрај општиот данок на промет, така што со нив потрошувачката на точно определен број производи двојно се оданочува.

За постоење на акцизите не постои единствена причина. Имено, принципите на оданочување се различни. Така, со акцизи може да се оданочуваат: прехранбени производи за секојдневна неопходна употреба - со што би се потврдила нивната фискална изобилност, односно би се постигнала основната фискална цел; потоа, луксузни производи - со цел постигнување социјални ефекти; исто така и производи кои се штетни по здравјето на луѓето и околината - со што би се внедриле негативните екстерналии.

Иако, согласно различните законодавства во земјите, оданочувањето со акцизи е различно, сепак акцизите се сконцентрирани главно на три категории производи: нафтени деривати (минерални масла), алкохолни пијалаци и тутунски производи. Покрај овој генерален систем на производи оданочени со акцизи, во некои земји се опфатени и други видови на производи, како на пример: кафе, автомобили, шеќер, сол, чај, конкретни луксузни производи и др.

Поради ваквата неконзистентност на законодавствата во поглед на утврдување на причините за постоење на акцизи и различниот број и карактер на производите опфатени со акцизи, истите добро е поединечно да се обработат. Во продолжение се презентирани најчестите причини за оданочување на потрошувачката со акциза.

Политики на оптоварување со акцизи 1. Покрај веќеспоменатата основна фискална цел, политиката на оптоварување со акцизи може да е условена и од интересот на одделни земји за фаворизирање на производството на некои производи. Предметот на оданочување мора да се води од посебниот економски интерес за унапредување на производството на некои производи (незаборавајќи при тоа на фискалните мотиви). Имено, не би било оправдано со акцизи да се оданочува производ преку чие производство се развиваат клучни, носечки стопански гранки или дејности во една држава, се разбира тоа би било дестимулативно за потрошувачката, производството, вработеноста и сл. 2. Спротивно на претходното, кога државата сака да ја дестимулира потрошувачката на определен вид производ може истиот да го оптовари со акциза. Пред се, тука станува збор за производите чие производство и/или потрошувачка предизвикуваат негативни надворешни ефекти. Со воведувањето акцизи државата настојува да ги корегира во извесна мерка негативните екстерналии кои произлегуваат од потрошувачката и производството на некој производ. Во практиката, таквата интернализација на негативните надворешни ефекти би значелa намалување на медицинските и општествените трошоци (здравствени трошоци за сузбивање болести во подем, трошоци за заштита на човековата околина и сл.) кои произлегуваат од консумацијата на алкохол, пушењето цигари и сл. Понатака, употребата на нафтени производи и автомобили доведува до загадување на околината, воздухот, водите, создавање на врева итн. 3. Постигнување соодветна прераспределба на доходот преку оданочување на луксузните производи, со што оптоварувањето би било поголемо кај лицата со повисок доход. Со други зборови, акцизите би се користеле како инструмент за подобрување на вертикалната правичност во оданочувањето. Ова особено важи за држави во чии даночни системи директните даноци не се прогресивни, било поради избраните стапки или поради слабостите на избраната администрација. Ваквото оданочување со акцизи на луксузните добра нема единствено значење во доменот на политиката на соодветна прераспределба на доходот. Имено, оптоварувањето на луксузните производи со акцизи има значење и за основната, фискална цел на акцизното оданочување. Сепак, практиката бележи дека во одредени земји напуштањето на акцизното и прифаќањето на редовното оданочување (со општ потрошувачки данок кој е со пониски стапки) кај овие производи довело не само до компензирање туку и до надминување на фискалните ефекти кои се остварувале со акцизите, поради зголемување на прометот. 4. Можно е и користење на акцизите во доменот на економската политика со цел да се влијае врз потрошувачката на точно одредени енергенси или за друг вид производи и слично. Меѓутоа, акцизите со своите одлики не се погоден инструмент за водење економска политика бидејќи можат да предизвикаат несакани дисторзии на пазарот. Имено, ако производи оптоварени со акциза можат да се супституираат со други производи оптоварени само со општ данок на промет (ДДВ) тоа може да влијае врз конкурентноста на производот на пазарот и не само тоа, туку и на слободниот избор на потрошувачите.

Акцизите, даночните власти и обврзниците Акцизите за „даночниците“ се еден од омилените даноци. Се собираат лесно, ефикасно без поголем административен напор (системот за пресметка и наплата е едноставен), а можностите за даночна евазија се ограничени поради релативно лесната и едноставна контрола. Од ефикасната контрола на производството и увозот зависат фискалните ефекти, пред се, на трите основни најзначајни категории производи (нафтените деривати, тутунските производи и алкохолот). За таа цел, неопходна е регистрaцијата на сите производители и увозници на акцизни добра кај даночната администрација .

Ако акцизите се омилени за Управата за јавни приходи , тие не се омилени за даночните обврзници и дестинатори. На пример, евтините производи одданочени со акцизи се релативно повеќе даночно оптоварени од исти такви производи со повисоки цени, бидејќи како поевтини производи нив ги користат широки маси потрошувачи со ниска даночна сила што значи дека сносат релативно поголемо даночно оптоварување. Се работи за регресивен ефект кој би можел да се ублажи, но не и целосно да се елиминира (на пример да се одредат акцизи во однос на конечната малопродажна цена на производот – ова функционира во некои земји на ЕУ).

Обврзниците се утврдуваат различно, зависно од видот и карактерот на одделните производи и карактерот на прометот. На пример, во случајот со нафтените деривати и тутнските производи вообичаено обврзникот се лоцира на ниво на производителот или увозникот за поцелосна и поедноставна наплата на акцизите. Во случајот на алкохолните пијалаци пак, како обврзници ќе се појават сите субјекти на соодветните трансакции т.е. производителот, увозникот (ако се увезува), трговијата на големо, трговојата на мало и други учесници во прометот. Значи слично како и кај ДДВ акцизата се наплатува во сите фази на прометот. Сепак, како дестинатори секогаш во практиката се јавуваат крајните потрошувачи и во двата наведени случаи.

Даночна основа и даночна обврска Како што определувањето на обврзниците на акцизи е различно, така и даночната основа се определува различно за одделни видови производи. За прометот на нафтени деривати и тутунски производи основата за плаќање на акцизата е официјално утврдената или одобрената цена во која е засметана акцизата. Истото важи и за увозот.

Кај алкохолните пијалаци и другите видови производи како основа се зема продажната цена намалена за износот на акцизата во претходните прометни чинови. Значи, во секоја прометна фаза акцизата се плаќа на новододадената вредност, а при увоз основата е утврдена според царински прописи, вклучувајќи ја и царината.

Најпрво, вообичаено било акцизната даночна обврска да се утврдува во фиксен износ, по соодветна едниница мерка (специфични стапки) согласно каракетерот на производот (парче, килограм, литар, зафатнина и слично). Утврдувањето на даночната обврска на ad valorem основа е карактеристично во поново време и се одредува во однос на малопродажната цена на производот. Сепак, специфичните даночни стапки и денес се применуваат во даночните системи, дури повеќе од ad valorem основата.

Видови акцизи Постојат различни начини на кој акцизите можат да се групираат. Наједноставно, можат да се групираат според видот на производот на кој се однесуваат, односно за производот за кој се наплатуваат (акцизи на сол, акцизи на тутунски производи, акцизи на автомобили итн.).

Акцизите можат да се јават и како акцизи на потрошувачката и акцизи на употребата на одреден производ.

За разлика од ДДВ (посреден данок) акцизите можат да бидат посредни (најчесто) или непосредни (ретки се и не се многу застапени во даночните системи). Како посредни се јавуваат сите акцизи на потрошувачката, но и некои акцизи на употреба на производите; додека пак како непосредни можат да се јават само акцизи на употреба на некои производи. Според ова во нашиот даночен систем непосредните акцизи не се застапени.

Значајно е да се спомене дека поради генерално високите акцизни стапки најчесто преовладува нивниот фискалниот карактер. Се разбира, таквата поставеност на акцизните даночни стапки го поттикнува илегалниот промет на домашниот пазар и увозот. Ова особено се однесува на тутунските производи и алкохолните пијалаци, така што добро развиената контрабанда може да доведе до позначајна загуба на фискални приходи. За да се спречи тоа, потребни се висококвалификувани, ефикасни, некорумпирани, соодветно обучени царински служби и даночна администрација.

Акцизите во даночниот систем на Република Македонија