Маслениот пастел е вид пастел (метнички медиум кој се состои од прашкаст пигмент и врзивно средство) кој користи мешавина од масло кое не се суши и восок како врзивно средство. Се разликува од другите пастели кои се направени со гума или врзивно средство за метилцелулоза, како и од боици кои се направени без масло. Површината на сликата изработена со маслени пастели е помалку прашкаста од онаа направена од други пастели, но е потешка за заштита со фиксатив. Боите на маслените пастели се многу заситени и светли. Тие можат лесно да се мешаат, но исто така боиците лесно може да се кршат.

Историја

На крајот од Првата светска војна, Канае Јамамото предложил реорганизација на јапонскиот образовен систем. Тој сметал дека тоа е премногу насочено кон некритичко апсорбирање на информации преку имитација и сакал да промовира помалку ограничувачки систем, визија што ја образложил во својата книга „Теорија на самоизразување“, во која го опишува методот Џију-га, „учење без учител“. Наставниците Ринзо Сатаке и неговиот зет Шуку Сасаки ги читале делата на Јамамото и станале фанатични поддржувачи. Тие станале заинтересирани да ги спроведат неговите идеи со тоа што ќе ги заменат многуте часови што јапонските деца морале да ги поминат цртајќи идеограми со црно индиско мастило со бесплатни часови цртање, исполнети со што е можно повеќе боја. За таа цел, тие решиле да произведат подобрен восочен креон и во 1921 година ја основале компанијата „Сакура Креј-Пас“ и започнале со производство.

Новиот производ не бил целосно задоволителен, бидејќи концентрацијата на пигменти била ниска, а мешањето невозможно, па во 1924 година тие одлучиле да развијат боичка со висок вискозитет, маслени пастели. Користеле мешавина од пасиран парафински восок, стеаринска киселина и кокосово масло како врзивно средство. Дизајнирани како релативно евтин, лесно нанеслив, шарен медиум, маслените пастели им дале на помладите уметници и студенти поголема слобода на изразување отколку скапите пастели слични на креда кои вообичаено се поврзуваат со ликовната уметност. До додавањето на стабилизатор во 1927 година, маслените пастели биле достапни во два вида: зимски пастели со дополнително масло за да се спречи стврднување и летни пастели со малку масло за да се избегне топење. Државните училишта не можеле да си го дозволат медиумот и биле сомничави кон самата идеја за „самоизразување“ воопшто. Го фаворизирале обоениот молив, поевтин германски изум кој тогаш бил широко промовиран во Европа како средство за всадување работна дисциплина кај малите деца.

Маслените пастели веднаш постигнале комерцијален успех и други производители брзо ја прифатиле идејата, како што е холандската компанија Таленс, која почнала да произведува панда пастели во 1930 година. Сепак, ниту едно од овие не било споредливо со маслените пастели со професионален квалитет што се произведуваат денес. Овие рани производи биле наменети да го воведат западното уметничко образование кај јапонските деца, а не како медиум за ликовна уметност, иако Сакура успеала да убеди некои авангардни уметници да се запознаат со техниката, меѓу кои и Пабло Пикасо.

Во 1947 година, Пикасо, кој со години не можел да набави маслени пастели поради воените услови, го убедил Анри Сенелиер, француски производител специјализиран за висококвалитетни уметнички производи, да развие верзија за ликовни уметности. Во 1949 година, „Сенелиер“ ги произвел првите маслени пастели наменети за професионалци и искусни уметници. Овие пастели биле супериорни во вискозитетот на восокот, текстурата и квалитетот на пигментот и способни да произведат поконзистентна и попривлечна работа. Пикасо побарал тие да бидат произведени во 48 различни бои.

Јапонскиот бренд на маслени пастели „Холбајн“ се појавил во средината на 1980-тите, со студентски и професионални оценки, вторите со опсег од 225 бои.

Употреба Пастелите со масло може да се користат директно во сува форма, кога се нанесуваат лесно, добиените ефекти се слични на маслените бои. Тешките натрупувања можат да создадат речиси импасто ефект. Откако ќе се нанесе на површината, пигментот со маслени пастелни бои може да се манипулира со четка натопена во бел спирит, терпентин, ленено масло или друг вид растително масло или растворувач. Алтернативно, површината за цртање може да се премачка со масло пред цртањето или самиот пастел може да се потопи во масло. Некои од овие растворувачи можат да предизвикаат сериозни здравствени проблеми.

Пастелите со масло се лесни за сликање и практични за носење. Поради оваа причина тие често се користат за скицирање, иако можат да се користат и за одржливи дела. Бидејќи маслените пастели никогаш не се сушат целосно, делата често се заштитуваат со нанесување специјален фиксатив на сликата или со ставање на сликата во обвивка пред врамувањето на делото.

Медиумот има познати проблеми со издржливоста:

Бидејќи маслото не се суши, тоа продолжува да навлегува во хартијата. Овој процес ги деградира и хартијата и слојот во боја бидејќи ја намалува флексибилноста на бојата. Стеаринската киселина во маслото има тенденција да ја направи хартијата кршлива. И стеаринската киселина и восокот се склони кон ефлоресценција или „цутење на восок“, натрупување на масни киселини и восок на површината во непроѕирен бел слој.

Делото лесно се враќа во проѕирност со нежно полирање со волнена крпа, но трите елементи резултираат со слој во боја составен главно од кршлива стеаринска киселина врз кршлива хартија, создаваат кршлива комбинација што лесно може да се распадне.

Долгорочна загриженост претставува едноставното испарување: половина од палмитинската киселина присутна во делото ќе испари во рок од 40 години, а во рок од 140 години половина од стеаринската киселина исто така ќе исчезне. Импрегнацијата на целото уметничко дело со пчелин восок е оценета  како мерка за зачувување на уметничкото дело.

Површина и техники

Површината избрана за маслени пастели може да има многу драматичен ефект врз конечната слика. Хартијата е вообичаена површина, но овој медиум може да се користи и на други површини, вклучувајќи дрво, метал, тврда плоча (често позната како „масонит“), МДФ, платно и стакло. Многу компании произведуваат специјално хартии за пастели кои се погодни за употреба со маслени пастели.

Создавањето слоеви на боја со маслени пастели, наречено слоевитост, е многу честа техника. Други техники вклучуваат подсликање и стружење или сграфито. Терпентинот или слични течности како што се минералните спирти, често се користат како алатка за мешање за да се создаде ефект на перење сличен на некои слики со акварел. За таква техника се претпочитаат комерцијално достапни хартии за скицирање со масло.

Оценки

Постојат голем број видови маслени пастели, од кои секој може да се класифицира како академски, студентски или професионален.

Училишна класа е најниската класа, генерално, маслените пастели од оваа класа се поцврсти и помалку живописни од оние од повисоките класи. Генерално е наменет за деца или нови корисници на маслени пастели и е прилично ефтин во споредба со другите сорти.

Средната класа, односно класата наменета за ученици по уметност, е помека и со поживи бои од училишната класа. Тие обично се поскапи. Професионалната класа е највисоката класа на маслени пастели, а воедно се и најмеки и најживописни, но можат да бидат релативно скапи.

Поврзано

Маслено стапче

Наводи

Литература

Лесли, Кенет. Маслени пастели: Материјали и техники за денешниот уметник, публикации „Ватсон-Гуптил“, 1990 година. . МХелис, „Маслени пастели“, во Медиуми и техники на уметнички дела на хартија, Центар за конзервација на Институтот за ликовни уметности на Универзитетот во Њујорк, Њујорк, 1999 година.

Елиот, Џон. Маслени пастели: за сериозни почетници, публикации „Ватсон-Гуптил“, 2002 година. .

Надворешни врски

Здружението на маслени пастели https://web.archive.org/web/20070716232500/http://palimpsest.stanford.edu/waac/wn/wn21/wn21-1/wn21-106.html за дискусија за испарувањето и ефлоресценцијата. Категорија:Уметнички материјали