Лисандро Мартинес (роден на 18 јануари 1998 г.) — аргентински фудбалер, играч од одбраната на Манчестер Јунајтед и на аргентинската репрезнтација.
Познат по прекарот „касапот“, тој е познат по својот агресивен стил на игра.
Мартинес ја започнал кариерата во Њуелс Олд Бојс, а во 2017 година се преселил во Дефенса и Хустисија, првично на позајмица. Во 2019 година тој потпишал за Ајакс, каде што забележал вкупно 120 настапи во текот на три сезони и освоил две титули во првата холандска лига и една титула во холандскиот куп. Во сезоната 2021–22, Мартинес ја освоил наградата за најдобар играч на Ајакс.
Мартинес настапувал за Аргентина на младинско ниво, а за сениорската репрезентација дебитирал во март 2019 година, и бил дел од составите на Аргентина кои ги освоиле Копа Америка 2021, Финалисима 2022, Светското првенство 2022 и Копа Америка 2024.
Технички карактеристики Мартинес првенствено игра како централен бек, иако може да игра и како лев бек и како одбранбен играч за врска, бидејќи на тие позиции играл во одреден период во Дефенса и Хустисија и Ајакс. Тој е централен бек кој добро ја контролира топката и е познат по прецизните додавања и смиреноста со топката. Во сезоната 2021–22 во холандската прва лига, тој имал највисок просек на додавања по 90 минути од сите играчи во лигата. Пред да го потпишат, скаутите на Ајакс го опишале Мартинес како левак кој добро игра со топката, кој е „цврст како карпа“ и поседува победнички менталитет. Во Манчестер Јунајтед, неговите настапи довеле до споредби со поранешниот играч Немања Видиќ, при што самиот Видиќ го пофалил Мартинес за неговото агресивно бранење и лидерство на теренот. И покрај тоа што со 175 сантиметри се смета за релативно низок за одбранбен играч, тој е ефикасен во воздушните дуели.
Клупска кариера Њуелс Олд Бојс Роден во Гуалегвај, Ентре Риос, Мартинес минал низ локалните младински школи на Клуб Уркиза и Клуб Либертад, а потоа се префрлил во младинските категории на Њуелс Олд Бојс. Својот прв професионен настап за Њуелс, Мартинес го имал во последното коло од Примера Дивисион во сезоната 2016–17, одигрувајќи го целиот натпревар во поразот од 2–0 од Годој Круз.
Дефенса и Хустисија Во август 2017 година, Мартинес му се приклучил на аргентинскиот премиерлигаш Дефенса и Хустисија на позајмица. Неговиот прв настап за Дефенса бил на 13 октомври, во поразот од Сан Лоренцо. Два натпревари подоцна, тој го постигнал својот прв сениорски гол во победата на гости против Темперли. Дефенса и Хустисија откупила 50% од правата на Мартинес во јуни 2018 година.
Во сезоната 2018–19, Мартинес забележал 25 настапи и постигнал два гола во аргентинската Примера Дивисион. На 17 септември 2018 година, тој го постигнал победничкиот гол за Дефенса и Хустисија во победата од 1–0 над Росарио Сентрал. На 3 декември 2018 година, тој го постигнал израмнувачкиот гол во 89. минута против Уракан, за конечни 1–1. Во истата сезона, Дефенса и Хустисија го остварила највисокиот пласман во историјата на клубот до тој момент, завршувајќи на второто место во Примера Дивисион.
Ајакс На 17 мај 2019 година, Дефенса и Хустисија објавила дека постигнала договор со холандскиот клуб Ајакс за трансфер на Мартинес, вреден 7 милиони евра. На 20 мај, Ајакс го потврдил трансферот, кој бил реализиран на 1 јули. Мартинес потпишал четиригодишен договор со опција за продолжување за уште една година. Мартинес го одиграл својот прв официјален наптрвар за Ајакс во холандскиот суперкуп против ПСВ Ајндховен, во кој Ајакс победил со 2–0 и го освоил трофејот. На својот прв натпревар во првата холандска лига, против Емен, Мартинес бил избран за играч на натпреварот во победата на Ајакс од 5–0. Мартинес го постигнал својот прв гол за Ајакс на 28 септември, кога го отворил резултатот во победата од 2–0 над Гронинген на Јохан Кројф Арена. Тој повторно постигнал гол против Утрехт во ноември, во сезоната која била предвремено прекината поради пандемијата на КОВИД-19.
На својот прв натпревар во сезоната 2020–21, Мартинес го постигнал својот трет гол за Ајакс во победата против РКЦ Валвајк. Во текот на сезоната, тој постигнал уште два гола во првата холандска лига, против Херенвен и АЗ Алкмар. Вкупно, Мартинес ја завршил сезоната со 42 настапи во сите натпреварувања и со Ајакс ја освоил двојната круна во холандскиот фудбал.
Во сезоната 2021–22, Мартинес одиграл 37 натпревари за Ајакс во сите натпреварувања и постигнал еден гол, против Вилем II во победата од 5–0. По завршувањето на сезоната, тој бил избран за играч на сезоната на Ајакс, а со клубот ја освоил првата холанска лига, што била 36-та шампионска титула на Ајакс.
Манчестер Јунајтед
На 16 јули 2022 година било објавено дека Манчестер Јунајтед постигнал договор со Ајакс за трансфер на Мартинес во вредност помеѓу 47 и 49 милиони фунти, плус 8,5 милиони фунти во бонуси. Трансферот официјално бил завршен на 27 јули, кога Мартинес потпишал петгодишен договор со клубот. Следниот ден било потврдено дека тој ќе го носи дресот со број 6, кој последен го носел Пол Погба. На 7 август, Мартинес го одиграл својот прв натпревар за Манчестер Јунајтед во поразот од 2–1 против Брајтон енд Хоув Албион во Премиер лигата. Сепак, по настапите против ривалот Ливерпул и Саутхемптон, тој ја добил наградата за играч на месецот на Манчестер Јунајтед за август. На 22 јануари 2023 година, Мартинес го постигнал својот прв гол за Манчестер Јунајтед во поразот од 3–2 против Арсенал на Емирати. На 26 февруари, Мартинес го освоил својот прв трофеј со клубот, по победата над Њукасл Јунајтед во финалето на англискиот Лига-куп. На 13 април, тој ја повредил десната нога на првиот натпревар од четвртфиналето на Лигата на Европа против Севиља. Следниот ден било потврдено дека тој се здобил со скршеница на петтата метатарзална коска на десното стапало и дека ќе го пропушти остатокот од сезоната.
На почетокот од сезоната 2023–24, по натпреварот од четвртото коло во Премиер лигата против Арсенал на 3 септември 2023 година, Мартинес ја влошил повредата на стапалото, а на 29 септември Манчестер Јунајтед потврдил дека ќе отсуствува подолг период. По четири месеци отсуство, тој се вратил на 14 јануари 2024 година, влегувајќи во игра како замена во ремито 2–2 против Тотенхем Хотспар. На 4 февруари, на натпреварот против Вест Хем Јунајтед, тој бил заменет во 71. минута по судир со играчот на Вест Хем, Владимир Цоуфал. Потоа било потврдено дека Мартинес се здобил со повреда на медијалниот колатерален лигамент на коленото и се очекувало да отсуствува најмалку осум недели. Мартинес се вратил на терените на 25 мај, во финалето на ФА купот против градскиот ривал Манчестер Сити, каде што Јунајтед победил со 2–1 и ја освоил титулата. Поради повредите и подолгите периоди на отсуство во текот на сезоната, Мартинес забележал 14 настапи во сите натпреварувања за Манчестер Јунајтед, од кои 11 во Премиер лигата, без постигнат гол.
На 5 јануари 2025 година, Мартинес го постигнал почетниот гол во ремито 2–2 против Ливерпул на Енфилд. Тој станал првиот играч на Манчестер Јунајтед што постигнал гол на теренот на ривалот по Џеси Лингард во 2018 година, прекинувајќи ја серијата од пет лигашки гостувања на Енфилд без постигнат гол. На 23 јануари, Мартинес асистирал за одлучувачкиот гол на Бруно Фернандеш во победата од 2–1 против Ренџерс во Лигата на Европа. На 26 јануари, неговиот одбиен удар му донел победа на Јунајтед од 1–0 против Фулам на Крејвен Котиџ. Една недела подоцна, на 2 февруари, тој претрпел повреда на предниот вкрстен лигамент на натпреварот против Кристал Палас, поради што го пропуштил остатокот од сезоната.
На 13 април 2026 година, Мартинес добил директен црвен картон за повлекување за коса на Доминик Калверт-Луин во поразот од 2–1 од Лидс Јунајтед и бил суспендиран на три натпревари.
Репрезентативна кариера Мартинес осумпати настапил за Аргентина за репрезентацијата под 20 години. Тој четирипати настапил на Јужноамериканското првенство за играчи под 20 години 2017 во Еквадор, при што првиот настап го имал против Венецуела во првата фаза. Аргентина завршила на четвртото место и се квалификувала за Светското првенство под 20 години 2017 во Јужна Кореја. Мартинес бил повикан во составот за Светското првенство под 20 години, но не забележал ниту еден настап. Тој настапил двапати за Аргентина за репрезентацијата под 23 години, дебитирајќи во пријателската победа од 5–0 против Боливија во септември 2019 година.
Во март 2019 година, Мартинес го добил својот прв повик во сениорската репрезентација на Аргентина. Својот прв натпревар за Аргентина, тој го одиграл против Венецуела на 22 март во Мадрид. Мартинес забележал еден настап на Копа Америка 2021, а Аргентина била првак. Тој бил неискористена замена во победата на Аргентина од 3–0 над Италија во Финалисима 2022. На Светското првенство 2022, Мартинес влегол од клупата против Австралија во осминафиналето, при што направил важна интервенција при еден од нападите на Австралија. Мартинес бил во почетниот состав против Холандија во четвртфиналето, а влегол од клупата против Хрватска во полуфиналето. Во финалето против бранителот на титулата Франција, тој бил неискористена замена, додека Аргентина победила со 4–2 на пенали и ја освоила својата трета светска титула.
На 15 јуни 2024 година, Мартинес бил именуван во составот од 26 играчи за Копа Америка 2024. Тој го постигнал својот прв репрезентативен гол во четвртфиналето против Еквадор, носејќи ја Аргентина во водство во натпреварот кој завршил 1–1, по што Аргентина победила на пенали.
Мартинес бил именуван во составот од 26 играчи на Аргентина за Светското првенство 2026. Тој го постигнал својот прв гол на светските првенства и асистирал за голот на Лионел Меси во победата од 3–2 по продолженија против Зелен ’Рт во шеснаесетфиналето. Во осминафиналето против Египет, Мартинес го одиграл целиот натпревар во победата на Аргентина од 3–2, откако таа се вратила од негатива од 0–2. Во четвртфиналето против Швајцарија, тој одиграл 120 минути во победата од 3–1 по продолженијата. Во полуфиналето против Англија, Мартинес бил заменет во 71. минута, а Аргентина победила со 2–1 и се пласирала во финалето. Во финалето против Шпанија, Мартинес бил во почетниот состав, но бил заменет во 43. минута поради повреда, а Аргентина загубила со 0–1 по продолженијата.
Наводи
Надворешни врски
Профил на мрежното место на Манчестер Јунајтед
Категорија:Родени во 1998 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Аргентински фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Ајакс Категорија:Фудбалери на ФК Манчестер Јунајтед Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Фудбалери освојувачи на Светско првенство Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026