Lysimachia minima или ситна метилка (син. Anagallis minima или Centunculus minimus) — вид тревесто едногодишно цветно растение кое припаѓа на родот Lysimachia, од семејството јаглики (Primulaceae). Претставува широко распространето мало растение што потекнува од поголемиот дел од Евроазија и Северна Америка. Најчесто успева и вирее на влажни почви и места каде што периодично се собира вода.
Опис и распространетост Lysimachia minima е голо растение со височина од 1 до 5 см. Неговото стебленце е вертикално, може да биде едноставно или разгрането, со гранчиња што се прилегнати или раздалечени и густо обраснати со листови. Листовите се поставени спирално, со форма од јајцевидно-ланцетна до јајцевидна, долги 3–5 мм, со цел раб, заострени на врвот и стеснети во кратки дршки. Цветовите се поединечни, сместени во пазувите на горните листови, речиси без дршка или со многу кратка дршка. Чашката е долга 1,5–2,5 мм, поделена речиси до основата на тесни ланцетни сегменти со остри врвови. Венчето е бело или розово, значително пократко од чашката, поделено до половина на 4–5 делови; неговиот цилиндричен дел е топчесто проширен, а слободните делови се ланцетни и остро завршуваат. Прашниците се прицврстени под средината на венечната цевка и се пократки од неа. Плодната кутијка е топчеста, со дијаметар од 1,5 мм, без влакна, пократка од чашката и се отвора со една средишна пукнатина, при што горната половина се одвојува како капаче.
Во Македонија расте на влажни тревни и песокливи терени. Се среќава во Прилеп - Маркови Кули и манастирот Трескавец; Струмица - помеѓу селата Банско и Габрово; околината на Пехчево.
Синоними Anagallidastrum exiguum Bub. Anagallis centunculus Afzel. Anagallis minima (L.) E. H. L. Krause Anagallis pusilla Salisb. Centunculus lanceolatus Michx. Centunculus minimus L. Centunculus simplex Hornem. Micropyxis exigua (Bub.) Lunell
Галерија
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија