Микел Ојарсабал Угарте (роден на 21 април 1997 г.) — шпански фудбалер, напаѓач на Реал Сосиедад и на шпанската репрезентација.
Тој ја поминал целата своја кариера во Реал Сосиедад, со повеќе од 400 одиграни натпревари и над 130 постигнати голови. Со клубот ги освоил титулите во Купот на Кралот во сезоните 2019–20 и 2025–26, постигнувајќи гол во двете финалиња. Тој е капитен на Реал Сосиедад.
Ојарсабал го одиграл првиот натпревар за сениорската репрезентација на Шпанија во 2016 година, со која ги освоил Европското првенство 2024 и Светското првенство 2026. Тој го постигнал одлучувачкиот гол во финалето на Еврпското првенство 2024.
Клупска кариера Роден во Ејбар, Гипускоа, Ојарсабал се приклучил на младинската школа на Реал Сосиедад во 2011 година, на 14-годишна возраст. Додека сè уште бил јуниор, тој дебитирал за Реал Сосиедад Б на 15 ноември 2014 година, во победата од 3–2 над Аморебиета во третата шпанска лига.
На 20 септември 2015 година, Ојарсабал ги постигнал првите сениорски голови, и тоа два, во победата од 5–0 над Менсахеро. Тој дебитирал за првиот тим на Реал Сосиедад во Ла Лига на 25 октомври, заменувајќи го Карлос Вела во последните минути од победата од 4–0 над Леванте.
Ојарсабал го постигнал својот прв гол за Реал Сосиедад на 8 февруари 2016 година во победата од 5–0 на гости против Еспањол. Шест дена подоцна, кратко откако го продолжил договорот до 2021 година, тој постигнал два гола во победата од 3–0 над Гранада.
На 19 август 2016 година, Ојарсабал повторно го продолжил својот договор, овојпат до 2022 година. Тој настапил на сите 38 лигашки натпревари во текот на сезоната 2016–17, а тимот од Сан Себастијан завршил на шестото место и се вратил во Лига Европа по двегодишно отсуство.
Ојарсабал дебитирал во европските натпреварувања на 19 октомври 2017 година, постигнувајќи гол во убедливата победа од 6–0 против Вардар во групната фаза на Лига Европа. Неговиот тим стигнал до шеснаесетфиналето, при што тој постигнал автогол во вкупниот пораз од 4–3 од Ред Бул Салцбург. Во Ла Лига тој постигнал 12 гола, вклучувајќи два во победата од 5–0 против Жирона на 8 април 2018 година.
На 5 октомври 2018 година, Ојарсабал ги постигнал своите први голови во сезоната 2018–19, реализирајќи два пенали во победата од 3–1 на гости против Атлетик Билбао во баскиското дерби. Противникот се обидел да го ангажира во претходниот летен преоден рок, но тој ја одбил понудата и потпишал нов договор со Реал Сосиедад до 2024 година. Тој поставил личен рекорд во таа сезона, постигнувајќи 13 гола.
Во Купот на Кралот во сезоната 2019–20, Ојарсабал постигнал гол од пенал во секој од двата натпревари при вкупната победа од 3–1 против Мирандес, со што неговиот тим стигнал до финалето за првпат по 1988 година. На 10 јули истата година, тој го постигнал својот 50. гол за клубот во поразот од 3–2 од Гранада, а на 3 октомври постигнал гол од пенал во својот 200. натпревар, во победата од 3–0 над Хетафе.
На 3 април 2021 година, Ојарсабал го постигнал единствениот гол на одложеното финале на Купот на кралот поради пандемијата на ковид-19, исто така од пенал, со што му помогнал на Реал Сосиедад да го победи Атлетик Билбао и да го освои првиот трофеј по 34 години.
Во март 2022 година, тој го скинал предниот вкрстен лигамент на левото колено на тренинг, што го одалечило надвор од терените до крајот на годината. Тој се вратил на 31 декември како замена во победата од 2–0 над Осасуна, а две недели подоцна го постигнал својот прв гол по враќањето, со кој ја заокружил победата од 3–1 против Атлетик; тоа бил негов шести гол (четири од пенал) во 14 натпревари против ривалот.
Во февруари 2023 година, Ојарсабал го продолжил договорот до 2028 година, задржувајќи ја откупната клаузула од 75 милиони евра. Во јуни истата година, тој станал капитен на Реал Сосиедад, откако Асијер Иљараменди го напуштил клубот.
Ојарсабал го постигнал својот 100. гол за Реал Сосиедад на 1 декември 2024 година, од пенал во домашната победа од 2–0 против Реал Бетис. На 30 август 2025 година, тој го одиграл својот својот 400. натпревар за клубот, во поразот од 1–0 на гости против Реал Овиедо. Тој ја завршил сезоната 2024-25 со 53 настапи за Реал Сосиедад во сите натпреварувања, најмногу во неговата кариера, и со постигнати 18 гола, од кои 9 во Ла лига.
На 4 март 2026 година, Ојарсабал постигнал гол од пенал, со што му помогнал на својот клуб да стигне до уште едно финале на шпанскиот куп, по победата над Атлетик Билбао со вкупен резултат 2–0. Во финалето, тој го повторил подвигот во 45. минута од натпреварот во кој Реал го победил Атлетико Мадрид по изведување пенали. Тоа било негово шесто финале во кариерата, а тој постигнал гол во секое од нив, а во четири наврати бил на победничката страна.
Ојарсабал го постигнал својот 100. гол во Ла лига на 9 мај 2026 година, од пенал во ремито 2–2 со Бетис. Тој ја завршил сезоната 2025–26 со најдобар учинок во кариерата од 15 гола.
Репрезентативна кариера Шпанија
Ојарсабал ја претставувал Шпанија во младинските селекции под 18 години, 19 години и 21 година. Со репрезентацијата под 21 година, тој ја освоил титулата на Европското првенство 2019, на кое постигнал голови во победите над Полска од 5–0 во групната фаза, и над Франција од 4–1 во полуфиналето.
На 17 мај 2016 година, на 19-годишна возраст, тој бил повикан во сениорскиот состав за пријателскиот натпревар против Босна и Херцеговина. Дванаесет дена подоцна, тој го одиграл својот прв натпревар за Шпанија, заменувајќи го Нолито во 60. минута од напреварот кој Шпанија го добила со 3–1.
На 10 јуни 2019 година, Ојарсабал го постигнал својот прв гол за сениорската репрезентација во победата од 3–0 против Шведска во квалификациите за Европското првенство 2020. Во мај 2021 година, тој бил именуван во составот од 24 играчи на Луис Енрике за Европското првенство 2020. Како доцна замена, Ојарсабал го постигнал последниот гол во победата од 5–3 по продолженија против Хрватска во осминафиналето. Во четвртфиналето, тој го постигнал последниот гол во пенал серијата во која Шпанија ја елиминирала Швајцарија, откако натпреварот завршил со резултат 1–1 по 120 минути.
Ојарсабал бил именуван во олимпискиот состав за настап на Летните олимписки игри 2020 одржани во Токио во 2021 година. Тој постигнал три гола за Шпанија која го освоила сребрениот медал, вклучувајќи еден во поразот од 2–1 во финалето против Бразил. Во финалето на Лигата на нации 2021 против Франција на 10 октомври, тој го постигнал првиот гол на натпреварот, но Шпанија на крајот загубила со 2–1.
Откако отсуствувал од репрезентацијата за време на Светското првенство 2022 поради сериозната повреда на коленото, Ојарсабал се нашол на поширокиот список за Европското првенство 2024. На 5 јуни 2014 година, тој го постигнал својот прв репрезентативен хет-трик, во пријателската победа од 5–0 против Андора. На Европското првенство 2024, Ојарсабал ги одиграл сите седум натпревари за Шпанија, од кои на еден бил дел од почетниот состав. На 14 јули, тој го постигнал победничкиот гол во 86. минута од финалето, со кој Шпанија ја победила Англија со 2–1 и ја освоила титулата европски првак.
Ојарсабал бил именуван во составот од 26 играчи за Светското првенство 2026. На 15 јуни, на првиот натпревар од групната фаза против Зелен ’Рт, тој станал првиот играч според достапните записи (од 1966 година) кој не успеал да ја допре топката во првите 30 минути од натпревар на светско првенство. Сепак, на следниот натпревар тој постигнал два гола и асистирал за Ламин Јамал во победата од 4–0 против Саудиска Арабија. Во шеснаесетфиналето, тој постигнал уште два гола во победата од 3–0 против Австрија. Во полуфиналето, Ојарсабал го постигнал водечкиот гол од пенал во победата од 2–0 над Франција, откако Јамал бил фаулиран од Лука Дињ. Голoт бил негов петти на турнирот, со што го израмнил рекордот за најмногу голови постигнати од шпански играч на едно светско првенство, кој претходно го поставиле Емилио Бутрагењо и Давид Виља. Голот против Франција бил негов 30. репрезентативен гол, со што станал шести најдобар стрелец во историјата на шпанската репрезентација.
Баскија Ојарсабал настапил за неофицијалната репрезентација на Баскија, постигнувајќи гол на своето деби во победата од 3–1 против Тунис на стадионот Сан Мамес на 30 декември 2016 година.
Личен живот Покрај професионалната кариера, Ојарсабал студирал бизнис на Универзитетот Деусто.
Во 2015 година, тој започнал врска со Аиноа Лараури, со која во декември 2023 година добил син.
Наводи
Надворешни врски
Микел Ојарсабал на BDFutbol
Категорија:Родени во 1997 година Категорија:Живи луѓе Категорија:Шпански фудбалери Категорија:Фудбалери на ФК Реал Сосиедад Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026