Крвав дијамант () — американски политички акционен трилер од 2006 г., осми долгометражен филм на режисерот и сопродуцент Едвард Цвик, со Леонардо ди Каприо, Џенифер Конели и Џимон Хонсу во главните улоги. Насловот се однесува на крвавите дијаманти, кои се ископуваат во воени зони и се продаваат за финансирање на судирите, со што носат заработка за теренските команданти и дијамантските компании ширум светот.
Дејството на филмот се одвива за време на Граѓанската војна во Сиера Леоне од 1991 до 2002 г., при што ја прикажува земјата разурната од борбата меѓу владините сили и бунтовничките групи. Филмот исто така прикажува бројни злосторства од таа војна, вклучително и отсекување раце на граѓани од страна на бунтовниците со цел да ги одвратат од гласање на претстојните избори.
Крајот на филмот, во кој се одржува конференција посветена на крвавите дијаманти, упатува на историската средба одржана во Кимберли, Јужноафриканска Република, во 2000 г. Ова довело до воспоставување на Кимберлискиот процес за сертификација, чија цел била да го потврди потеклото на необработените дијаманти за да се спречи трговијата со дијаманти од судирни зони; оттогаш, системот за сертификација главно е отфрлен како неефикасен.
Филмот добил потврдни одзиви, со посебни пофалби за глумечките остварувања на Ди Каприо и Хонсу. Филмот заработил 171 милион долари ширум светот и освоил 5 номинации за престижната награда „Оскар“, меѓу кои за Најдобар главен глумец за Ди Каприо и Најдобар спореден глумец за Хонсу. Ди Каприо добил номинација и за наградата „Златен глобус“ за Најдобар глумец во игран филм — драма (истата година бил номиниран во истата категорија и за филмот Покојните). Покрај тоа, Ди Каприо и Хонсу биле номинирани на 13. доделување на наградите на Здружението на филмски глумци во категориите Најдобар глумец во главна улога и Најдобар глумец во споредна улога.
Содржина Во 1999 г., во Сиера Леоне, рибарот Соломон Ванди сонува неговиот млад син Дија Ванди да стане лекар. Неговите соништа се нарушени кога бунтовниците го напаѓаат неговото село и го одвлечкуваат за да работи во рудниците за дијаманти. Соломон наоѓа огромен розов дијамант и додека го крие, го забележува бунтовничкиот командант, но бунтовниците се нападнати, а Соломон е уапсен од владината армија. Додека е во затвор, ранетиот командант им кажува на затворениците дека Соломон го пронашол скапоцениот камен, а платеникот и шверцер Дени Арчер од Зимбабве го ослободува Соломон и му предлага да го заменат дијамантот за неговото исчезнато семејство. Користејќи ја идеалистичката американска новинарка Мади Боуен, Дени ги наоѓа сопругата и ќерките на Соломон во бегалски логор, но добива известие дека неговиот син е ангажиран од бунтовниците. Соломон и Дени склопуваат партнерство, при што Соломон го бара и го наоѓа својот син, а Дени го бара дијамантот и наоѓа искупение.
Улоги Глумец Улога Леонардо ди Каприо Дени Арчер Џимон Хонсу Соломон Ванди Џенифер Конели Мади Боуен Арнолд Вослу полковник Кутзе Мајкл Шин Руперт Симонс Адетокумбох М’Кормак тренер на ОРФ Мариус Вејерс Рудолф ван Декап
Производство Чарлс Ливит бил ангажиран од Warner Bros. во февруари 2004 г. за да ја преработи раната верзија на филмот, кој тогаш се викал Окаванго. Проектот со години бил заглавен во фаза на развој во студиото, пред продуцентките Пола Вајнстин и Џилијан Горфил конечно да се одлучат за приказната за африкански фармер што ќе се најде вовлечен во судир помеѓу американски шверцер и месна организација за ископување дијаманти. Ливит темелно ја проучил индустријата за дијаманти пред да пристапи кон пишувањето на сценариото, објаснувајќи дека „секогаш бил застапник на целосното навлегување во истражувањето“. Тој го напишал сценариото претпоставувајќи дека ќе ја навреди индустријата за дијаманти, особено компанијата De Beers, па затоа се потрудил индустријата да ја прикаже веродостојно, свесен дека De Beers и други моќни рударски корпорации би можеле да го тужат. Пола Вајнстин била импресионирана од нацртот на Ливит за Крвав дијамант, но ги ангажирала сценаристите Едвард Цвик и Маршал Херсковиц да го преработат. До времето кога го завршиле сценариото, Цвик толку многу се заинтересирал за приказната што се согласил и да го режира филмот.
Снимањето се одвивало на места во Јужноафриканската Република (Кејптаун, Порт Едвард), Мозамбик (Мапуто, Гоба) и Лондон, Англија.
Наводи
Надворешни врски (архивирана верзија од 2 мај 2007)
Категорија:Американски филмови Категорија:Филмови од 2006 година Категорија:Филмови на англиски јазик Категорија:Американски драмски филмови Категорија:Филмови за новинари Категорија:Филмови чие дејствие се одвива во Африка Категорија:Филмови на Warner Bros. Категорија:Американски акциони филмови