Cotoneaster integerrimus е вид мушмулица по потекло од централна и источна Европа и југозападна Азија. Во минатото, се третирала во поширока смисла, вклучувајќи ги растенијата од Велс кои сега се одвоени како Cotoneaster cambricus и растенијата од Скандинавија кои сега се третираат како Cotoneaster scandinavicus, но се разликува од нив по генетскиот профил и деталите на лисјата и плодовите.

Опис Грмушка до 1,5 м висока, разгранета, со вертикални гранчиња, поретко со прилегнати гранчиња. Младите гранчиња влакнести а постарите голи. Листовите 1,5-4 цм долги, јајцевидни до круглести, најшироки под средината на листот. На горната страна зелени и голи или со ретки влакна, на долната страна густо бело-волнести, сиви или бели, на врвот тапи или заострени, во основата заокруглени и со куси влакнести дршки. Прилисниците линејни, 2,5-6 мм долги, влакнести, обично црвени или кафеави, на врвот постепено заострени. Соцветијата со 1-5 цвета. Цветовите со куси дршки. Чашката гола, чашкините ливчиња широко-триаглести, 1,5-2 мм долги, по работ црвеникави и волнести, трајно остануваат на плодот. Венечните ливчиња скоро круглести, бели или розови, двапати подолги од чашкините ливчиња. Прашниците до 20; филаментите црвеникави. Столпчињата 2, поретко 4 или 5. Плодот топчест, 5-8 мм во пречник, црвен, гол, со 2-5 костелки внатре; костелките околу 3 мм долги, светлокафеави, светликави.

Номенклатура Името на родот Cotoneaster доаѓа од латинскиот збор cotone, дуња и наставката -aster, што значи „сличен“. Cotone е именка од машки род, иако во некои постари дела погрешно се третирала како од женски род, што резултирало со различни завршетоци на имињата за многу од видовите. Меѓународниот кодекс за ботаничка номенклатура (членови 23.5 и 32.7 во Виенскиот кодекс од 2007 година) наведува дека таквите имиња треба да се корегираат без да се менува авторот или датумот на објавување.

Распространетост во Македонија Cotoneaster integerrimus во Македонија расте на варовничките камењари по планините и клисурите до 2.200 м надморска височина. Познат за Скопска Црна Гора; Шар Планина; Јакупица; Караџица; Бистра; Маврово; клисура на Мавровска Река; Дервенска Клисура. Се посочува за Битолско - с. Смолива; Лубен; Прилеп - Трескавец; Осоговски Планини - Царев Врв; Прилеп - Смолани; Гостивар - Буковиќ.

За Македонија се посочува и var. intermedia Reg. и тоа за Кораб; Маврово и Рудока, меѓутоа, денес овој таксон се смета за хибрид помеѓу С. integerimus и C. nebrodensis. Тој се одликува со помали листови, низок раст и со 1-2 цвета во соцветието.

Наводи

Библиографија

Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија