Onobrychis montana — повеќегодишен тревест вид на растение од фамилијата бобови.
Опис Onobrychis montana e повеќегодишно тревесто растение, високо до 40 см, од основата разгрането и со многубројни стебленца. Стебленцата се вертикални или при основата лачно искривени, скоро голи или со ретки прилегнати влакна. Листовите се непарно-перести, со 5–8 пара ливчиња; ливчињата елиптични до долгнавесто-обратно-јајцевидни, на горната страна голи, а на долната голи или со ретки прилегнати влакна, особено по средната жила и работ.
Прилисниците се ципесто-кожести, копјести, делумно сраснати со лисната дршка и по работ со ретки четинести влакна. Соцветијата се густоцветни, по прецветувањето издолжени, со дршка 2–3 пати подолга од пазувниот лист; брактеите копјести, а брактеолите многу мали и скоро незабележливи.
Чашката е трубеста, 5–8 мм долга, со зелени запци 2–3 пати подолги од трубестиот дел, по работ и на горната страна со долги влакна. Венчето е розово со пурпурни линии или црвено; барјачето 8–10 мм долго, приближно еднакво долго со лаѓичката или малку покусо; крилцата мали и нежни, приближно колку чашката.
Мешунките се полукруглести, дисковидно сплеснати, со густи куси прилегнати влакна; по површината со 6–7 куси и јаки боцки или без нив, а широкиот крилест грбен раб со 4–8 боцки.
Варијабилност
Onobrychis montana subsp. montana — ливчињата се од 10 до 20 мм долги, а 3-5 мм широки. Соцветието за време на цветањето достигнува должина од 3 до 7 см. Крилцата се долги колку чашката. Мешунката е долга 6-8 мм. Onobrychis montana subsp. scardica — Ливчињата се од 4 до 7 мм долги, а 2-4 мм широки. Соцветието за време на цветањето достигнува должина од 1 до 3 см. Крилцата се 3 до 4-пати покуси од чашката. Мешунката е долга 3-5 мм.
Onobrychis montana subsp. cadmea Onobrychis montana subsp. macrocarpa
Распространетост во Македонија Onobrychis montana расте по високопланински пасишта. Подвидот subsp. montana не се среќава во Македонија, а подвидот subsp. scardica се среќава на планините Шар Планина, Јакупица, Бистра, Кораб, Дешат - Крчин, Јабланица и Илинска Планина.
Галерија
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа Категорија:Бобови Категорија:Повеќегодишни растенија