Hymenocarpos circinnatus — едногодишен вид на билка од семејството бобови опишано од Карл Линеј. Според Каталогот на животот не се наведени подвидови.
Опис Hymenocarpos circinnatus е едногодишно, високо 20–40 см и разгрането уште од основата, со повеќе исправени стебленца. Стебленцата обично се неразгранети и покриени со раширени влакна. Листовите од двете страни се покриени со прилегнати влакна. Најдолните листови се целокрајни, а горните се непарно-перести, со две до три пара ливчиња и со терминално поголемо ливче. Ливчињата се елиптични, со тап или заострен врв.
Цветовите се групирани во главичести соцветија, при што секое соцветие содржи по 2–6 цветови и во основата има едно лисновидно брактеа. Чашката е долга околу 6 мм, со долги прилегнати влакна и по работ на запците со раширени влакна. Запците се тесно триаглесто-копјести, долги 2–2,5 мм и два до три пати покуси од трубестиот дел на чашката. Трубестите запци се со еднаква должина, освен најдолниот, кој е малку покус.
Венчето е жолто или портокалово. Барјачето е речиси кружно, широко околу 5 мм, во основата со кусо стеснување. Крилцата се елиптични, долги околу 5 мм и за 1 мм покуси од лаѓичката. Лаѓичката е срцевидна, со клуновиден врв и благо искривена. Мешунката е сплескана, бубреговидна, спирално свиткана, речиси кружеста на напречен пресек, долга 10–15 мм и покриена со прилегнати влакна. По надворешниот раб има широк крилест раб, а по внатрешниот раб има прости или прилегнати запци. Семињата се сплескани и бубреговидни.
Распространетост во Македонија Hymenocarpos circinnatus расте по брдски пасишта во појасот на прнарот во најјужните делови на Македонија. Се среќава во Гевгелија, Богданци и кај местото Асанли во Дојран.
Наводи
Надворешни врски
Категорија:Loteae Категорија:Флора на Малта Категорија:Флора на Македонија