Фидан Аврамов Божиновски (Пасинки, 1871 – Јанковец, по 1951) — македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.

Животопис Роден е во 1871 г. во селото Пасинки, Голо Брдо, тогаш во Отоманското Царство, денес во Албанија. Произлегувал од сиромашно ѕидарско семејство. Самиот работел како ѕидар и во 1902 г. се преселил во Јанковец, Ресенско. Стапил во ВМОРО. Учествувал во Илинденското востание во летото 1903 г. со четата на Славејко Арсов, борејќи се во сите битки на четата: нападот на Ресен, битките кај Евла и Смилево и други борби. По востанието продолжил да се занимава со револуционерната дејност како легален деец сѐ до 1912 г. Помеѓу 1903–1906 г. бил претседател на месниот револуционерен комитет и селски војвода. Во 1904 г. ѝ потпомагал на четата на Крсто Трајков, која дејствувала не само во Ресенско, туку и во Демирхисарско и во Охридско. Откако четникот Ристо од Битола го предал на аскерот во с. Крушје, Божиновски бил уапсен и лежел 8 месеци во затвор сè до Младотурската револуција.

За време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, Божиновски поднел молба за народна пензија, која била одобрена од Министерскиот совет на Царството Бугарија.

На 17 мај 1951 година, како жител на Јанковец поднел молба за илинденска пензија. Негови сведоци биле соселаните Никола Н. Кизановски и Никола Чаушовски.

Наводи

Категорија:Македонски револуционери Категорија:Дејци на ВМОРО Категорија:Учесници во Илинденското востание