Kalmia procumbens — вид џуџеста цветна грмушка од високите планински региони на северната хемисфера која не расте повеќе од 10 см. За првпат е именувана од шведскиот ботаничар Карл Линеј како Azalea procumbens, а позната е и по името Loiseleuria procumbens, дадено во чест на францускиот ботаничар Жан-Луј-Огист Лоазелер-Дезлоншан.
Опис и распространетост Kalmia procumbens е голо грмушесто растение кое е силно разгрането од коренот. Гранките лежат по земјата, се вкоренуваат и се преплетуваат создавајќи густа зелена покривка. Листовите се спротивно поставени, цврсти и кожести, издолжени, долги 5–7 мм и широки околу 2 мм, со силно свиткани рабови надолу; одозгора има плитка жлебеста линија, а одоздола белузлава средна жилка до која се прилепуваат рабовите; дршките се долги 1–2 мм, жлебести и дебели, со ретки влакненца од горната страна, а од долната се мазни. Цветовите се собрани во мали штитовидни гроздести соцветија; дршките им се долги колку самиот цвет и во основата носат по две прицветници налик на листови, но многу помали. Ливчињата на чашката се одвоени речиси до дното, црвени, тесно јајцевидни до копјести, без влакна, на врвот остри или тапи и стигнуваат до половина од венчето. Венчето е розово, ѕвонесто, долго околу 4 мм, до половина поделено на пет делови, а слободните сегменти се издолжено јајцевидни и завршуваат тапо. Има пет прашници, пократки од венчето; дршките им се мазни, а антерите темноцрвени и се отвораат со една должинска пукнатина. Плодникот е поделен на два или три дела; столпчето е исто толку долго како прашниците и завршува со топчест врв. Плодната кутија е јајцевидно-округла, долга 3–4 мм, црвена и се отвора од врвот надолу.
Во Македонија расте заедно со други грмушки во субалпскиот појас на хумусна почва. Се среќава единствено на планината Рудока. Галерија
Наводи
Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Флора на Русија Категорија:Флора на Канада Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа