Мелва Ноелин Филипсон (родено Крозиер; 22 декември 1925 - 29 април 2015 година) била ботаничарка од Нов Зеланд.
Биографија Филипсон била родена како Мелва Ноелин Крозиер во Палмерстон Норт на 22 декември 1925 година, ќерка на Гледис Крозиер (родена Еберхард) и Гај Невил Крозиер. Таа се школувала во Крајстчерч, во основното училиште „Сент Албанс“, потоа во средното училиште за девојки на Крајстчерч и средното училиште за девојки на Ејвонсајд. Дипломирала на Универзитетскиот колеџ „Кентербери“ во 1948 година. Првично работела во Одделот за истражување на култури при Одделот за научни и индустриски истражувања во Вошдајк, Јужен Кентербери, спроведувајќи истражувања за ленено семе, а подоцна основала истражувачка лабораторија во фабриката за ленено семе на „Флечер Холдингс“ во Ешбертон. Кога фабриката се затворила 18 месеци подоцна, Крозиер се преселила во Велингтон каде што работела во Одделот за млечни производи при Министерството за земјоделство, тестирајќи млеко во прав и сирење за извоз.
Крозиер одлучила да ги продолжи студиите, со специјализиција по микробиологија, и се запишала на магистерски студии по наука на Земјоделскиот колеџ Линколн (сега Универзитет Линколн). Дипломирала во 1953 година; нејзината теза била насловена како Физиолошки студии на некои бактерии изолирани од корења на детелина. Останала на Одделот за микробиологија до 1955 година каде спровела истражување за бактериите одговорни за производство на светло обоени дамки во волненото руно. Исто така, изолирала актиномицет од руното кој во културата можел да предизвика дегенерација и на волнените влакна и на човечката коса.
Во 1954 година, Крозиер се омажила со Вилијам Рејмонд Филипсон, кој бил професор по ботаника на Универзитетот во Кентербери од 1954 до 1976 година.
Од 1955 до 1962 година, Мелва Филипсон била на породилно отстуство и го поминувала своето слободно време проучувајќи го родот Rhododendron. Имено, градините во Илам, кои Универзитетот на Кентербери ги купил за нов кампус, а кои претходно му припаѓале на Едгар Стед, хибридист за рододендрони, биле исполнети со широк спектар на видови кои Филипсон почнала да ги проучува. Во 1962 година, била назначена за асистент на Ерик Годли во Одделот за ботаника на Одделот за научни и индустриски истражувања. Таа започнала да воспоставува хербариум од видови рододендрони, а во 1968 година го посетила хербариумот во Кралската ботаничка градина во Единбург, за да добие дополнителни примероци.
Во 1974 година, Филипсон започнала да работи на докторат на Универзитетот во Кентербери, под менторство на Брајан Финеран, кој го завршила во 1977 година. Нејзината теза, која вклучувала употреба на електронски микроскоп, била за ембриологија и ултраструктура.
По нејзиното пензионирање во 1990 година, Филипсон се вратила во основањето на хербариумот за рододендрони, а нејзиниот сопруг Бил Филипсон ѝ се придружил во проучувањето на родот. Заедно, двојката издала три големи заеднички публикации и нивното истражување станало најголемото ембриолошко истражување на еден растителен род. Тие живееле во Грејтаун до смртта на Бил Филипсон во 1997 година. Во 2003 година, Филипсон се преселила во Стоук за да биде близу до нејзината ќерка, носејќи го со себе поголемиот дел од својата колекција рододендрони. Таа починала на 29 април 2015 година.
Наводи
Категорија:Починати во 2015 година Категорија:Родени во 1925 година Категорија:Ботаничари со авторски кратенки Категорија:Статии со hCards