Trifolium vesiculosum — едногодишен вид на детелина опишана од Гаетано Сави. Потекнува од југоисточна и источна Европа, северен Кавказ, Турција, Сирија и Либан, а е воведен вид и на други места, вклучувајќи ги САД и Австралија.
Опис Растението е едногодишно, без влакна (голо), високо 15–40 см и уште од основата силно разгрането. Стебленцата се исправени или приподигнати. Базалните листови имаат многу долги дршки, три до четири пати подолги од листната плочка, додека кај стеблените листови дршките постепено се скратуваат, а најгорните листови имаат многу куси дршки. Листовите се кожести, долги 10–20 мм. Долните листови се обратнојајцевидни, а стеблените обратнојајцевидно-клиновидни, елиптични, издолжени или копјести, со кусо заострен врв и ситно назабен раб. Запчињата завршуваат со благо закривено шилесто врвче. Прилисниците се копјести и постепено се стеснуваат во долг, заострен шилест врв.
Соцветијата се топчести до јајцевидни или цилиндрични, долги 20–40 мм и широки 20–30 мм, составени од густо збиени цветови. Прицветниците се линејно-копјести и завршуваат со долг шилест врв. Дршките на соцветијата се долги 10–50 мм. Цветовите се долги околу 12 мм.
Чашката е долга околу 7 мм и има 24–35 јасно испакнати надолжни жили, кои кај надуената чашка се поврзани со попречни или мрежести жили. Нејзиниот трубест дел е долг околу 3 мм, а по прецветувањето се зголемува и станува надут. Запците се линејно-шиловидни и долги 4–5 мм. Венчето е розово, поретко белузлаво, а барјачето е долго околу 12 мм и благо повиено нагоре. Крилцата се триаголно-раширени, копјести, долги 1,5–2 мм, а лаѓичката е широко отворена, со заострен врв и околу 1 мм покуса од крилцата. Плодот е мала мешунка која содржи едно до две семиња.
Распространетост во Македонија Trifolium vesiculosum расте по тревести места, брдски пасишта, во ретки дабови шуми до надморска височина од 1000 метри. Видот се среќава во Катланово во Скопје, над селото Лисец (Шар Планина) во Тетово, клисурата на р. Тополка (Соколова), Кратово, Пробиштип, р. Тракајна во Струмица, Делчево, Македонска Каменица, селото Делисинци во Овче Поле, манастирот Трескавец, планината Бабуна, Селечка Планина и Мариово кај мостот Расим-беј во Прилеп, село Слепче во Демир Хисар, Претор во Ресен, на планината Ниџе кај планинарскиот дом, над село Петрово (Гевгелиско) кај Кожуф.
Наводи
Категорија:Растенија опишани во 1798 година Категорија:Флора на Либан Категорија:Флора на Сирија Категорија:Флора на Турција Категорија:Флора на Украина Категорија:Фуражни култури Категорија:Детелина Категорија:Флора на Македонија