Trifolium glomeratum — едногодишен вид на детелина опишан од Карл Линеј.

Опис Растението е едногодишно, без влакна, високо 5–20 см. Од основата развива неколку исправени или прилегнати, неразгранети или слабо разгранети стебленца со долги интернодиуми, долги 10–90 мм. Базалните листови имаат дршки два до три пати подолги од листната плочка, додека кај горните листови дршките се многу куси. Листовите се обратнојајцевидни, долги околу 10 мм, со заоблен или слабо заострен врв и ситно назабен раб. Запчињата завршуваат со остар шилест врв, а страничните жилки се јасно испакнати. Прилисниците се јајцевидно-копјести, белузлави или зеленикави и постепено се стеснуваат во долг, тесен шилест врв.

Соцветијата се топчести, со пречник од 8–10 мм, се развиваат во пазувите на листовите и се речиси приседнати, при што се поставени блиску едно до друго. Прицветниците се мали, копјести, со заострен и ципест врв и една јасно изразена жила. Цветовите се приседнати.

Чашката има десет ребра и е долга околу 4 мм. Нејзиниот цилиндричен трубест дел е долг околу 2,5 мм, белузлав и со силно испакнати жили. Запците на чашката се долги околу 1,5 мм, приближно еднакви по должина, триаголесто-јајцевидни и завршуваат со долг шилест врв. На горната страна се ретко влакнести, имаат по три жили и се благо странично раширени. Венчето е розово, долго околу 5 мм и малку подолго од чашката. Плодот е мешунка која најчесто содржи две семиња.

Распространетост во Македонија Trifolium glomeratum расте по брдски пасишта на силикатна подлога. Се среќава во Катланово, Скопска Црна Гора и Арачиново во Скопје, во Делчево, Македонска Каменица, Радовиш, Струмица, село Ржаново во Кавадарци, Маркови Кули и селата Мраморани и Загорани во Прилеп, селата Лознани и Кукуречани и Црновршка Река во Битола, помеѓу селата Грнчари и Езерани во Ресен, Валандово, Гевгелија, Богданци. Според Борнмилер во 1925 година посочил дека се среќава и во селото Удово во Валандово.

Распространетост низ светот Потекнува од Евроазија и Северна Африка, а на други места е познат како внесен вид.

Наводи

Надворешни врски

Калфлорска датабаза: Trifolium glomeratum — iвнесен/инвазивен вид. Галерија

Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Флора на Сирија Категорија:Детелина Категорија:Флора на Африка Категорија:Флора на Азија Категорија:Флора на Македонија