Густолистен жедник (,Sedum dasyphyllum on tela-botanica.org syn. Sedum burnatii) — вид повеќегодишно цветно тревесто растение кое припаѓа на родот Жедник (Sedum) од семејството Дебелци (Crassulaceae). Видот е типичен за медитеранскиот регион.

Опис и распространетост Ова е ниско растение, кое од основата силно се разгранува и развива многу цветни стебленца и стерилни гранчиња. Цветните стебла се тенки и кончести, високи 3–10 см, со малку листови и жлездести влакна, додека долниот дел е без влакна; кај стерилните гранчиња листовите се густо збиени. Листовите се најчесто спротивно или спирално поставени, со боја од синкаво-зелена до сивкасто-црвена, форма јајцевидна или речиси округла, голи и месести, долги 5–7 мм и дебели 3–5 мм; горната страна е рамна или благо испакната, а долната полукружна, со тап врв и кратко торбесто продолжение во основата. Цветовите се 5-члени или 6-члени, собрани во кратки цимозни гранчиња со неколку цвета, кои заедно создаваат мало соцветие налик на штит; дршките им се влакнести со жлезди и долги колку или подолги од цветовите. Ливчињата на чашката се триаглести, долги околу 1,5 мм, со тап врв, без влакна или со малку жлезди, а при прецветување нивната основа побелува. Венечните ливчиња се бели или розови со црвена жила во средината, двапати подолги од чашкините, со ретки жлезди по жилката и остар врв. Цветот има 10 или 12 прашници со бели, тенки филаменти и антери во црвеникаво-виолетова боја. Мешунчињата (плодовите) се исправени, долги колку венечните ливчиња, без влакна, со малку жлезди долж стомачниот раб на карпелите и заострени на врвот. Столпчето е долго приближно 0,5 мм.

Во Македонија расте на варовнички карпи до височина од 2 500 метри. Се среќава на планините Јакупица; Шар Планина; Кораб; Бистра; Дешат - Крчин; Илинска Планина; Галичица; Кожуф; потоа Жеденска Клисура, клисурата на р. Треска - Матка; клисурите на Мавровска Река и Радика, Аџина Река; Македонски Брод - Пешница.

Варијабилност Sedum dasyphyllum var. dasyphyllum - Целото растение има жлездести влакна по површината. Наведените информации погоре се однесуваат на ова растение. Sedum dasyphyllum var. glabratum - Целото растение е голо. Единствено се среќава во Демиркаписката Клисура.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Густолистен жедник: инфо на backyardgardner.com

Категорија:Жедник Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Градинарски растенија Категорија:Флора на Македонија Категорија:Флора на Европа