Лут жедник или јарче () — вид повеќегодишно цветно тревесто растение од родот жедник (Sedum) во семејството на дебелците (Crassulaceae). Природно е распространето во Европа, северна и западна Азија и Северна Африка, но е натурализирано и во Северна Америка, јужните делови на Јужна Америка, Јапонија, и Нов Зеланд.

Опис и распространетост Ова е ниско и голо зимзелено растение, со разгранет површински или подземен ризом и кратки стерилни ползечки изданоци и многу цветни стебленца. Цветните стебленца достигнуваат висина од 5 до 12 см и се обраснати со листови по целата нивна должина. Листовите се поставени спирално, долги 4-6 мм, дебели и со триаглесто-јајцевидна форма; долната страна е подуена, горната рамна, врвот е тап, а основата има торбест шпорест израсток. По стеблото се наредени како ќерамиди, особено кај стерилните гранчиња, додека кај цветните се поретки. Кога ќе се исушат, побелуваат и најчесто остануваат на стеблото, но понекогаш паѓаат. Цветовите се пет члени, имаат кратки и дебели дршки, се појавуваат во мал број и се собрани во цимозно соцветие, кое најчесто има две разгранети гранчиња. Чашкините ливчиња се долги 2-3 мм, со форма меѓу јајце и ланцета, и најчесто се жолтеникави. Венечните ливчиња се златно-жолти, долги 5-8 мм, расперени, со копјеста форма и остар врв. Растението има 10 прашници, со тенки нишковидни кремасти филаменти и жолти антери. Плодните мешунки се голи и распоредени во форма на ѕвезда. Столпчињата се издолжени.

Расте на варовнички карпи и каменести места, на височини до 2300 метри надморска височина. Овој вид во Македонија е забележан на планините Водно и Жеден (околу Скопје), Шар Планина, Бистра, Кораб, Дешат - Крчин, Буковиќ (Гостиварско), Галичица, Дудица, како и во Жеденска Клисура, Мавровско - Кожа и селото Врбен, Горна Радика - Аџина Река, клисурата на реката Радика, Преспа - остров Голем Град и Баба Планина над селото Брајчино.

Одгледување Иако лутиот жедник се шири кога има простор, тој лесно се контролира благодарение на плитките корени. Се одгледува во висечки кошници и саксии. Ова ползечко растение расте како покривка на почвата, најчесто на суви и песокливи терени. Добро се развива во сиромашни почви и при различна изложеност на светлина.

Растението има пиперест вкус и понекогаш се користи во народната медицина. Сепак, се смета за отровно и не се препорачува за консумирање.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Жедник Категорија:Растителни таксони опишани од Карл Линеј Категорија:Растенија опишани во 1753 година Категорија:Лековити растенија Категорија:Флора на Европа Категорија:Флора на Македонија