Кубла-хан, или Видение во сон () — поема од англискиот поет Семјуел Тејлор Колриџ, започната во 1797 г. Поемата останала недовршена, а била објавена дури во 1816 г., заедно со другата недовршена поема од неговиот ран период, „Кристабел“. На македонски јазик поемата е препеана од неколку преведувачи.
При првото објавување, Колриџ приложил предговор во кој раскажува дека поемата му дошла во сон, по земање опиум и читање на книгата од Семјуел Пурчас, која содржела белешки од Марко Поло за животот на дворот на монголскиот хан Кублај-хан во Ханбалик. По будењето, тој почнал да ги запишува стиховите што му се појавиле во сонот, сѐ додека не бил прекинат од еден посетител од Порлок.Порлок — село во Југозападна Англија. Денес изразот „човек од Порлок“ се користи како книжевна алузија за несакан упад или прекин. Кога излегол да го пречека гостинот, на прагот немало никого. Враќајќи се во работната соба, Колриџ сфатил дека ги заборавил стиховите што не успеал да ги запише:
Со голема зачуденост и досада открив дека, иако матно се сеќавам на општите контури на моето видение, сѐ останато, освен осум или десет поединечни стиха, исчезна како кругови на површината на реката од фрлен камен, и — за жал! — беше невозможно да се обноват.
Биографите ја оспоруваат вистинитоста на оваа приказна. Можно е приказната за „човекот од Порлок“ да е само згоден изговор за да се објасни недовршеноста на поемата. Освен „Стариот морнар“, сите поголеми дела што Колриџ ги планирал за збирката „Лирски балади“, од разни причини не биле завршени. Колриџ повремено им го читал почетокот на поемата на своите пријатели романтичари, кои го сметале текстот за совршен. Конечно, под притисок на лорд Бајрон, тој се согласил да ја објави.
Хорхе Луис Борхес во еден есеј за оваа поема го пренесува мислењето на Алџернон Чарлс Свинберн, дека:
...она што е спасено од заборав е најчудесен примерок на музика во англискиот јазик и дека човек способен да ги анализира овие стихови (следи метафора земена од Џон Китс) би можел да ја „расклопи виножитото“. Сите преводи и препеви на поемата, чија главна доблест е музиката, се залудна работа, а понекогаш можат да бидат и штетни.
Наводи
Категорија:Англиска книжевност Категорија:Поеми