Alyssum corymbosoides — повеќегодишно тревесто растение опишано од ботаничарот Едуард Форманек. Alyssum corymbosoides е член на родот Alyssum и семејството Brassicaceae. Опис и распространетост Растение со височина од 15–30 см, разгрането од основата со многу цветни стебла и чести вегетативни гранчиња при основата. Стеблата се вертикални, силно разгранети од средината или подолу, црвенкави и покриени со густи прилегнати ѕвездести влакна. Базалните и стеблените листови отпаѓаат при цветање и формирање плодови. Листовите на стеблата се долгнавести до копјести, нагло заострени на врвот, постепено стеснети кон основата, сиво-зелени, со ретки влакна одозгора и густи одоздола. Листовите на базалните гранчиња се обратно-јајцевидни, погусти, горе сиво-зелени со густи влакна, а долу сиви или речиси бели од многу густи влакна. Цветовите се собрани во густи гроздести соцветија што се издолжуваат при формирање на плодови. Цветните дршки се околу 1 мм, а плодните 3–4 мм долги. Чашкините ливчиња се жолтозелени до светложолти, со ретки влакна, долги околу 1,8 мм, елиптично-јајцевидни. Венечните ливчиња се жолти, долги околу 2,2 мм, обратно-овални, со заоблен врв и клиновидна основа, со малку ѕвездести влакна. Подолгите прашници имаат криловиден израсток со три запчиња на врвот, долг две третини од филаментот и целосно сраснат со него. Покусите прашници имаат линеен израсток кој е слободен до основата. Шушменчињата (плодовите) се долги 2,5–3 мм и широки 2–2,6 мм, со рамни или малку вдлабнати врвови, клиновидна основа, зелени и покриени со ѕвездести влакна со 7–10 краци што се допираат. Шушменчињата се асиметрично подуени од двете страни и во пресек личат на латинската буква „S“. Столпчето е голо, долго 0,8–1 мм. Семките се светлокафеави и без крило по рабовите.
Расте на брдски пасишта, напуштени ниви, покрај патишта, во селски средини и ретки дабови шуми. Видот е доста чест. Забележан е во околината на Велес, Дервен, Градско, Неготино, Криволак, Пепелиште, клисурата на Раец, Кавадарци, Полошки Манастир, Љубаш, Тиквешко Езеро кај Возарци, Демир Капија, Валандово, Удово, Гевгелија, Смоквица, Прилеп (Дебреште, Краста) и Пробиштип (Лезово, Сува Чешма). Галерија
Наводи
Категорија:Игловрв Категорија:Флора на Македонија