Во април 2026 г., на холандскиот брод за крстарење „Хондиус“ била утврдена епидемија на хантавирусна зараза предизвикана од вирусот Андес. Бродот испловил од Ушуаја, Аргентина, на 1 април 2026 г. Првиот смртен случај се случил на 11 април, а телото на починатиот патник било изнесено од бродот тринаесет дена подоцна на островот Света Елена, каде што се симнала и неговата сопруга. Таа починала два дена подоцна во болница во Јоханесбург. Трет патник починал на самиот брод, додека еден британски државјанин бил префрлен во Јоханесбург во критична, но стабилна состојба.

По одобрението од шпанските здравствени власти, бродот на 6 мај се упатил кон Тенерифе, каде што патниците ќе бидат евакуирани во нивните матични земји. Претходно, бродот бил закотвен во Праја, Зелен 'Рт, откако претседателот на Канарските Острови, Фернандо Клавихо, првично се спротивставил на пристигнувањето поради загриженост за безбедноста на месното население. Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (CDC) ја класифицирал епидемијата како итен одговор од „ниво 3“.

Вирусот Андес е единствениот познат хантавирус што може да се пренесе преку директен контакт меѓу луѓе. Иако ваквиот пренос е редок и обично бара долготраен близок контакт, СЗО нагласила дека ризикот од поширока епидемија е низок. До 8 мај 2026 г., патниците се хоспитализирани во Јужна Африка, Холандија, Германија, Света Елена, Шпанија и Швајцарија.

Заднина

Хантавирус

Постојат повеќе од педесет вида хантавируси што главно ги заразуваат глодачите, а повремено и луѓето. Кај глодачите, заразата е истрајна, но без симптоми, а вирусот се шири преку нивниот измет, урина или плунка. Кај луѓето, вирусот Андес најчесто предизвикува хантавирусен белодробен синдром — тешка болест што ги напаѓа срцето и белите дробови.

На 6 мај било потврдено дека токму вирусот Андес, карактеристичен за Јужна Америка, е одговорен за оваа епидемија. Преносот на бродот „Хондиус“ делумно му се припишува на ширењето од човек на човек.

Бродот „Хондиус“ Бродот е во сопственост на холандската компанија Oceanwide Expeditions. Има капацитет за 196 патници и 72 члена на екипажот. Планот на патувањето предвидувало посета на Антарктикот и изолираните острови во Јужниот Атлантски Океан. На бродот имало патници од 23 националности, претежно од Шпанија, Франција, Обединетото Кралство и САД, додека екипажот во голем дел бил од Филипините. Немало македонски државјани.

Тек на епидемијата

Бродот испловил на 1 април, а веќе на 6 април кај 70-годишен Холанѓанец се појавиле првите симптоми. Тој починал на 11 април, но тогаш смртта била припишана на природни причини. По застанувањето на Света Елена на 24 април, околу 30-40 патници се симнале од бродот пред да започне официјалното следење на контактите.

На 26 април, вдовицата на првиот починат се обидела да се качи на лет од Јоханесбург за Амстердам, но била отстранета од авионот поради лоша здравствена состоба и починала истиот ден во болница. Бродот продолжил кон островот Вознесение, каде уште еден патник бил евакуиран. На 2 мај на бродот починала и една жена од Германија.

По пристигнувањето во Праја на 3 мај, властите на Зелен 'Рт воспоставиле изолациона зона и испратиле медицинска помош. До 8 мај, Светската здравствена организација потврдила шест случаи на зараза и три смртни случаи поврзани со овој настан.

Наводи

Надворешни врски HantavirusMap — Карта во живо на случаи на хантавирус во светот, вести и маршрутата на бродот „Хондиус“. VesselFinder — Моментална положба на бродот „Хондиус“ на карта.

Категорија:Вознесение (остров) Категорија:Науката во 2026 година Категорија:2026