Операција „Бура“ (српскохрватски: Operacija Oluja, Операција Олуја) — последната голема битка од Хрватската војна за независност и главен фактор за исходот од Босанската војна. Операцијата завршила со одлучувачка победа за Хрватската армија (ХА), која нападнала фронт од 630 километри против самопрогласената Република Српска Краина (РСК) и стратешка победа за Армијата на Република Босна и Херцеговина (АРБиХ). ХА била поддржана од хрватската специјална полиција која напредувала од планината Велебит, а АРБиХ се наоѓала во кај Бихаќ, во задниот дел на Армијата на Република Српска Краина (АРСК). Битката, започната за враќање на хрватската контрола врз територија - што претставува 18,4% од територијата што ја барала - и бошњачката контрола врз Западна Босна, била најголемата копнена битка што се случила во Европа помеѓу крајот на Втората светска војна и руската инвазија на Украина во 2022 година. Операцијата „Бура“ започнала во зори на 4 август 1995 година и била прогласена за завршена вечерта на 7 август, и покрај значителните операции против отпорот кои траеле до 14 август.

Операцијата „Бура“ претставува стратешка победа во Босанската војна, со која ефикасно се ставило крај на опсадата на Бихаќ и се ставиле ХА, Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) и АРБиХ во позиција да го променат воениот баланс на моќ во Босна и Херцеговина преку последователната операција „Маестрал 2“. Операцијата била замислена врз основа на напредувањето на ХА и ХВО направени за време на операцијата „Лето 95“, кога биле добиени стратешки позиции што овозможиле брзо заземање на главниот град на РСК, Книн, и врз постојаното вооружување и обука на ХА од почетокот на Хрватската војна за независност, кога РСК била создадена за време на Српската револуција и интервенцијата на Југословенската народна армија. Самата операција следела по неуспешна мировна мисија на Обединетите нации (ООН) и дипломатски напори за решавање на воениот судир.

Стратешкиот успех на ХА и АРБиХ била резултат на низа подобрувања на самите армии и клучни пробиви направени на позициите на АРСК кои последователно биле искористени од ХА и АРБиХ. Нападот не бил веднаш успешен во сите точки, но заземањето на клучните местоположби довело до колапс на командната структура на АРСК и целокупната одбранбена способност. Заземањето на Босанско Грахово од страна на ХА, непосредно пред операцијата, и напредувањето на специјалната полиција кон Грачац, го направиле речиси невозможно да се одбрани Книн. Во Лика, две гардиски бригади брзо ја пресекле областа што ја држела АРСК, на која ѝ недостасувало тактичка длабочина и мобилни резервни сили, и тие изолирале жаришта на отпор, позиционирале мобилни сили за одлучувачки северен продор во зоната на одговорност на Карловачкиот корпус (АОР) и ја турнале АРСК кон Бановина. Поразот на АРСК кај Глина и Петриња, по тешка одбрана, го поразил и Банискиот корпус на АРСК, бидејќи неговата резерва била прикована од АРБиХ. РСК се потпирала на војските на Република Српска и Југославија како своја стратешка резерва, но тие не интервенирале во битката. САД, исто така, одиграле улога во операцијата со тоа што ја насочиле Хрватска кон фирмата за воени консултантски услуги, „Military Professional Resources“, која потпишала договор лиценциран од Пентагон за советување, обука и обезбедување разузнавачки информации на хрватската армија.

ХА и специјалната полиција имале 174-211 убиени или исчезнати лица, додека АРСК имала 560 убиени војници. Исто така, биле убиени и четворица мировници на ОН. ХА заробила 4.000 воени затвореници. Бројот на смртни случаи на српски цивили е спорен - Хрватска тврди дека 214 биле убиени, додека српските извори наведуваат 1.192 убиени или исчезнати цивили. Хрватското население со години претходно било подложено на етничко чистење во областите што ги држела АРСК од страна на бунтовничките српски сили, при што се проценува дека 170.000-250.000 биле протерани и стотици убиени. За време и по офанзивата, околу 150.000-200.000 Срби од областа порано држена од АРСК побегнале, а хрватските сили извршиле разни злосторства врз некои од преостанатите цивили таму. На 4 август, властите на РСК наредиле евакуација на населението во областите Северна Далмација и Лика, по што следеле во Глина и Вргинмост на 6 август. Хрватското српско население кое побегнало, формирало едно од најголемите бегалски популации во Европа.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) подоцна им судел на тројца хрватски генерали обвинети за воени злосторства и учество во заеднички злосторнички потфат со цел протерување на српското население од Хрватска, иако сите тројца на крајот биле ослободени, а трибуналот ги отфрлил обвиненијата за злосторнички потфат. МКТЈ заклучил дека операцијата „Бура“ не била насочена кон етнички прогон, бидејќи цивилите не биле намерно целени. МКТЈ изјавил дека хрватската армија и Специјалната полиција извршиле голем број злосторства против српското население по артилерискиот напад, но дека државното и военото раководство не биле одговорни за нивното создавање и организација и дека Хрватска немала специфична намера да го расели српското малцинство во земјата. Сепак, Хрватска усвоила дискриминаторски мерки за да им го отежни враќањето на Србите. „Хјуман рајтс воч“ објавил дека огромното мнозинство од злоупотребите за време на операцијата биле извршени од хрватските сили и дека злоупотребите продолжиле во голем обем со месеци потоа, што вклучувало погубувања на српски цивили и палење и уништување на српски имот. Во 2010 година, Србија поднела контратужба против Хрватска пред Меѓународниот суд на правдата (МСП), тврдејќи дека офанзивата претставува геноцид. Во 2015 година, судот пресудил дека ниту Србија ниту Хрватска не прикажале доволно докази дека која било од страните извршила геноцид, со што ги отфрлил двата случаи.

Позадина мини|Области населени со Срби во Хрватска според пописот од 1981 година Во Југославија се појавила криза со слабеењето на комунистичките држави во Источна Европа кон крајот на Студената војна. Во Хрватска, регионалниот огранок на Сојузот на комунисти на Југославија, Сојузот на комунисти на Хрватска, ја изгубил својата идеолошка моќ. Републиките Словенија и Хрватска започнале да се залагаат за децентрализација. Србија, предводена од Слободан Милошевиќ, се придржувала кон централизмот и еднопартиското владеење. По серијата улични протести наречени антибирократски револуции од неговите поддржувачи во 1988-89 година, била соборена владата на Социјалистичка Република Црна Гора, како и владите на српските автономни покраини Војводина и Косово, заменувајќи ги нивните лидери со сојузници на Милошевиќ, по кое Хрватска и Словенија се свртеле против него.

На 8 јули 1989 година, во Книн се одржал голем српски националистички митинг, за време на кој биле прикажани транспаренти со закани за интервенцијата на Југословенската народна армија (ЈНА) во Хрватска, како и четничка иконографија. За време на Втората светска војна во Југославија, тие дејствувале како „легални“ помошни сили под контрола на Оската,Tomasevich, Jozo (1975). War and Revolution in Yugoslavia, 1941–1945: The Chetniks. Stanford: Stanford University Press. pp. 224-225 и повеќето историчари кои го разгледувале ова прашање ги сметаат четничките злосторства врз муслиманите и Хрватите во овој период како геноцид. Во есента 1989 година, српската влада извршила притисок врз хрватската влада да дозволи серија српски националистички собири во земјата. Српските медиуми и разни српски интелектуалци започнале да го нарекуваат хрватското раководство како „усташко“ и започнале да се повикуваат на геноцидот и други злосторства извршени од усташите помеѓу 1941 и 1945 година. Српското политичко раководство ја одобрило реториката и го обвинила хрватското раководство дека е „слепо националистичко“ кога се започнало да се спротиставува. На 4 март 1990 година, 50.000 Срби се собрале на Петрова Гора и извикувале негативни ставови насочени кон Фрањо Туѓман, скандирале „Ова е Србија“ и изразиле поддршка за Милошевиќ. Туѓман се истакнал како дисидент кој се залагал за независност, а неговото водство делумно се темелело на антисрпска реторика и симболи.

Во април-мај 1990 година, десничарската, пронезависна Хрватска демократска заедница (ХДЗ) на Туѓман победила на првите повеќепартиски избори во Хрватска. Изборната победа на ХДЗ предизвикала збунетост кај голем дел од населението на хрватските Срби, кои го споредле повторното оживување на хрватскиот национализам преку враќањето на фашистичкиот усташки режим, кој владеел со марионетската држава на Оската позната како Независна Држава Хрватска за време на Втората светска војна. Ова, пак, поттикнало пораст на српскиот национализам во многу заедници на хрватските Срби, што било охрабрено од владата на Социјалистичка Република Србија, предводена од Милошевиќ. Истакнати членови на владата на РСК, вклучувајќи ги Милан Бабиќ и Милан Мартиќ, подоцна сведочеле дека Белград водел пропагандна кампања прикажувајќи ги Србите во Хрватска како да се под закана за геноцид од страна на хрватското мнозинство. Владата предводена од ХДЗ промовирала традиционалистичка и ексклузивна претстава за Хрватска како хрватска држава во која Србите станале непожелни. Многу Срби биле отстранети од бирократските системи и полицијата и заменети со етнички Хрвати, двојазичните сообраќајни знаци биле отстранети дури и во областите со мнозинско српско население, а усташките симболи понекогаш биле обновувани.

На 14 мај 1990 година, оружјето на Територијалната одбрана на Хрватска, во регионите со хрватско мнозинство, било одземено од Југословенската народна армија (ЈНА). Во август 1990 година, во Хрватска се случил бунт познат како Балванска револуција, центриран во областите претежно населени со Срби во далматинската заднина околу градот Книн, како и во делови од регионите Лика, Кордун и Бановина, и населби во источна Хрватска со значително српско население. Областите последователно биле формирани во меѓународно непризнаена квази-држава, Република Српска Краина (РСК), а откако ја прогласила својата намера да се отцепи од Хрватска и да се придружи на Република Србија, Владата на Република Хрватска ја прогласила РСК за бунтовничка.

На 22 декември 1990 година бил ратификуван нов хрватски устав, со кој се отфрлил комунистичкиот еднопартиски систем, се усвоил либерално-демократски устав и се отстранила етикетата „социјалистичка“ од името на земјата, со што земјата станала позната како Република Хрватска. Србите биле деградирани од уставна нација во национално малцинство. Главната српска политичка партија во Хрватска, Српската демократска партија (СДС), започнала со изградба на својот национален владин ентитет за да ги зачува правата што Србите ги сметале за одземени и да го зацврсти суверенитетот на хрватските Срби. На 1 април 1991 година, Српскиот национален совет прогласил дека ќе се отцепи од Хрватска. Собранието на Краина прогласило дека „територијата на Краина е дел од обединетата територија на Република Србија според устав“.

Помеѓу август 1990 и април 1991 година биле пријавени над двесте вооружени инциденти во кои биле вклучени бунтовничките Срби и хрватската полиција. Бидејќи ЈНА сè повеќе ја поддржувала РСК, а хрватската полиција се покажала неспособна да се справи со ситуацијата, била формарена Хрватската национална гарда (ХНГ) во мај 1991 година. ХНГ била преименувана во Хрватска армија (ХА) во ноември. Воспоставувањето на војската на Хрватска било попречено од ембаргото за оружје на ОН воведено во септември.