Малоцветна незаборавка (, syn. Myosotis micrantha) — растителен вид од родот незаборавка (Myosotis).

Опис Ова е едногодишно растение, високо од 5 до 40 см. Стебленцето му е вертикално, обично од основата многу разгрането, со кукесто свиткани влакна во основата, влакната во горниот дел на стеблото свртени нагоре или прилегнати. Базалните листови собрани во розета, копјести до елиптични, долги 10 до 30 мм, широки 2–5 мм, во основата стеснети, долната површина од листовите особено по жилите со кукесто свиткани влакненца. Стеблените листови копјести или елиптични, приседнати, долги до 25 мм, широки 2 до 5 мм, со исправени влакна. Цветовите збиени во врвниот дел во срповидно соцветие кое при образувањето на плодот е силно издолжено. Цветните дршки се куси, околу 1 мм, со прилегнати влакненца, при образување на плодот до 1,5 мм, свртени нагоре и косо поставени во однос на оската на соцветието, која е со нагоре свртени и прилегнати влакна. Долните цветови се со прицветници (1–2). Чашката e yвончевидна, при цветањето долга околу 2 мм, при образувањето на плодот се издолжува до 4 мм, всечена до половината на 5 издолжено-триаголни запци, со бројни кукесто свиткани влакна во долниот дел и со прилегнати или полустрчести влакна во горниот дел, не отпаѓа. Венчето е со куса венечна трубичка, одвај подолго од чашката, проширениот дел од венчето со пречник од околу 2 мм, светло до потемносино. Оревчињата се јајцевидни, во врвниот дел заострени, долги околу 1,5 мм, 1 мм широки, кафеави.

Живеалиште Живеалишта на малоцветната незаборавка се брдски пасишта, тревести места, камењари, почесто на силикатна подлога, но се среќава на серпенти и варовник. Се наоѓа на надморски височини од 200 до 1700 метра.

Распространетост Малоцветната незаборавка се среќава во Европа и Азија.

Во Македонија Во Македонија овој вид е застапен на Скопска Црна Гора – с. Побожје, Рамно, с. Арачиново; Жеденска Клисура – с. Рашче, с. Сулари; Куманово – Кокино, с. Младо Нагоричане, с. Малотино, с. Пелинце, Страцин – Карпински манастир, Мокро Езеро, Плоче; Велес – Св. Илија, Манговица – с. Пестришино, с. Мечкуевци; Кратово; Овче Поле – Богословец; Пробиштип; Штип – железничка станица „Ванчо Прке“; Кавадарци – с. Ресава , с. Бојанчиште; Валандово – манастирот „Св. Ѓорѓија; Гевгелија – Богданци; Струмица – с. Сушица, с. Иловица , с. Габрово; Огражден – с. Петралинци; планина Серта; Осоговски Планини – с. Калниште, Саса; Кочани – с. Истибања; Делчево – Македонска Каменица, Тодоровци, с. Луковица, с. Шашковица, Голак; Пехчево: Влаина Планина – Јудови Ливади; Радовиш; Плачковица – река Плаваја; Тетово – с. Рогачево; Шар Планина – с. Лисец, Попова Шапка, с. Долно Јеловце; Сува Гора, с. Лешница; Бистра – Смрека, с. Галичник, с. Кнежино, Меденица; Кичево – с. Цер; Галичица – Суво Поле; Прилеп – Маркови Кули, с. Загорани, с. Мраморани, с. Лознани, с. Кукуречани, Црновршка Река, Дабничка Планина; Мариово – с. Вепрчани, с. Манастир, Селечка Планина, Расимбегов мост, Рамниште, с. Дуње; Преспа – с. Крани.

Наводи

Категорија:Незаборавка Категорија:Флора на Македонија