Сомерсет (, или ; историски: Somersetshire) — церемонијална и неметрополска грофовија во Англија, сместена во југозападниот дел на земјата. Зафаќајќи површина од 4.171 квадратен километар, Сомерсет граничи со Бристол и Глостершир на север, Вилтшир на исток, Дорсет на југоисток и Девон на југозапад. На север и запад, територијата на грофовијата е делумно ограничена од Бристолскиот Залив и устието на реката Северн. Административен центар на грофовијата е градот Тонтон, сместен во неговиот јужен дел. Според пописот од 2011 г., Сомерсет има население од 910.000 жители.

Територијата на грофовијата е претежно селска и ридска област. Постојат докази дека оваа област била населена уште од епохата на старото камено време, а населбите опстојале и во првиот век од нашата ера за време на римската наезда, како и во подоцнежниот ран среден век под англосаксонска власт. Сомерсет одиграл значајна улога кога Алфред Велики ги собирал своите сили против Викинзите, како и во подоцнежната Англиска револуција и востанието на Монмут.

Земјоделството е основа на економијата на грофовијата. Одгледувањето овци и говеда, вклучително и за производство на волна и сирење (пред сѐ чедар), е истовремено традиционална и современа дејност во регионот, како и поконкретното одгледување врби за плетење кошници. Некогаш во Сомерсет имало бројни овоштарници со јаболка, па грофовијата до ден-денес е позната по својата силна јаболковина. Стапката на невработеност е пониска од националниот просек. Најголеми сектори за вработување се трговијата на мало, индустријата, туризмот, здравството и социјалната заштита. Растот на населението е повисок од просекот во земјата.

Наводи

Надворешни врски

Somerset Council Official Somerset Tourism website Somerset Day

Категорија:Грофовии во Англија