Ибрахим Темо (22 март 1865 – 5 август 1945) е важна историска фигура, која е дел од политичката историја на повеќе современи држави, како што се Турција, Романија и Албанија. Тој во текот на својот живот бил вклучен во повеќе различни општествени области и имал неколку различни професии (бил доктор, новинар и политичар). Сепак, може да се каже дека неговиот политички ангажман ги надминал сите други сегменти од неговиот живот.

Биографија

Ран живот и образование Ибрахим Темо е роден на 22 март 1865 година во Струга. Неговото вистинско име е Ибрахим Етхем, а прекарот Темо претставува скратеница од Етхем. Неговиот татко, кој бил трговец, потекнувал од семејство дојдено од Албанија. Основното образование го завршил во Струга, по што во 1881 година отишол во Истанбул. Покрај мајчиниот, албански јазик, го знаел и турскиот, а ги научил и францускиот и арапскиот јазик.

Во Истанбул се запишал во средното медицинско училиште во Ахиркапи (Ahırkapı Tıp İdâdîsi), каде што го продолжил образованието во текот на следните две години. Поради финансиски тешкотии се преместил во интернатот на Военото медицинско средно училиште во Кулели (Kuleli Askerî Tıbbiye İdâdîsi). По завршувањето на ова училиште се запишал на Медицинскиот факултет во Истанбул (Mekteb-i Tıbbiye-i Şahаne). Дипломирал во 1892 година, публикувајќи ја тезата за болеста беснило. Во студентските години со сопствени средства ја испечатил и книгата Семеен доктор (Aile Tabibi), за која сметал дека ќе им биде корисна на луѓето во справувањето со секојдневните здравствени проблеми.

Политичка дејност и основање на комитетот „Единство и напредок“ Покрај редовните обврски, за време на студирањето тој, исто така, читал политички и книжевни дела, а за краток временски период имал можност да се сретне со различни лидери и претставници на политички групи во Истанбул. Контактирал со истакнатите албанските културни дејци Шемсуддин Сами и Наим Фрашери, кои во тоа време работеле во Истанбул. Имал можност да запознае нови луѓе во оваа средина и да се сретне со османлиските патриоти какви што биле Исхак Сукути, Мехмет Решит и Абдула Џевдет. Заедно со нив, Ибрахим Темо го создал јадрото на комитетот „Единство и напредок“. Темелите на овој комитет во Истанбул биле поставени на Медицински факултет, а неговото прво име гласи „Османлиско единство“.

Според кажувањата на Темо, на 2 јуни 1889 година четворица студенти под негово водство се собрале во градината на Медицинскиот факултет во Истанбул и си ветиле дека ќе ја спасат државата од Абдул Хамид II. Четворицата студенти (Ибрахим Темо, Исхак Сукути, Абдула Џевдет и Мехмед Решид) се здружиле револтирани од политичките притисоци, кризата во државата и од опасноста од нејзино распарчување. Како израз на незадоволството од управувањето на Абдул Хамид II, тие го формирале комитетот „Единство и напредок“. Потоа Ибрахим Темо заминал за Италија со цел да ја проучи организацијата „Карбонари“. Ибрахим Темо учествувал на тајните состаноци на организацијата и објавувал статии во списанието Замислен свет (Musavver Cihan). Во текот на својата политичка активност по формирањето на комитетот, Темо неколкупати бил апсен, но по сослушувањата секогаш бил пуштан на слобода.

Прогонство во Романија По откривањето на комитетот и поради сè почестите притисоци од тајните државни служби, во 1895 година, со цел да избегне затворање, тој се качил на романски брод и избегал во градот Констанца во Кралство Романија. Подоцна се преселил во главниот град Букурешт. Една година работел во букурешката болница, каде што ја започнал специјализацијата за очни болести. За време на престојот во Романија, Ибрахим Темо не се откажал од политичките врски. Тој основал ограноци на комитетот „Единство и напредок“ во многу романски градови и станал предводник на овој комитет на Балканот. Во Романија започнал да го издава списание наречено Гласот на народот (Sadâ-yı Millet), но наскоро тоа било укинато поради притисоците од османлиската влада. Поради тоа што стравувал дека османлиската влада ќе побара негова екстрадиција станал романски државјанин. Со цел да ја заврши специјализацијата за очни болести, заминал за Париз, каде што имал средби со разни лидери на комитетите во Европа и зел активно учество во обидот за ликвидирање на Абдул Хамид II, кој завршил неуспешно.

Подоцнежни години Ибрахим Темо се вратил во Истанбул по Младотурската револуција и по прогласувањето на втората уставна ера (1908). Бил назначен за инспектор по медицина во Министерството за здравство, а потоа и за директор на Домот за заштита на сиромашни и хендикепирани деца и деца без родители (Dârülaceze). Бидејќи не можел да го најде своето место во променливата структура на „Единство и напредок“, станал основач на Османлиската демократска партија. Напишал и голем број анонимни статии против организацијата „Единство и напредок“, кои биле објавени во повеќе списанија. Ибрахим Темо повторно се вратил во Романија, но кога почнала Првата светска војна (1914), дошол во Истанбул со неколку свои пријатели. Тука почнал да го објавува весникот Светлина (Işık), но не можел долго време да продолжи со оваа активност. Кога Романија влегла во Првата светска војна, Темо зел учество во неа како командант на романската војска.

Додека престојувал во Романија, станал член на партијата „Народна лига“ (Liga Poporului) и како нејзин претставник станал сенатор во романскиот парламент. Темо, кој извесно време ја извршувал и функцијата претседател на областа (реонот) на Меџидија, од истата партија бил кандидиран и привремено работел и за градоначалник. Во 1922 година продолжил да пишува медицински и политички написи во турските списанија. Ибрахим Темо починал на 5 август 1945 година во градот Меџидија во Романија.

Извори

Категорија:Младотурско движење