Ал — недовршен роман на Живко Чинго објавен постхумно во 1989 година. Раскажувањето во романот е предадено преку омнисцентен раскажувач за главниот лик, Ал. Темата е животот на Ал, сираче кого го изгледала бабата Ликирија. „Преку бајковидна структура се опишува процесот на созревање на единката која поминува низ многуте етапи на иницијација преку кои главниот јунак – детето со чудно име Ал ги осознава категориите чесност, праведност и вистинољубивост.“ https://mke.iml.edu.mk/Home/Avtor/212
Структурна обработка
Чинговиот недовршен роман „Ал“ се карактеризира со едно моќно чувствено пишување, ги загатнува прашањата од етичноста, што е тоа добро, што е тоа лошо. Читателот со навлегувањето во раскажувањето се определува за моралниот светоглед на главниот лик, онака како што и моќниот раскажувач Чинго сугерира. Но, текстот на Чинго не морализира туку, како и сета проза на Чинго, ова е дело што раскажува приказна.
Во стилот на народната приказна, на бајковит начин, со многу лиричност и поетичност на разговорниот јазик, се раскажува приказната за животот на Ал, наречен така од баба си (ал-несреќа, беда, таксират), бидејќи останува сираче по смртта на мајка си при пораѓањето. Ал е задоен со збор, раскажувањето на приказни од страна на баба си Ликирија, станува негова храна преку која тој расне како личност.
Романот „Ал“ е составен од 10 поглавја со повеќе епизоди во куќата на бабата и вујкото на Ал и случувања од раѓањето на Ал, до неговото определување за џамџискиот занает. Најверојатно, претставува само прв дел од едно поголемо замислено дело, кое не дочекало да светне во сиот свој сјај, поради прераната смрт на авторот.
Чинго, со својот сугестивен начин на пишување го врзува читателот да продолжи да чита и да ги открива фантастичните случувања во стилот на магискиот реализам, каде чудното и нереалното навлегува во реалноста. Јазикот на Чинго е поетичен, разговорно накитен со елементи на усно предание, беспоштеден во својот израз, суров, потресно- жив и неспоредлив во својата вистинитост. Поетското кај Чинго нема ништо заедничко со она поетизирање кое го среќаваме кај другите наши писатели каде се расплинува епското. Тој е оригинален во својот израз и е „неизбежен природен одблесок на едно доживување на светот“. Милан Ѓурчинов, Современа македонска книжевност, Мисла, 1983, Скопје, Живко Чинго. стр. 264
Наводи
Поврзано Живко Чинго Современа македонска книжевност
Категорија:Македонски романи Категорија:Живко Чинго Категорија:Романи кои се одвиваат во Македонија Категорија:Македонски дела од 1989 година Категорија:Појавено во 1989 година во Македонија Категорија:Книги од 1989 година