Носии од Разлошко — припаѓаат на Струмско-местанската етнографска целина и ги носат нејзините основни карактеристики. Разлошкиот регион ја опфаќа Разлошката котлина и се се наоѓа во денешна Република Бугарија. Носиите од Разлошкиот регион - с. Белица, с. Добрско, с. Добриниште, Јакоруда и др. по своите карактеристики, елементи и орнаментика се тесно поврзани со носијата од Банско.
Женска носија Женската носија се состоела од долга бела кошула изработена од платно, украсена со вткаени растителни мотиви по ракавите и долниот раб. Над кошулата се носел клашеник — безракавен бел волнен елек, долг до колена, декориран по рабовите со црни гајтани. Појасот бил темноцрвен, а скутината (или прескутник/пештемал) била ткаена во хоризонтални линии во повеќе бои. Скутините на девојките и младите жени имале декоративни орнаменти, најчесто во црвена основа. За свечени пригоди се носела аба или сињовица — облека од темносина валана волнена ткаенина со високо префрлени поли наназад. Во првите децении на 20. век, абата била заменета со забун или антерија — волнена облека во виолетово-црвени нијанси со бели мотиви, долга до средината на листовите, со долги или без ракави. По нејзиното воведување во невестинската носија, се носеле два до три забуни од различни материјали и должини. Сепак, традиционалниот забун со обредна симболика останал задолжителен елемент во венчалната носија, носен над сите останати облеки. На почетокот на 20. век, во село Јакоруда се појавува нова женска облека без ракави — фустанела, изработена од црвена волнена ткаенина. Таа брзо се проширува низ целиот Разлошки крај. Со својата форма, фустанелата се разликува од традиционалните кроеви: долга под колена, тесна горе, раширена и набрана долу, завршува со црни ширити како бордура. Првично се носела над бела платнена кошула, а потоа и во комбинација со урбани парчиња облека. Скутината со оваа облека е украсена со мали ромбовидни вткаени шари, а нејзин автентичен елемент се коланчињата наречени лишници — вид врвци ткаени на разбој без брдо. Околу струкот носијата се надополнувала со колан украсен со нанижани монистра.
Машка носија Машката носија од овој регион содржела бела кошула со манжетни на ракавите, црни шајачни панталони – чашири, со долги ногавици, зајакнати во долниот дел со двојни колчази, црн шајачен елек со преклоп на градите, и горна облека како копчалија или доламка, исто така направена од црна волнена ткаенина со долги ракави. Младите мажи носеле ткаен ален појас (црвен), додека постарите избирале виолетово-црвен. На нозете се носеле бели волнени чорапи и опинци од говедска кожа, изработени рачно или од локален занаетчија. Главата се покривала со калпак — вид шубара со изразен врв.
Наводи
Категорија:Струмско-местанската етнографска целина