Сидни Бернис Свини (; р. 12 септември 1997 г.) — американска глумица. Привлекла внимание во 2018 година појавувајќи се во телевизиските серии Сè е за никаде! и Приказната на робинката, и во минисеријата Остри предмети. Следната година, добила улога во филмот Си било еднаш во Холивуд, режиран од Квентин Тарантино.

Свини добила пофалби за улогите во сериите Еуфорија (2019) и Белиот лотос (2021), кои ѝ донеле номинации за две награди Еми. Во 2023 година, ја толкувала Ријалити Винер во драмата Ријалити и играла главна улога во романтичната комедија Само не ти. Во 2024 година, глумела во суперхеројскиот филм Мадам Веб, и во филмот на ужасите Безгрешна.

Рани години Сидни Свини е родена на 12 септември 1997 година, во Спокен, Вашингтон. Нејзината мајка Лиза e поранешна адвокатка, а нејзиниот татко Стивен е угостител. Таа има помлад брат. Свини израснала во северниот дел на Ајдахо, во селска средина, во дом во кој живееле пет поколенија од нејзиното семејство. Изјавила дека има „верско семејство“.

Сидни се школувала во средното училиште Свети Џорџ во родниот град. Била активна во бројни спортови, изјавувајќи: „Се занимавав со секој можен спорт. Бев дел од фудбалскиот тим, бејзболскиот тим, скијачкиот слалом-тим, се занимавав со вејкбординг.“ Свини изјавила дека имала вејкбординг-несреќа како дете, при што работ на нејзината даска се придвижил во правец наназад и ја пресекол во близина на окото, оставајќи ѝ трајна лузна.

Свини се заинтересирала за глума откако била на проба за статистка во независен филм што се снимал близу Спокен. За да ги убеди нејзините родители да ѝ дозволат да се занимава со глума, им претставила петгодишен деловен план. Свини започнала да оди на проби и добивала филмски улоги во Сиетл и Портланд, каде семејството привремено престојувало, сè додека не одлучила да се пресели во Лос Анџелес кога имала 13 години.

Во средно, Свини била дел од тимот за роботика и учествувала во математичкиот клуб. Била првенка на генерација во средното Брајтон хол во Бербанк, Калифорнија. Во 2016 година, кратко работела во филмското студио Универзал, но напуштила откако добила филмска улога. Кратко студирала на Универзитетот Калифорнија.

Кариера Почетоци

Свини ја започнала својата кариера со појавување во телевизиските серии 90210, Криминални умови, Вовед во анатомија и Слатки мали лажливки. Во 2018 година добила главна улога во серијата Сè е за никаде! на Нетфликс, во која се работело за две групи на средношколци во Орегон во 1996 година. Потоа се појавила во минисеријата на HBO, Остри предмети, играјќи ја улогата на Алис, цимерка што ликот на Ејми Адамс ја сретнува во психијатриска болница. Нејзиниот лик првично бил планиран да има помала улога, но режисерот продолжил да ја вметнува во сè повеќе сцени. За улогата, Свини проучила приказни на девојки што доживеале душевни болести и самоповредување, и посетила болници со пациенти што се самоповредиле.

Свини имала улога во филмот Скриена порака во 2018 година. Го играла ликот на Иден Спенсер, побожна девојка од тоталитарната и теократска Република Гилед, во втората сезона од дистописката серија Приказната на робинката. Таа исто така играла главна улога во филмот на ужасите Дојде и ѓаволот. Следната година, Свини се појавила во драмата Клементина, младешката комедија Деструктивна адолесценција, и во Си било еднаш во Холивуд на Квентин Тарантино.

Пробив Во јуни 2019 година, Свини започнала да го игра ликот на Кеси Хауард, млада девојка со промискуитетен углед во драмата на HBO, Еуфорија. Серијата била хит, станувајќи втора најгледана серија на HBO. Добила пофалби за својата изведба, како и номинација за Еми за најдобра споредна женска улога во драмска серија во 2022 година. Нејзините голи сцени во серијата добиле значително внимание, развивајќи дискусии за голотијата во филмската индустрија. И покрај тоа, Свини изјавила дека голотијата на екранот не ја смета за пречка.

Во 2020 година, Свини ја основала продукциската компанија Fifty-Fifty Films. Следната година, Свини се појавила во првата сезона од антологиската серија Белиот лотос на Марк Вајт играјќи улога на зајадлива студентка. За нејзината изведба, таа била номинирана за Еми за најдобра споредна улога во кратка или антологиска серија или филм во 2022 година. Нејзините успеси ѝ донеле место на списокот 100 наредни ѕвезди на списанието Time за 2022 година.

Во јануари 2023 година, Свини станала бренд-амбасадор на компаниите Armani Beauty и Laneige. Таа го играла ликот на Риалити Винер, ветеран на американските воздухопловни сили во драмата Риалити, кој премиерно бил прикажан на 73. издание на берлинскиот филмски фестивал. За нејзината изведба добила пофалби од филмските критичари.

Таа се појавила во музичкиот спот за песната „Angry“ на Ролинг стоунс од нивниот албум Hackney Diamonds од 2023 година. Спотот бил објавен во септември 2023 година. На 25-годишна возраст, Свини била именува во списокот Форбс 30 под 30 во категоријата славни личности. Свини играла заедно со Глен Пауел во романтичната комедија Само не ти, која била премиерно прикажана во декември 2023 година. Филмот бил хит, заработувајќи 220 милиони долари во светски рамки наспроти буџетот од 25 милиони долари. Свини била извршна продуцентка на филмот и била клучна во ангажирањето на Глен Пауел и режисерот Вил Глак.

Во 2024 година, Свини играла споредна улога во суперхеројскиот филм Мадам Веб. Филмот издаден во февруари 2024 година, добил одречни одзиви и бил трговски неуспешен. Во март, таа била водителка на епизода од емисијата Saturday Night Live. Потоа била продуцентка и играла главна улога во психолошкиот филм на ужасите Безгрешна. Првично се јавила на прислушување за проектот во 2014 година. Години подоцна, ги откупила правата за сценариото и го ангажирала честиот соработник Мајкл Мохан да режира. Подоцна во годината, глумела во трилерот Рај режиран од Рон Хауард и за нејзината изведба добила потврдни одзиви.

Личен живот Свини започнала врска со стопанственикот Џонатан Девино во 2018 година. Се вериле во 2022 година. Продуцирале филмови заедно (вклучително и Само не ти), и Свини го сметала Девино за нејзин „продуцентски партнер“. Се разделиле во 2025 година и нивната свадба, која била планирана за мај, била откажана.

Таа е ентузијаст за автомобили и реставрирала форд бронко од 1969 година и форд мустанг од 1965 година. Заедно со Форд, дизајнирала мустанг во 2024 година.

Наводи

Надворешни врски

Категорија:Родени во 1997 година Категорија:Американски глумци Категорија:Американски филмски глумци