Општата идеја за револуцијата во деветнаесеттиот век е влијателен манифест напишан во 1851 година од страна на анархистичкиот филозоф Пјер-Жозеф Прудон. Книгата нуди визија за совршено општество без граници, во кое националните држави не постојат, а централната власт и владините закони се укинати. Наместо тоа, моќта се распределува низ заедници и локални здруженија, кои функционираат врз основа на договорно право. Подоцна, идеите претставени во ова дело станале основи на либертаријанската и анархистичката теорија, а книгата денес се смета за еден од класиците на анархистичката филозофија.

Неговото прво издание било објавено во јули 1851 година, во 3.000 примероци и брзо било распродадено, а второто издание е објавено во август. Во тој период, Прудон ја отслужувал последната година од затворската казна, која започнала во 1849 година, поради неговата критика кон Луј-Наполеон Бонапарт, кого го нарекол реакционер.

Носечка тема на книгата била историската потреба од револуција и неможноста истата да се спречи. Дури и реакционерните сили несвесно придонесуваат за револуцијата, зашто ја поттикнуваат нејзината самосвест, додека во обид да го задушат неминовното, прибегнуваат кон сè побрутални методи. Прудон сметал дека токму експлоататорската природа на капитализмот ја создава потребата за влада и дека вистинската трансформација на општеството зависи од трансформацијата на неговата економска основа. Оттука, авторитарното владеење станувало непотребно.

Тој предложил Банката на Франција да стане „Банка на размена“, автономна демократска институција наместо монопол контролиран од државата. Железницата и големите индустриски капацитети требало да бидат дадени во рацете на самите работници. Неговата визија за иднината била самоуправувачко општество изградено од демократски организации, без централизирана власт што би ги контролирала.

Наводи

Греам, Роберт, „Општата идеја за револуцијата на Прудон“, Архива за анархија на колеџот Пицер .

Надворешни врски

Општа идеја за револуцијата во деветнаесеттиот век 1923 англиски превод од Џон Беверли Робинсон во складиштето за фер употреба

Категорија:Анархизам Категорија:Пјер Жозеф Прудон Категорија:Револуции во 19 век