„Жената на францускиот поручник“ (англиски: The French lieutenant's woman) — роман на британскиот писател Џон Фаулс од 1969 година.

Содржина Романот се состои од 61 глава. 1-15 глава: Дејствието на романот започнува во 1867 година, во малото село Лајм во југозападна Англија, каде одморот го поминуваат свршениците Чарлс Смитсон и Ернестина Фриман, која престојува кај својата тетка, госпоѓата Трентер. За време на една прошетка крај морскиот брег, тие здогледуваат осамена жена која упорно гледа во морската шир. Тогаш, Чарлс дознава дека месното население ја смета жената за луда и ја нарекува Трагедија или Женската на францускиот поручник, додека нејзиното вистинско име е Сара Вудраф. Таа живее како придружничка на старата конзервативна и религиозна вдовица, госпоѓата Полтни, која една година претходно, додека закрепнува од болеста, посакува да направи милосрден чин и така, по препорака на селскиот свештеник, ја вработува Сара. Претходно, додека работела како домашна воспитувачка, Сара се запознала со француски поручник за кого се грижела попреживеаниот бродолом. Таа се заљубила во него, но набргу, поручникот си заминал во татковината, а таа продолжила да го чека, надевајќи се дека тој ќе се врати. Набргу, Сара се истакнува во службата кај госпоѓата Полтни и ја стекнува нејзината доверба, иако постојано ја шпионира управничката на слугите. Еден ден, Чарлс, кој аматерски се занимава со палеонтологија, заминува да бара фосили во близината на селото и случајно налетува на Сара додека спие во тревата. Утредента, Чарлс, Ернестина и нејзината тетка ја посетуваат госпоѓата Полнти и таму Чарлс повторно има прилика да ја види Сара. Во меѓувреме, Сем, личниот слуга на Чарлс, ѝ се додоврува на Мери, убавата слугинка на госпоѓата Трентер, која претходно била избркана од госпоѓата Полтни.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 7-119. 16-21 глава: Неколку дена подоцна, Чарлс повторно ја среќава Сара и за првпат разговара со неа, нудејќи ѝ помош, но таа го одбива. По таа средба, тој сфаќа дека Сара го привлекува со својата необичност и почнува да се преиспитува. Истовремено, неговиот слуга Сем сфаќа дека е заљубен во слугинката Мери така што и тој го преиспитува својот живот. По неколку дена, Сара намерно му приоѓа на Чарлс на морскиот брег и очајно го моли за помош, а тој бега од местото, збунет и исплашен. Вечерта, Чарлс разговара со докторот Гроган, кој му потврдува дека Сара страда од тешка меланхолија. Два дена подоцна, според нивниот претходен договор, Сара и Чарлс повторно се среќаваат на едно скришно место каде таа му раскажува за својата авантура со францускиот поручник Варген: по претрпениот бродолом, додека таа се грижела за него, Варген ѝ се додворувал, а во тоа време, таа била многу несреќна поради својата положба и копнеела по брак и среќен живот; кога закрепнал, Варген заминал во соседниот град, чекајќи ја неа, а таа му се придружила по неколку дена; тогаш, таа сфатила дека тој е само обичен измамник и дека нема никакви сериозни намери, но сепак, во очај и со цел да се казни себеси, прифатила да води љубов со него. За време на оваа средба, Сара го прифаќа советот на Чарлс, кој ја убедува да се исели од селото, нудејќи ѝ парична помош. Во мигот кога сакаат да се разделат, тие налетуваат на Сем и Мери кои имаат љубовен состанок на морскиот брег, така што Чарлс и Сара се принудени да се скријат.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 120-198. 22-34 глава:Чарлс добива телеграма и итно заминува кај неговиот богат стрико. Тој се враќа со непријатната вест дека најверојатно ќе остане без наследството зашто стрико му решил да се ожени. Истовремено, по враќањето во Лајм, тој дознава дека госпоѓата Полтни ја отпуштила Сара, која исчезнала. Меѓутоа, Чарлс добива две писма од неа со молба за уште една тајна средба. Тој го посетува докторот Гроган, кој насетува дека Сара го привлекува Чарлс. Гроган го советува Чарлс веднаш да замине во Лондон, а тој да се сретне со Сара и да се обиде да испрати на лекување во приватна душевна болница. Чарлс се согласува со предлогот на докторот, меѓутоа ноќта се обвинува себеси поради разговорот со Гроган. Измачен од совеста, изутрината заминува во потрага по Сара и ја наоѓа во една напуштена колиба во близина на морето. Не можејќи да ги контролира чувствата, Чарлс ја бакнува Сара, која му признава дека е вљубена во него. Но тогаш, таму пристигаат Сем и Мери, кои така ја откриваат тајната на Чарлс. Тој ѝ дава пари на Сара и ја наговара да го напушти Лајм, а потоа се разделуваат. Потоа, Чарлс се враќа во Лајм за да се поздрави со Ернестина на која ѝ кажува дека веднаш мора да замине во Лондон.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 199-280. 35-55 глава: Сара го напушта Лајм и заминува во Ексетер, каде изнајмува соба во еден хотел. Во Лондон, Чарлс го известува татко ѝ на Сара за изгубеното наследство, а господинот Фриман му нуди работа во својата трговска фирма. Потиштен од разговорот, Чарлс оди во својот клуб, каде се опијанува заедно со двајца стари другар. Тројцата другари одат во јавна куќа, но Чарлс си заминува, но потоа наоѓа улична проститутка која го потсетува на Сара. Во нејзината соба, нему му се слошува, а кога таа му кажува дека се вика Сара, тој почнува да повраќа. Утредента, Сем му го соопштува својот план да се ожени со Мери и да отвори трговски дуќан при што му бара пари на заем. Истовремено, Чарлс добива писмо од Сара која му ја кажува својата адреса во Ексетер. Тој го гори писмото по што, заедно со Сем, заминува на пат за Лајм, но патем застанува во Ексетер и оди во хотелот каде што престојува Сара, а во меѓувреме скришно го следи Сем. По почетната воздржаност, Чарлс и Сара им се препуштаат на страстите и водат љубов, а тогаш Чарлс открива дека Сара е невина, односно дека нејзината приказна за половиот однос со Варген била лажна. За време на нивната кратка средба во хотелската соба на Сара, таа му признава дека уште при првата средба се заљубила во него, но му наредува да си замине, свесна дека не може да му стане жена. По напуштањето на хотелот, Чарлс влегува во една црква, каде се преиспитува и конечно сфаќа дека целокупниот живот му бил погрешен, зашто не живеел онака како што сакал, туку само ја исполнувал должноста кон општеството. Тој ѝ испраќа писмо на Сара во кое ѝ ја искажува својата љубов и желбата да се ожени со неа, а потоа се враќа во Лајм. Чарлс веднаш ја посетува Ернестина и ја раскинува свршувачката, признавајќи дека сака друга жена (но го кажува нејзиното име), а таа е запрепастена од неговата изјава. Сем дава отказ и го напушта Чарлс со цел да се ожени со Мери. По краткиот разговор со д-р Гроган, Шарлс веднаш го напушта Лајм и заминува во Ексетер, каде дознава дека Сем го измамил и не ѝ го доставил писмото на Сара, а таа изутрината заминала во Лондон.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 281-426. 56-59 глава: Неколку месеци, Чарлс и четворица детективи насекаде ја бараат Сара, но без никаков успех. Во меѓувреме, под притисок на адвокатите на господинот Гриман, Чарлс мора да потпише изјава со која целосно ја прифаќа вината за раскинувањето на брачниот договор со што неговиот углед во јавноста е целосно уништен. Бидејќи не може да ја пронајде Сара, тој одлучува да отпатува во странство. Дваесет месеци подоцна, во февруари 1868 година, Сем и Мери се веќе во брак и живеат во Лондон при што имаат ќерка, а Мери е повторно бремена. Со помош на госпоѓата Трентер, Сем работи во фирмата на господинот Фриман, каде се истакнува во работата. Сепак, наспроти материјалната удобност, тој нема душевен мир, зашто го гризе совеста поради нечесната постапка кон Чарлс. Еден ден, во близината на нивниот дом, Мери ја здогледува Сара. Во меѓувреме, по 15-месечно патување низ Европа, Блискиот Исток и Египет, исполнето со читање и пишување поезија, на Чарлс му станува здодевно и накратко се враќа во Лондон, каде објавува огласи во весниците, но повторно не може да ја пронајде Сара. Губејќи ја надежта, конкрајот на 1868 година тој заминува во Бостон, а оттаму посетува и неколку други градови во САД. Во меѓувреме, на Сем и Мери им се раѓа син, но него сè уште го пече совеста и еден ден, зимата 1869 година, за време на престојот во Њу Орлеанс, Чарлс добива телеграма од својот адвокат дека Сара е пронајдена во Лондон. Со првиот брод, Чарлс се враќа во Лондон.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 427-457. 60-61 глава: Чарлс оди во куќата во која живее Сара, која работи како секретарка на познатиот сликар Данте Росети кој живее заедно со братот (познат поет) и со сестрата (исто така, поетеса). Кога ја здогледува, веднаш сфаќа дека Сара е целосно изменета, а таа му кажува дека е исполнета и задоволна од животот и дека е потполно среќна и дека не сака да се омажи за никого, туку сака да ја зачува својата лична слобода и независност. Исто така, таа му кажува дека цело време знаела за раскинатиот брачен договори и за огласите во весниците. Од нејзините зборови Чарлс се чувствува повреден и сака да си замине, но тогаш Сара го замолува да остане во собата за да разговара со сестрата на Данте Росети, но наместо неа, во собата влегува слугинката со девојче. Чарлс сфаќа дека тоа е неговата ќерка, а потоа во собата влегува Сара и тројцата се гушкаат. Сепак, во последната глава, авторот прикажува поинаков крај на средбата меѓу Чарлс и Сара: кога налутениот Чарлс сака да ја напушти собата, Сара го задржува, но тој сепак излегува надвор, а пред да ја напушти куќата, ја здогледува слугинката која држи девојче во прегратката, обидувајќи се да му каже нешто. Меѓутоа, Чарлс излегува надвор и застанува на брегот од Темза, свесен дека Сара нема никогаш да биде негова жена и дека ќе мора да го продолжи животот без неа.Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021, стр. 458-487.

За делото Во ова дело, Џон Фаулс се обидува да даде анализа на противречностите на викторијанската епоха која ги поставила темелите на современите општетсвени дискурси. Веднаш по неговото објавување, романот станал модерен класик и најпопуларниот постмодерен историски роман. Според весникот „Њујорк тајмс“ (New York Times) се работи за брилијантен , „беспрекорно раскажан, страстен роман исполнет со волшебни мистерии и со софистицирани еротски наговестувања.“. Слично, и весникот „Дејли мејл“ (Daily mail) го нарекува „чудесен роман кој може да се чита одново а во него секогаш да се најде нешто ново.“Džon Fauls, Žena francuskog poručnika. Laguna, Beograd, 2021.

Наводи

Категорија:Дела на Џон Фаулс Категорија:Англиски романи Категорија:Романи на англиски јазик Категорија:Книги од 1969 година Категорија:Романи кои се одвиваат во Англија