Антуан Серлом Семењо (роден на 7 јануари 2000 година, во Челси) — гански фудбалер, напаѓач на Манчестер Сити и на ганската репрезентација.

Биографија Таткото на Семењо, Лери, е поранешен фудбалер, играјќи како играч од средниот ред за Окваву Јунајтед во Премиер лигата на Гана.

Помладиот брат на Антуан Џаи Семењо е исто така професионален фудбалер. Моментално игра за Истли во Националната лига на Англија.

Технички карактеристики Напаѓач кој може да игра и како лево крило, десно крило или втор напаѓач. Поседува голема брзина, добра техника и шут.

Клупска кариера Почетоци и рана кариера Роден во Лондон, Семењо бил на проби во неколку клубови во својата рана кариера вклучувајќи го и Кристал Палас.

Во 2017 година, на 17 годишна возраст, Семењо потпишал за Бристол Сити, откако импресионирал на фудбалската академија на Колеџот Јужен Глостершир и Страуд.

На 19 јануари 2018 година, дванаесет дена по неговиот 18-ти роденден, Бристол Сити го позајмил Семењо на Бат Сити во Националната лига југ, шесттото ниво на англискиот фудбал. Своето деби го направил веќе следниот ден, играјќи во победата со 2-0 на домашен терен над Конкорд Ренџерс. На 2 април 2018, во победата со 5-1 над Глостер Сити, Семењо влегол како замена во првото полувреме и ги постигнал последните два гола за Бат Сити, што биле и неговите први во кариерата. Кон крајот на истиот месец, тој постигнал уште еден гол, во победата со 2-0 во гости над Велинг Јунајтед.

Бристол Сити По завршувањето на сезоната во Националната лига југ, во која забележал 14 настапи и 3 гола за Бат Сити, Семењо се вратил во Бристол Сити во мај 2018, што му овозможило да дебитира и за својот матичен клуб. Своето деби за Бристол Сити го имал во последното коло од Чемпионшип 2017–2018, второто ниво на англискиот фудбал, влегувајќи како замена во второто полувреме на местото на Лојд Кели во поразот со 3–2 од Шефилд Јунајтед на Ештон Гејт.

На 18 јули 2018 година, Семењо бил позајмен на Њупорт Каунти во Лига Два до крајот на сезоната 2018-2019. Тој го направил своето деби за Њупорт во поразот со 3–0 од Мансфилд Таун на 4 август 2018 година, влегувајќи како замена во второто полувреме. На 14 август 2018 година, тој го постигнал својот прв гол за Њупорт во победата со 4–1 над Кембриџ Јунајтед во Лига купот. На 13 октомври 2018, Семењо постигнал гол во осмата минута од судиското надополнување со кој му донел победа на својот тим од 2-1 над Стивениџ, што бил неговиот прв погодок во Лига Два. Тој постигнал уште два гола и имал уште две асистенции, пред неговата позајмица да биде прекината од Бристол Сити на 28 јануари 2019.

Откако Семењо се вратил во Бристол Сити, веднаш бил приклучен во првиот тим и му бил доделен дресот со број 18. Првиот повик за настап го добил на 9 февруари 2019 за натпреварот од Чемпионшип на гости против Блекбурн Роверс, останувајќи неискористена замена. Сепак, околу месец дена подоцна, на 2 март 2019, тој го имал својот прв настап за сезоната 2018-2019, заменувајќи го Калум О'Дауда во 53-тата минута од првенствениот натпревар на гости против Престон Норт Енд кој завршил нерешено 1-1. На 27 април 2019 година, Семењо го добил својот прв црвен картон во кариерата за старт над Том Хадлстоун во натпреварот против Дарби Каунти, поради што добил суспензија од три натпревари и не можел да учествува во последните два натпревари од сезоната, завршувајќи ја истата со само 4 одиграни натпревари.

Во јуни 2019, тој потпишал нов четиригодишен договор со клубот. Во првата половина од сезоната 2019-2020, тој редовно добива повик за натпреварите на Бристол Сити, но со скромна минутажа: одиграл само 11 натпревари во сите натпреварувања, од кои само во 4 бил стартер и дури во 19 останал на клупата како неискористена замена. Поради оваа причина во последниот ден од јануарскиот трансферен прозорец на 2020 година, Семењо се приклучил на Сандерленд во Лига Еден на шестмесечен договор за заем до крајот на сезоната 2019–2020. Сепак, ниту таму не се наиграл, забележувајќи само 7 настапи (само еднаш од почетокот) за црните мачки без ниту еден постигнат гол.

Во сезоната 2020-2021, под водството најпрво на менаџерот Дин Холден, а потоа и на Најџел Пирсон (кој го заменил отпуштениот Холден), Семењо го направил својот пробив во Бристол Сити, станувајќи стандарден првотимец во текот на сезоната која ја завршил со 44 настапи и два гола во Чемпионшип. На 5 септември 2020, тој го постигнал својот прв гол за Бристол Сити во победата со 2-0 против Ексетер Сити во Лига купот. Својот прв гол во Чемпионшип го постигнал на 27 февруари 2021, гол со кој ја заверил победата на гостувањето кај Свонзи Сити (3-1) во последните секунди од натпреварот. Заедно со куповите, Семењо се појавил во игра во 50 натпревари на Бристол Сити за сезоната и постигнал 5 гола.

На 15 јануари 2022, тој постигнал два гола на еден натпревар - за првпат како играч на Бристол Сити - во поразот со 6-2 на гостувањето кај Фулам. Подоцна, тој бил избран за играч на месецот јануари во Чемпионшип, откако забележал 3 гола и 3 асистенции. Сезоната 2021-2022 ја завршил со 32 настапи и 8 гола, а само Андреас Вајман (22) и Крис Мартин (12) постигнале повеќе голови за клубот во оваа сезона.

Во сезоната 2022-2023, Семењо постигнал 8 гола на 27 натпревари, по што го напуштил Бристол Сити во јануари 2023. Вкупно за клубот одиграл 125 натпревари и постигнал 21 гол.

Борнмут На 27 јануари 2023 година, Борнмут го купил Семењо за 10 милиони фунти, потпишувајќи четири и пол годишен договор со играчот. Своето деби за клубот, а воедно и во Премиер лигата на Англија, Семењо го направил на 4 февруари 2023, во поразот со 1-0 на гостувањето кај Брајтон енд Хоув Албион. Тој го започнал и го одиграл целиот натпревар на позицијата централен напаѓач. Својот прв првенствен гол го постигнал на 30 април 2023 година во победата со 4–1 на домашен терен над Лидс. Првата сезона со црешите ја завршил со 11 настапи (сите во Премиер лигата) и еден постигнат гол.

Следната сезона Семењо одиграл 36 натпревари и постигнал 8 гола за Борнмут. Својот прв гол за сезоната го постигнал на 19 август 2023, во поразот со 3-1 од на Анфилд. На 13 март 2024, Семењо постигнал два гола во второто полувреме во натпреварот против Лутон Таун инспирирајќи го својот тим да стигне до победа од 4-3 и покрај негативата на полувремето од 0-3 во еден од најнезаборавливите пресврти во историјата на Премиер лигата.

' На 8 јули 2024 година, тој потпишал нов договор со клубот до 2029 година. Сезоната 2024-2025, Семењо ја отворил со погодок во првиот натпревар за сезоната, ремито 1-1 на домашен терен против Нотингем Форест. На 31 август 2024, Семењо го постигнал првиот гол за Борнмут во 87-мата минута со кој го започнал пресвртот во последните минути од натпреварот против Евертон, помагајќи им на црешите да дојдат од негатива 2-0 до победа од 2-3. На 30 септември 2024, за време на неговиот 50-ти настап во Премиер лигата, тој постигнал гол во победата со 3-1 над Саутхемптон. На 2 ноември 2024, Семењо ја затресол мрежата и на Манчестер Сити во изненадувачката победа над шампионот на Виталити со 2-1. Својот петти гол за сезоната во Премиер лигата, го постигнал во уште една незаборавна победа на „црешите“ со 3-0 над Манчестер Јунајтед на Олд Трафорд. На 25 јануари 2025 година, тој го постигнал петтиот гол во победата на Борнмут од 5–0 над Нотингем Форест, продолжувајќи ја серијата на клубот без пораз во Премиер лигата на единаесет натпревари. На 14 април, Семењо го постигнал својот десетти гол во сезоната, со кој му донел победа на Борнмут над Фулам со 1–0 и ја прекинал серијата на тимот од шест натпревари без победа во Премиер лигата. Неговиот гол дошол по само 53 изминати секунди од натпреварот, што го правил третиот најбрз гол на Борнмут во Премиер лигата. Тој постигнал 11 гола во сезоната 2024-2025, што е негово најдобро лично достигнување во Премиер лигата.

Манчестер Сити На 9 јануари 2026 година, Семењо потпишал петиполгодишен договор со Манчестер Сити во трансфер вреден околу 75 милиони евра.

Репрезентативна кариера Иако е роден во Англија, Семењо има потекло од Гана, што го направило подобен да настапува и за оваа африканска земја.

Во 2022 година, тој прифатил да ја престатвува Гана на репрезентативно ниво, правејќи го своето деби на 1 јуни во победата со 3-0 над Мадагаскар во квалификациите за Африканскиот куп на нации 2023. Во својот четврти настап за репрезентацијата, Семењо го постигнал првиот гол, во победата со 2-0 над во пријателски натпревар одигран во Абу Даби на 17 ноември 2022.

Семењо бил вклучен во составот на Гана од 26 играчи за Светското првенство 2022 во Катар. Своето деби на турнирот го имал на 24 ноември во поразот со 3-2 од Португалија во првиот натпревар од групната фаза, заменувајќи Салис Абдул Самед во судиското надполонување. Тој, играл и во последниот натпревар од групата против Уругвај, повторно влегувајќи од клупата, кој завршил со пораз на Гана од 2-0 што значел и крај на турнирот за нив.

Тој настапил и на Африканскиот куп на нации 2023, каде играл во сите три натпревари на Гана од групата, која не успеале да ја минат.

Хронологија на репрезентативните настапи

Статистика Клупска статистика Статистиката е ажурирана на 28 декември 2024. Сезона Клуб Првенство Национален куп Континентален куп Останати купови Вкупно Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Лига Наст Гол Наст Гол 2017-2018 Бат Сити НЛЈ 14 3 ФАКуп 0 0 - - - ТФА 0 0 14 3 мај. 2018 ФЛЧ 1 0 ФАКуп+ЛК 0 0 - - - - - - 1 0 2018-јан. 2019 Њупорт Каунти ФЛ2 21 3 ФАКуп+ЛК 5+2 0+1 - - - ТФЛ 4 2 32 6 јан.-јун. 2019 ФЛЧ 4 0 ФАКуп+ЛК 0 0 - - - - - - 4 0 2019-2020 ФЛЧ 9 0 ФАКуп+ЛК 1+1 0 - - - - - - 11 0 2019-2020 ФЛ1 7 0 ФАКуп+ЛК 0 0 - - - ТФЛ 0 0 7 0 2020-2021 ФЛЧ 44 2 ФАКуп+ЛК 3+3 1+2 - - - - - - 50 5 2021-2022 ФЛЧ 31 8 ФАКуп+ЛК 1+0 0+0 - - - - - - 32 8 2022-јан. 2023 ФЛЧ 23 6 ФАКуп+ЛК 2+2 1+1 - - - - - - 27 8Вкупно Бристол Сити 112 16 13 5 - - - - 125 21 јан.-јун. 2023 ПЛ 11 1 ФАКуп+ЛК 0+0 0+0 - - - - - - 11 1 2023-2024 ПЛ 33 8 ФАКуп+ЛК 1+2 0+0 - - - - - - 36 8Вкупно Борнмут 44 9 3 0 - - - - 47 9Вкупно во кариерата 198 31 23 6 - - 4 2 225 39

Репрезентативна статистика

РепрезентацијаГодинаНастапиГолови Гана2022612023812024110Вкупно252

Титули Клупски Манчестер Сити Лига куп : 1 2025-2026 ФА Куп : 1 2025-2026

Поединечни Играч на месецот во Премиер лигата на Англија : Февруари 2026

Наводи

Надворешни врски

Антуан Семењо на soccerway Антуан Семењо на transfermarkt Антуан Семењо на espn Антуан Семењо на whoscored

Категорија:Фудбалери на ФК Бристол Сити Категорија:Фудбалери на ФК Сандерленд Категорија:Фудбалери на АФК Борнмут Категорија:Фудбалери на ФК Манчестер Сити Категорија:Фудбалери од Премиер Лига Категорија:Живи луѓе Категорија:Гански фудбалери Категорија:Родени во 2000 година Категорија:Фудбалери на Светско првенство 2026