Бангсаморо, службено: Автономен Регион Бангсаморо во Муслимански Минданао или БАРММ (; ; , Minṭaqah Banjisāmūrū dhātiyyah al-ḥukm; ) — автономен регион на Филипините, сместен во југозападниот дел на островот Минданао.
Создаден е како замена за Автономниот Регион во Муслимански Минданао (АРММ), со ратификација на органскиот закон по спроведениот дводелен референдум одржан на 21 јануари и 6 февруари 2019 г. во Западен Минданао. Ратификацијата е потврдена неколку дена подоцна од Изборната комисија на Филипините.
Основањето на Бангсаморо е плод на неколкугодишните мировни преговори помеѓу филипинската влада и неколку автономистички групи; особено истакнати меѓу нив се припадниците на Исламскиот ослободителен фронт Моро (МИЛФ), кои не го признавале АРММ и барале да се создаде регион со поголема самостојност. Во 2014 г. двете страни се согласиле на рамковен договор наречен Сеопфатен договор за Бангсаморо. По низа понатамошни преговори и расправи по извесни одредби на договорот, Конгресот на Филипините донел и ратификувал основен закон за регионот, денес наречен Органски закон за Бангсаморо; законот стапил на сила на 26 јули 2018 г.
И покрај прашањето на уставноста на регионот (поради бараниот парламентарен систем во држава со претседателски систем), судската власт немала приговори против органскиот закон, и потоа е спроведен дводелен референдум. Првиот бил за граѓаните АРММ по прашањето дали тој веднаш да се распушти и замени со Бангсаморо. Вториот бил за жителите на соседните општини и барангаи во покраините Северен Ланао и Котабато по прашањето на нивното приклучување кон новиот регион. По спроведената втора фаза, 63 барангаи од Котабато ѝ биле предадени на управата на Бангсаморо, зголемувајќи ја неговата територија.
Бангсаморо го заменил АРММ како единствениот автономен регион со муслиманско мнозинство на Филипините. Засега е во преодна фаза сè до 2025 г. Управата на Бангсаморо се смета за пробен случај во пошироката дебата околу уставните реформи и федерализмот.
Потекло на името Неодамна создадената кованица Бангсаморо е изведена од старомалајскиот збор бангса („народ“) и зборот Моро (збирен поим за разните муслимански народности на Филипините, од шпански моро, „Мавар“).
Покраини и други единици Бангсаморо се состои од 3 составни градови, 116 општини и 2.590 барангаи. Иако е дел од Басилан, градот Исабела не е под јурсдикција на автономниот регион. Во Бангсаморо влегуваат и 63 барангаи од Северен Котабато, иако Северен Котабато и нивните матични општини не се под јурисдикција на автономниот регион.
+ПокраинаСедиштеНаселение(2020)Површина(км2)Густина(жит./км2)ГрадовиОпштиниБарангаиБасиланЛамитан426.2071.103,5390111210Јужен ЛанаоМарави1.195.5183.872,93101391.159Северен МагинданаоДату Один Синсуат618.4213.653,6130012250Јужен МагинданаоБулуан723.7581.217,9150024258СулуХоло1.000.1081.600,4620019410Тави-ТавиБонгао440.2761.087,4400011203Котабато —325.079176,01.8001—37СГП —215.433824,3260——63 63 барангаи се дел од регионот, но нивните матични општини и матична покраина Северен Котабато не се дел од Бангсаморо; Податокот за површината на целиот Бангсаморо не ги вклучува овие барангаи. Статистичката управа на Филипините го употребила опфатот на поранешниот Автономен Регион во Муслимански Минданао за пописот од 2020 г. Градот Котабато и Специјалното Географско Подрачје (СГП) не биле вбројани во населението на Бангсаморо. Тие износи се вбројани во Сокксксарген. На 9 ноември 2021 г. управата решила да ги вброи градот Котабато и Специјалното Географско Подрачје во населението на Бангсаморо, а да ги изземе од Сокксксарген.
Демографија Согласно органскиот закон, бангсаморци имаат право да се нарекуваат потомците на жителите на Минданао, архипелагот Сулу и неговите соседни острови присутни на почетокот на шпанската колонизација.
Моро е збирен назив за разни, претежно муслимански народности. Маранајците и Иранунците сочинуваат голем дел од населението на регионот. Магинданајците се мнозинство во Специјалното Географско Подрачје (СГП) на покраината Котабато во регионот Сокксксарген. Таусужаните (Сулуанци), Јаканците и Самците се главни групи на архипелагот Сулу.
Има уште две позначајни малцинства кои живеат во регионот заедно со мнозинството: Лумадите и доселеничките заедници. Лумадите имаат пет позначајни групи, од кои најбројни се Тирурајците. Доселениците се претежно христијани од разни народности како Тагали, Висајци и Кинези.
Белешки
Наводи
Надворешни врски
Бангсаморо на Википатување Службен портал на Бангсаморо
Категорија:Региони на Филипините Категорија:Држави и територии настанати во 2019 година